Најголемата сила на женското лидерство е во способноста да спојува спротивности – бизнис приказни со Дита Старова-Ќерими
Професорката и уметница Дита Старова-Ќерими, која со години беше на челото на Националната галерија, докажа дека културата бара стратегија еднаква на бизнисот. Во интервју за гламур.мк, од поинаков агол ја откриваме успешната приказна за жената што ја постави македонската култура на светската мапа.

Д-р Дита Старова-Ќерими е име што со децении ја облагородува македонската културна и академска сцена. Афирмирана академска сликарка, педагог и долгогодишна директорка на Националната галерија, таа го изгради својот авторитет преку визија, интегритет и беспрекорна посветеност.

Потекнувајќи од семејство во кое уметноста и знаењето се темелни вредности, Старова-Ќерими уште од најрана возраст чекори во светот на културата со длабока свест за нејзината преобразувачка моќ.
Под нејзиното водство, Националната галерија во Скопје доживеа еден од најдинамичните и најплодни периоди, со меѓународни изложби, ретроспективи на врвни македонски уметници и програми за најмладата публика што ја отворија институцијата кон нови генерации. Четири пати ја имаше честа да биде комесар на Венециското биенале, искуство што ја потврди нејзината способност да ја позиционира македонската уметност на светската сцена.

Денес, како професорка на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, таа ја пренесува својата визија и искуство на новите генерации, мотивирајќи ги студентите да ја гледаат уметноста не само како техника, туку и како јазик на општеството.
Преку ова интервју, ви ја претставуваме приказната на оваа успешна жена која успеа да ја спои тишината на ателјето со гласот на лидерството и да ја претвори уметноста во двигател на општествени промени.

Од уметница и директорка на Националната галерија, денес сте професорка на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Како, во главни поенти, изгледаше Вашата професионална патека и кои клучни искуства од минатото Ве обликуваа како лидерка и академска менторка?
– Родителите уште од најраните цртежи ја препознаа мојата страст и ми дадоа безрезервна поддршка. Растев во семејство каде што уметноста, литературата, културата и музиката беа секојдневие, и тоа ме обликуваше да го гледам светот низ призмата на креативноста и убавината.
Престоите уште од најрана возраст во Тунис, земја со длабока цивилизациска традиција, а потоа и моето образование во Париз, градот што отсекогаш бил симбол на културна слобода, ми помогнаа да разберам дека културата е универзален јазик кој нè поврзува. Студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како и докторските студии по културолошки науки, ми дадоа темелна академска основа и ме научија уметноста да ја согледувам во пошироки општествени и културни контексти.

Првото мое вработување беше на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, на Факултетот за архитектура и дизајн, каде и денес предавам. Но, најголемата јавна одговорност ја презедов во 2015 година, кога станав директорка на Националната галерија.
Како директорка на Националната галерија (2015–2024), ја водев институцијата низ едно од најинтензивните и највидливи десетлетија. Јас сум уметница која својата тишина ја научила во ателје, но и лидерка која научила дека уметноста е заеднички јазик на едно општество јазик што поврзува, преобразува и остава трага.
Во тој период ја отворивме Галеријата кон светот преку интернационални изложби и создадов простор за афирмација на многу уметници од различни генерации и културни средини. Со бројни ретроспективни изложби како оние на Мазев, Борко Лазески, Димитар Кондовски, Адем Кастрати и многу други, како и со многу меѓународни автори, успеавме да ја вратиме публиката во музејот и да ја претвориме институцијата во жив културен центар и вистински мост со светот.
Особено значајно беше што со посебни активности за најмладата публика едукативни работилници, програми за училишта, интерактивни водства ученици и млади првпат стапнуваа во музеј и ја доживуваа уметноста како свое место. Токму овие активности беа поддржани од серија грантови и меѓународни партнерства кои ја зацврстија институцијата и ѝ дадоа нова стабилност и поголема видливост.
Четири пати во континуитет имав честа да бидам комесар на Венециското биенале. Тоа искуство ми донесе длабока афирмација уверување дека чесната идеја и јасниот концепт можат рамноправно да опстанат на светската сцена, рамо до рамо со најголемите продукции. Венеција ми покажа дека идејата може да има иста тежина како и најскапата продукција. Моите години во Националната галерија беа години на обнова, на враќање на довербата и на создавање проекти што зборуваа на светски јазик. За мене, тоа беше клучно искуство спојот на дипломатијата со уметноста, кој отвора врати и создава трајни културни мостови.

