Сценарио и Режија: Joshua Marston
Улоги: Catalina Sandino Moreno, Yenny Paola Vega, Gielied Lopez, John Alex Toro
Филмов е првенец на сценаристот и режисер Joshua Marston и е слика за социјалниот живот во Colombia и дел од патот на дрогата од оваа латиноамериканска земја до САД – оној далеку понегламурозниот и пострашен, од она што вообичаено сме навикнати да го гледаме по филмовите со ваква тематика. Дејствието е раскажано преку портретирањето на 17 годишната Maria и нејзиниот тотално бесперспективен живот во рурална Colombia, бесмислената работа и исто таквиот дечко. Така ова е визура од најнизок ранг на наркотичното скалило – „очајните мазги“ кои (исто така) најниските криминални слоеви ги користат за транспорт на дрога во САД.
Младата Maria живее во провинциско гратче во Colombia и работи на плантажа за цвеќиња, живее со мајка си, сестрата и нејзиното бебе. Има дечко од кого останува трудна, но со кој не може да најде заеднички јазик за нивната иднина, која е еден голем вакум, полн со апсурд и бесперспективност. Кога еден ден сé ќе и дојде преку глава, решава да ја искористи единствената опција, која и се јавува преку еден млад тип кој ú ја нуди работата на „мазга“ или „муле“, односно да транспортира Хероин од Columbia во Америка.
Со дотогашниот тек на филмот, авторот ни прикажува документарно реална слика на тоа што при прва мисла изгледа крајно хазардерски ризик, а всушност станува единствена опција доколку сте сиромашна, невработена и згора на сé, трудна! Од тој момент филмот се претвара во извонредно драматична сторија, напната како било кој трилер. Maria мора да проголта 60 – тина гумени кугли, со големина на кајсија, наполнети со Хероин. Ако и само една од нив пукне во стомакот, смртта е неизбежна! Ако пак некоја испадне додека врши нужда – треба да ја испере и повторно проголта. И на крај, доколку успее да ги помине граничните контролни служби, не смее ниедна да недостасува, бидејќи на аеродромот чекаат криминалци, кои воопшто не размислуваат да ја распарчат со нож, во случај да мислат дека сака да ги прелаже. Тоа е авантурата во која се впушта Maria. Но таа не е глупа и проста – зад наивната фасада се крие силна одлучност и снаодливост, со што успева да ги премости препреките и дефинитивно ги вади нашите симпатии кон нејзе на виделина.
Можеби мал дискурс прави летот во авионот кој е крајно напнат, за да потоа филмот неизбежно загуби од својот залет, во делот кога Maria пристигнува во Америка. Но затоа одлично е прикажана суровата реалност со која ќе се соочи еден „падобранец“, кога ќе стигне во туѓина, па дури тоа да е и Америка, која нуди илјадници опции за самореализација. На сето ова придонесува извонредната глума на Catalina Sandino Moreno, која беше номинирана и за Оскар, а претходно на Берлинскиот филмски фестивал доби Сребрена Мечка за најдобра улога, а на која ова и е прва улога.
Сé на сé, “Maria Full Of Grace” е филм на повеќе дебитанти, кои многу ветуваат со оваа доста тешка приказна за раскажување, која нема да ве остави рамнодушни и без коментар.
{youtube}wqqoAzT4v78{/youtube}
Види ги Филмовите закачени на Штипка!