Во пресрет на Меѓународниот ден на децата, Сивус викендов во дворот на компанијата организираше настан, во чии рамки децата на вработените, заедно со децата од Дневниот центар при Меѓаши, играа, спортуваа, се смееја и забавуваа. Најголема атракција беше настапот на маѓионичарот Кристиан, кој со своите трикови ги насмеа и развесели подеднакво и децата и возрасните.
Децата ги покажаа своите способности во разни спортови и детски игри, како и нивната посветеност и креативност преку работилниците каде цртаа и подготвуваа разни ракотворби и украси. Со купување на овие детски ракотворби се собираа средства за поддршка на СОС телефонот за деца и млади, кој речиси 20 години работи во рамките на Меѓаши како служба за директна помош и поддршка на децата.
“Покрај желбата да дадеме поддршка и помош на децата, со овој настан воедно одбележуваме и неколку важни поводи”, вели Бранка Бугариска, маркетинг менаџер на Сивус. “Имено, на 17 мај се одбележува Денот на Child Helpline International, која ги обединува СОС сервисите за помош на деца и млади од земји во светот. СОС линиите низ светотќе ја прослават својата клучна улога за детска заштита. На овој ден, исто така се одбележува и Светскиот ден на телекомуникациите и информатичката технологија, годишен настан кој е координиран од страна на Меѓународната унија за телекомуникации”, објаснува Бугариска.
“Со соработката со Првата детска амбасата во светот – Меѓаши, преку овој настан ја одбележуваме и 20 годишнината на оваа прва регистрирана меѓународна, невладина и непрофитна организација во Република Македонија за заштита на правата на детето. Дополнително, настанот го организираме и во пресрет на 1 јуни, Меѓународниот ден на децата”, додава Бугариска.
“Многу сме благодарни на Сивус кои својата игротека ја отворија и за децата и од Дневниот центар при Меѓаши, и со радост ги прифатија и заеднички се дружеа”, вели Даниела Трајковска, Координатор на СОС телефонот за деца и млади, при Првата детска амбасада во светот Меѓаши. “За децата од центарот ова дружење е од големо значење и претставува навистина посебен настан. Поминавме прекрасен, сончев и весел детски ден, кој верувам дека секогаш ќе го паметат”, додаде Трајковска.
Овој настан е дел од годишната програма наменета за децата на вработените на Сивус, насловена “Сивус Кидс” (“Seavus Kids”). Во рамките на програмата се опфатени повеќе активности, меѓу кои и поддршка на деца од магинализирани социјални групи.
За Сивус: Seavus® е компанија за развој на софтвер и консалтинг, основана во 1999 во Малме (Шведска). Денес, Сивус има повеќе од 500 експерти и докажано портфолио на успешни решенија, интеграција на бизнис системи и поддршка на голем број клиенти ширум светот. Групацијата Сивус оперира интернационално преку своите канцеларии во Шведска, САД, Македонија, Швајцарија, Белорусија и Србија. Повеќе информации на www.seavus.com или press@seavus.com.
За Меѓаши: Првата детска амбасада во светот – Меѓаши е призната како водечкамакедонска невладина организација за застапување ипромовирање на правата на децата. Основана е во 1992 година во Скопје, како светска асоцијација и прва регистрирана меѓународна, невладина и непрофитна организација во Република Македонија за заштита на правата на детето. Во рамките на Меѓаши од 1993 година континуирано функционира СОС трелефонот за деца и млади 0800 1 2222 (бесплатна линија), а од 2004 година и бесплатната правна служба. Овие служби се од јавен интерес за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните родители. Во текот на своето 19 годишно постоење на СОС телефонот за деца и млади се регистрирани над 18.250 пријави на различни видови проблеми со кои децата и младите секојдневно се соочуваат во своето опкружување. Повеќе информации на www.childrensembassy.org.mk.