Секоја изложба, секоја средба со уметници, колеги и публика беше искуство што ме обликуваше ме научи дека вистинскиот лидер е оној кој слуша, инспирира и создава простор за другите.
Денес, како професорка, ја пренесувам таа сила и искуство на моите студенти за тие да ја откријат сопствената креативност, визија и авторитет, и за да ја разберат уметноста не само како техника, туку како одговорност и како јазик на општеството.
Во значајните проекти што ги раководевте и раководите како жена-лидерка, со кои професионални предизвици се соочивте и кои три препреки најмногу Ве обликуваа во развојот на Вашите вештини и стратегија за одлучување?
– Во мојата професионална траекторија, особено во културното раководење, секогаш сум се соочувала со предизвици кои ме обликувале како личност и како лидерка. Три препреки беа најсуштински.
Првата беше недовербата, потребата постојано да докажувам дека жената може да управува со голема институција и да носи храбри одлуки. Тоа ме научи дека најсилниот одговор на сите сомнежи се транспарентноста, професионалноста и доследноста.
Втората беше ограниченоста на ресурсите финансиски и човечки. Во тие услови научив дека креативноста, партнерствата и иновативниот пристап можат да отворат врати и таму каде што изгледа дека не постојат.
Третата беа структурните бариери во културата, отпорот кон промени и традиционалните перцепции за тоа што треба да биде музеј или галерија. Токму тие ме научија на трпение, истрајност и визија, и на тоа дека вистинските промени доаѓаат преку доверба и упорна работа. Овие три препреки недовербата, оскудните ресурси и структурните бариери ме обликуваа да бидам лидерка која слуша, анализира и носи одлуки што отвораат нови патеки. Ме научија да ја бирам суштината пред формата, можностите пред изговорите и резултатите пред гласноста.
И затоа верувам: кога на жената ѝ се даде можност да се соочи со предизвици, таа никогаш нема да се откаже, туку ќе се вложи целосно за доброто на колективниот интерес. Жената знае, умее и може да направи сè.

Често се зборува за „стаклен таван“ и структурни бариери во институциите и лидерските позиции. Дали лично сте се соочиле со такви ограничувања и како ги надминавте?
– Да, сум се соочила со „стаклен таван“ и со бројни структурни бариери. Тие не се секогаш видливи, но се чувствуваат во недовербата, во предрасудите кон женското лидерство и во тивките сомнежи дали жената може да носи историски одлуки. Често тие бариери доаѓаа и преку малициозни коментари, кои наместо да ме обесхрабрат ме зајакнуваа. Ги надминав со резултати верувам дека делата зборуваат посилно од зборовите. Транспарентноста, професионалноста и чесниот пристап беа мојот најсилен одговор на секој сомнеж. Научив дека промените не доаѓаат преку конфронтација, туку преку упорност, визија и градење доверба.
„Стаклениот таван“ не исчезнува сам од себе се крши чекор по чекор, со секој предизвик што ќе го претворите во можност и со секоја победа што ќе стане доказ.

Дали слични бариери постојат и во уметничкиот свет, каде жените често мораат да се докажуваат? Како се справувавте со тоа како сликарка?
– Да, и уметничкиот свет има свои „невидливи бариери“. Жените уметници често мораат да се докажуваат повеќепати за истата вредност што мажите ја добиваат по автоматизам. Јас се справувам со тоа преку дело сликата секогаш зборува посилно од предрасудите. Но верувам дека тоа не е доволно: жените мора да се вмрежуваат и да си даваат меѓусебна поддршка.
Лично, без разлика во кој аспект или улога сум како сликарка, како директорка или како професорка секогаш сум се вложувала во поддршката на жените уметници. Верувам дека нашата присутност треба да биде постојана, а не инцидентна, затоа што имаме многу извонредни уметници чие творештво го следам и поддржувам со почит.
Како сликарка, знам дека постојаната продукција и присутност на изложби е од голема важност за да бидеме препознаени. Само така жената-уметник може да гради континуитет и да ја освојува својата вистинска позиција на културната сцена.

