Сценарио и Режија: Mathieu Kassovitz
Улоги: Vincent Cassel, Hubert Kounde, Said Taghmaoi
Прв филм на францускиот актер и режисер Mathieu Kassovitz, со кој се претстави во официјалната програма во Cannes 1995. Делово е драмска анализа на урбаните проблеми во модерното француско општество и е инспириран од (и правено за време на) социјалните немири кои се случуваат во Paris во првата половина на ’90-тите.
Еден од главните ликови прави паралела на маргинализираното друштво со еден виц во кој човек паѓа од висококатница и целото време си вели:„За сега е добро, за сега е добро….“ Токму таква е и ситуацијата во блоковите во Paris (сиромашните предградија во кои воглавно живеат емигрантите и нивните потомци), во кои кога доаѓа моментот на приземјување, доаѓа и моментот на освестување, но веќе е прекасно. Таквото нешто е последица на таа голема омраза која се таложи по улиците на предградијата, кои се (буквално) отфрлени од останатиот дел од градот и државата, која сјајот на убавите нешта љубоморно го чува само за себе, а она што не им се допаѓа, само го става под тепих. Но и под тој тепих се наоѓаат луѓе кои исто така сакаат да живеат како и останатите, но се вклештени од сите страни со невидливи – но ништо помалку реални – огради, во кои патролираат војниците на власта, момците во сино! Има една поговорка која вели: „Ако во еден железен лонец почнеш неконтролирано да трупаш глувци, по некое време ќе почнат да се јадат меѓусебе“: И начинот на кој се однесуваат луѓето, не се по многу разликува од однесувањето на глувците. Крајниот резултат е неконтролирана агресија и меѓусебно непријателство кај сите партиципиенти во таквото нешто.
Сторијата на филмот е приказ на еден ден (24 часа) на тројца лика од париските блокови, евреј, арап и црнец, за време на немирите кои го тресат велеградот. Четвртиот нивни пријател, пред два дена бил брутално претепан од полицијата и токму неговата зла судбина била чкрапалецот кој го испукал куршумот на судир помеѓу власта и узурпираните маргиналци. Сега тие тројца се полни со гнев и негативен набој, кој е посебно изразен кај Vince (Vincent Cassel), кој дава збор дека доколку нивниот пријател умре во болница, тој ќе „скине некој мурјак“, како чинј на освета, но и знак на протест дека таквата ситуација нема да се толерира. И покрај тоа, тие сепак го минуваат целиот ден во вообичаен ритам, се шетаат бесцелно низ населбата, прават дилови, пушат џоинт. Таквиот дух, со мали веријации, ќе потрае цел ден и вечер, се до утрото кога веќе и непланирано ќе го имаат конечниот судир со група полицајци.
Mathieu Kassovitz е комплетен автор на филмот, негово е сценариото, режијата, монтажата, финалната реализација. Сето тоа резултира со давање на еден моќен субјективен поглед на објективната ситуација која е прикажана во филмот. Значи, една силна социјална драма како финален продукт, која и тоа како разбрани целокупната француска јавност во тоа време, а самиот автор го стави на листата на едни од најперспективните нови француски филмски творци.
{youtube}yk77VrkxL88{/youtube}
Види ги сите наши рецензии!