Сценарио и Режија: Alex Proyas
Улоги: Rufus Sewell, Jennifer Connelly, William Hurt, Keifer Southerland
Уште во ’94 година, младиот режисер на ТВ реклами, Alex Proyas, беше избран да го адаптира на филм, не толку масовно познатиот стрип – „Гавранот“, без ниеден филм зад себе. Идејата била да се донесе некој млад и полетен, со смисла за визуелно. А тој не само што го испорача тоа, туку направи филм за кој и денес се уште се збори и за кој ќе се збори и во иднина. Четири години покасно, истиот, (сега) веќе препознатлив мрачен, готски стил, авторот го продолжи во развојот, со негова сопствена приказна. Резултатот беше исто така впечатлив како и претходникот – само не беше толку „извикан“ – филмот “Dark City” ги разгори страстите на сите љубители на темниот и секси начин на изразување! Филм чија основа е научна фантастика (SF), раскажана преку песимистичка романса и една иманентна неизвесност од непознатото кое насекаде околу (нас).
Човек кој го изгубил помнењето (или поточно воопшто не го пoседува), неговата наводно неверна жена, еден носталгично сентиментален инспектор и докторот – психијатар, кој е единствениот кој е запознаен со фактите за околината. Тоа се главните ликови, околу кои се врти дејствието во „Мрачниот Град“ и секако вонземјаните, или „туѓинците“, како што ги нарекуваат, кои ја контролираат судбината на сите!
Една ноќ John Murdock се буди во хотел со изгубено помнење, а во истата соба се наоѓа и свеж леш на убиена проститутка. Дознава дека е прогонуван од група на чудни луѓе и се дава во бегство. Успева да побегне од хотелската соба и ја започнува потрагата по самиот себе. Се обидува да стапи во контакт со својата жена, но и тоа не е лесно, бидејќи станува прв осомничен за сериските убиства што се случуваат во градот. Во текот на лутањето по градските улици, воочува дека нешто чудно се случува во градот (и неговите жители), во кој сонцето никогаш не изгрева. Дел по дел, почнува да добива одговор на поголемиот број на прашања, преку кратките средби што ги има со докторот Daniel Schreiber и така се јавува можност да пронајде решение за и на лавиринтот, кој го претставува самиот град. Сепак, знаењата за ситуацијата со кои се здобива, не нудат некој голем оптимизам, но сепак оставаат можност, затоа што John Murdock поседува нешто кое другите го немаат.
Филмот навистина има извонредна визуелна експресија, која ги растреперува сетилата и го насочува вниманието на целата слика, а не само на карактерите кои ја градат интригата, која од друга страна е потполно безгрешна. Извонредната конструкција на градот, високите груби згради со остри агли, појавата на „туѓинците“ која неизбежно посетува на изгледот на Nosferatu, ја даваат онаа Готска доза на гледачот, која и најзакоравените „розевисти“ нема да ги остави рамнодушни. Она што е оставено за крај и е климакс за перцепцијата, преку која умот целото време ни е бомбардиран со податоци кои механички не тераат да се обидуваме да дојдеме до заклучок за природата на самиот град, е навистина возвишено откровение. Впечатокот за иманентност кој доаѓа постепено со секоја измината минута, се распрснува како Супернова, кога се прикажува (буквално) трансцедентното постоење на тлото на кое се одвива дејствието. Низ сето ова патешествие, во грб ни „дува“ извонредна музика, која перфектно се вклопува во сликата за нештата кои ги доживуваме.
Самата сторија на “Dark City”, сигурно има никулец од времето пред рушењето на Берлинскиот ѕид, во кој светот, односно западната цивилизација, беше поделена на Исток и Запад, во кој Истокот беше демонизиран како една колективна машинерија која дели еден ум. Во филмов е претставена преку „туѓинците“, кои живеат одделно, во свој град од кој нема излез, а величењето на индивидуалноста, преку John Murdock, кој е олицетворение на идејата дека поединецот има моќ и самиот да ги победи – „само ако се сконцентрира“!
„Темниот Град“ во секој случај е одлична претстава за животот и начин на фантазирање од втората половина на 20 – от век и е сигурно еден од најдобрите SF филмови на деведесетите, кои почнаа со “The Lawnmower Man” во ’92г., a перфектно завршиja со “The Matrix”во ’99г.
{youtube}QrGSLMl1XFs{/youtube}
Види ја нашата рубрика со рецензии!