Кои лични и професионални квалитети сметате дека се најважни за создавање авторитет и доверба во средини каде жените ретко се на лидерски позиции?
– Авторитетот не се стекнува со функција, туку со интегритет. Функцијата е доверена титула, но авторитетот е тивка градба дело по дело, збор по збор. Тој се создава кога зборот има тежина, кога тишината е потврда, а посветеноста потпора врз која другите можат да се потпрат. Довербата не се бара, таа се заслужува. Таа произлегува од конзистентноста, од одлуки што се раѓаат од визија, а не од личен интерес.
Научив дека најголемата сила лежи во емпатијата и храброста. Емпатијата е способноста да го чуеш тивкиот глас на другиот и да градиш мостови таму каде што има ѕидови. Храброста е да го кажеш вистинското и тогаш кога сите молчат, да застанеш зад вредностите и кога тие носат тежина. Жената во културата често ја носи чувствителноста како товар. Но токму таа чувствителност, претворена во одговорност, станува сила емпатија што се преобразува во стратегија, искуство што се претвора во колективно добро.

Верувам дека довербата во жената започнува со признавањето на нејзината моќ да се справи со сите промени. Таа е и чувар на домот, и професионалец во јавниот простор, и градител на иднината. Кога ѝ се дава можност, жената не се повлекува таа се вложува целосно, за доброто на колективниот интерес.
Жената не е само учесник во историјата таа е тивок, но траен глас кој го менува нејзиниот тек.
Каде ја гледате најголемата сила на женското лидерство? И што, според Вас, недостига во Македонија за поддршка на женско лидерство и претприемништво?
– Најголемата сила на женското лидерство ја гледам во способноста да спојува спротивности. Жената носи емпатија, но и дисциплина; знае да слуша, но и да одлучува; умее да гради мостови меѓу светови кои инаку би останале поделени. Таа сила лежи во искуството да управува со промени од лични до професионални и во тоа што знае да создава заедништво дури и во услови на криза. Женското лидерство е моќта да се биде и визионер и чувар, и стратег и градежник на доверба.

Во Македонија, за жал, недостига системска поддршка за ваков тип лидерство. Недостигаат програми за менторство, политики што ја поттикнуваат рамноправната застапеност и култура што ја препознава жената како столб на јавниот живот, а не како исклучок. Жените често се оставени сами да го носат товарот на докажувањето, наместо да им се дадат услови да се развиваат и да водат.
Верувам дека иднината ќе биде поуспешна ако се создаде мрежа на жени-лидерки кои ќе се поддржуваат меѓусебно, ако државата и институциите инвестираат во нивната видливост и ако општеството научи дека жената не е дополнителен украс во лидерството туку суштински дел од неговата сила.
Како изгледа Ваш момент на исклучување, што ве релаксира, каква музика слушате, што моментно читате и што Ви носи мир и енергија да продолжите напред?

– Моментите на исклучување за мене секогаш се поврзани со тишината и убавината. Често тоа е време во моето ателје, пред бело платно кое ме потсетува дека секој ден може да биде нов почеток. Таму најмногу се ослободувам во бојата, во формата, во гестот на четката. Исто така и во ателјето со моите студенти таму каде што времето станува бесконечно и креативноста е јазик што нè обединува.
Музиката ми е постојан сопатник. Слушам сè што ми носи чувство на слобода, импровизација и креативност. Во тие тонови ја пронаоѓам рамнотежата меѓу дисциплината и спонтаноста.
Моментално читам повторно делови од книгите на татко ми, Луан Старова. Секоја негова страница ме потсетува на корените, на јазикот на домот и на вредностите што не се менуваат и кога времето се менува. Тоа е лекција што ме смирува и ми дава сила да продолжам.
Мирот го наоѓам во семејството во разговорите со најблиските, во насмевката на децата, во топлината на домот. А енергија ми носи чувството дека сè што правам, како уметница и професорка, има смисла ако остава трага кај другите. Тоа е мојата најголема мотивација да создавам, да инспирирам и да давам надеж.

Имате ли мисла или цитат што го носите при срце и кој Ве води при клучните одлуки во кариерата и во животот?
– Една мисла што ја носам длабоко при срце е реченицата на мојот татко, академик Луан Старова: Животот е најголемата книга, а секој ден е страница што мора да ја испишеме со достоинство. Таа мисла за мене не е само цитат, туку внатрешен компас. Ме потсетува дека секоја одлука професионална или лична треба да ја носам со почит кон луѓето, со визија за иднината и со љубов кон културата и знаењето. Во моменти на предизвик или избор, таа реченица ме враќа кон суштината: дека нашето вистинско наследство не се титулите и признанијата, туку страниците што ги оставаме испишани зад нас со дела, со вредности и со достоинство.