Сценарио и Режија: Nicolas Winding Refn
Улоги: Mads Mikkelsen, Leif Silvester, Anne Sorensen, Kurt Nielsen
Данецот Nicolas Winding Refn со „Дилер 2“ продолжува онаму кај што не остави со првиот дел, надополнувајќи и развивајќи ја драмата, за да во три различни приказни ја заокружи трилогијата “Pusher”, за главните ликови од неговата првобитна идеја. Овој дел всушност е правен според расказот на Hubert Selbey Jr. (“Requiem For A Dream”) и ни дава приказ за ситуацијата во која се наоѓа Tonny (од првиот дел), односно слично како и во првиот дел со Frank, неколку дена од неговиот живот. Режисерот со ваквиот пристап на развивање на нова сторија, за еден од своите споредни ликови од примарната идеја, дефинитивно успева да ја заскокотка нашата љубопитност, а истиот суров приказ и режија, како во претходникот, повторно на ставаат во онаа состојба на перципирање, која не нé остава рамнодушни.
Дејствието во ова продолжение се случува неколку години отпосле, кога Tonny излегува од затвор и се обидува да се адаптира во старо – новата средина. Но се разбира, таквиот потфат не е лесен. Всушност, во неговиот случај ќе се покаже пеколно тежок. Таквото нешто ќе му го направи не само промената на општата средина – која е исто сурова за сите во негова ситуација – туку и личностите околу него, кои само ќе додаваат сол на таа отворена рана. Најмногу во таквиот негативен став ќе се истакне неговиот татко Smeden, исто така закоравен криминалец, кој има и надградува крајно апатичен и деструктивен однос со својот син. Имено, Tonny има желба да се докаже како способен и достоен да работи за својот татко, кој има мала криминална организација. Но во таквото нешто нема да успее, пред сé поради тоа што Smeden нема да му даде вистинска шанса. Тој всушност ќе сака само да го искористи за разрешување на некои свои компликации. Тој однос на крајот ќе еруптира со убиство и конечен крај на нивниот однос, кој можеби за Tonny ќе биде еден вид катарза и можност за нов почеток, далеку од таквиот начин на живеење.
Во целава приказна се јавува и Charlotte, девојка со која Tonny имал сексуален однос пред одењето во затвор и која сега тврди дека детето кое го има родено е негово. Иако во целиот процес тој не обраќа внимание на тоа, сепак на крајот токму во детето ќе го види „тикетот за надвор“, спасувајќи го и него и себе од бесперспективната ситуација.
За разлика од првиот дел, филмот ја нема таа динамика и акција во текот на случувањата, но затоа пристапот е покомплексен, поточно емотивната страна овој пат е носечка сила. Ако приказната за Frank не носеше во агонијата на дејствувањето, доживувањата на Tonny се агонија и траума на поднесувањето. Сепак главниот анти – јунак воопшто не ни е даден како лик за сожалување – не ја бара од гледачите нивната сомилост и симпатии, туку постепено ве носи во неговата состојба на свест и ве остава сами да ги преживеете неговите моменти на доживување на стварноста.
Аудио записот и во овој дел е моќен и суров Rock N’ Roll, кој што одлично се вклопува во визуелниот приказ. Главната “Pusher” тема се појавува на отворањето и претставувањето на главните ликови, исто како и во првиот дел, а потоа звукот си наоѓа нови лајт – мотиви од дејствието на филмот.
Сите оние кои го изгледале и уживале во “Pusher”, нека се почестат себе си со уште час и половина на такво задоволство.
{youtube}hJqI9oQSeiQ{/youtube}