MAMAДом и семејство

Не постои универзално добра терапија која делува исто кај сите деца – интервју со дефектологот Љубица Димовска

„Не постои универзално најдобра терапија која делува подеднакво добро кај сите деца, но факт е и дека секое дете не ги искачува до крај сите развојни скалила. Она што е важно е да сме свесни за капацитетот и потенцијалот на секое дете и интензивно да работиме на тоа“, вели Димовска во интервју за гламур.мк

Advertisement

Во светот на раната детска интервенција и специјалната едукација, малку професионалци се истакнуваат со истата посветеност и долгогодишно искуство како Љубица Димовска. Со над дваесет и четири години активна работа во областа на дефектологијата, специјалната едукација и рехабилитацијата, таа се занимава со деца родени со ризик и со развојни отстапувања, помагајќи им да ги надминат првите предизвици во животот.

Љубица не само што им помага на децата да ги развијат своите способности и потенцијали преку внимателно планирани програми за стимулација, туку и активно ги вклучува семејствата, за родителите да станат вистински партнери во развојот на своето дете. Нивната работа е дел од пошироката визија за системски воспоставени услуги за рана детска интервенција, кои ја ставаат детската благосостојба и семејната поддршка во центарот на вниманието.

Advertisement

Во ова интервју, Љубица Димовска споделува увид во предизвиците со кои се соочуваат децата од најрана возраст, методите што ги користи, важноста на родителската улога, како и сопствените искуства кои ја инспирираат и надвор од професионалната работа. Надвор пак од професионалната сфера, Љубица е голем љубител на природата и цвеќињата, а тоа се отсликува и преку нејзиниот воодушевувачки двор.

фото-приватна архива

Со кои предизвици најчесто се соочуваат децата родени со ризик и оние кои имаат развојни отстапувања, во предучилишната возраст? Како ги надминуваат тие предизвици со помош на дефектолог?

– Пред сѐ, да ги раздвоиме овие две категории на деца, родените со ризик и децата со развојни отстапувања.

Првата група, се деца кои се раѓаат со некој ризик кој делува во текот на бременоста, за време на раѓањето или веднаш по раѓањето. Во нашата држава постои официјална листа на ризик-фактори, кои се евидентираат од самото раѓање и потоа тие деца се препраќаат на следење на развојот се до поаѓање во училиште. Некои од тие фактори се ризична бременост заради хронични заболувања на мајката (хипертензија, дијабетес, епилепсија итн), употреба на опијати или алкохол за време на бременоста, прееклампсија и еклампсија, инфекции на мајката во текот на бременоста, недоволна пренатална нега.

Advertisement

Понатаму, еден од најчестите ризик-фактори е предвременото раѓање (пред 37 гестациска недела од бременоста), ниска родилна тежина кај навреме родено дете ( под 2500 гр) и екстремно ниска родилна тежина кај навреме родено дете ( под 1500 гр), недостаток на кислород при раѓање, ( родилна афиксија), пролонгирана неонатална жолтица, механички повреди при раѓање, проблеми со дишење кај новороденото, инфекции по раѓањето ( сепса, менингитис), вродени малформации, генетски синдроми и др.

Постоењето на ризик-фактор сам по себе не значи дека детето ќе има развојно отстапување или попреченост во развојот. Меѓутоа неговото постоење само ни кажува дека постои веројатност детето во раниот развој да се соочи со некои предизвици во некоја од развојните области, заради што се препорачува редовно, лонгитудинално следење на развојот, како истите би се препознале и би се интервенирало веднаш по нивната манифестација, со цел навремено преземање на мерки за нивно отклонување или минимизирање.

Според светска статистика, 85% од ризично родените деца имаат уреден развој. Оние 15% од ризично родените деца кај кои ризик факторот влијаел врз развојот на начин на кој тие веќе имаат предизвици во секојдневното функционирање, се децата со развојни отстапувања и децата со потешкотии во развојот, во една или повеќе негови области ( моторна, когнитивна, говорна или социоемоционална област).

Овие деца се следат редовно од страна на невролог, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, физиотерапевт…) Ќе дадам краток осврт на улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор во тимот стручни лица кои го следи раниот раст и развој на овие деца.

Имено, секоја функција има свој оптимален период кога се појавува и од тогаш па натаму се развива и добива на квалитет. Секое одложено појавување или доцнење на таа функција повлекува подолг третман истата да се развие и да добие квалитет кој кај секоја индивидуа е на различно ниво на развиеност, во зависност од потенцијалот со кој располага детето и стимулацијата што ја добива ( или не) во најраниот период од неговиот живот.

Улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор пред сѐ е да направи добра развојна процена. Доколку кај детето забележи отстапување во една или повеќе развојни области, ги утврдува неговите силни и слаби страни и врз основа на тоа прави програма за стимулација (збир од вежби, игри и насоки) која им ја дава на родителите за да ја спроведат во периодот до следната процена.

фото-приватна архива

Во случај на поголемо отстапување од очекуваниот развој , детето се упатува на специјалистички преглед заради спроведување на медицински испитувања со цел да се провери дали за истото постои медицинска причина и да се постапи понатаму според постоечки протоколи за дијагностика, третман и рехабилитација.
Кај најголемата група на деца родени со ризик, предвреме родените деца, станува збор за очекувано или физиолошко доцнење во развојот. Тука улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор е од големо значење, бидејќи со програмата за вежби која им ја презентира на родителите и ги обучува за примена на истите, се постигнува побрзо изедначување на календарската и гестациската возраст на бебето (се оптимализира развојот), без да има потреба од спроведување на физикална терапија.

Кои методи или техники најчесто ги користите за да им помогнете на децата да ги развијат своите способности и потенцијали и колкав е успехот?

– Откако ќе биде направена развојна процена, ќе имаме сознание кое е развојното ниво и како функционира детето, пристапуваме кон обмислување на еден систем од вежби, игри и насоки, или развојна програма, чија цел е да му помогне на детето да развие тоа што му недостасува согласно возраста, да коригира тоа што е погрешно научено и да научи нешто ново што е во скалд со очекуваното за возраста или состојбата.

Многу е важно да се разбере дека не постои универзална терапија, вежба игра, што и да е која е подеднакво ефикасна за сите деца. Пред сѐ, оној кој работи со најмалата и најранливата категорија, децата од раѓање до 6 години, неприкосновено мора да ги познава карактеристиките на уредниот развој како и видовите на игри кои се развојно соодветни. Следен чекор е да одреди каде се наоѓа детето на тие развојни скали според постигнувањата кои се евидентирани при развојната процена.

фото-приватна архива

Тука е мошне важно да се напомене дека децата кои имаат развојни отстапувања истите не им се со иста инклинација од нормалата, односно не значи дека сите развојни области доцнат паралелно. Пример, бебето има 11 месеци, треба да го поставиме во сите позиции ( на грб, на стомак, да седи, да се тркала исправено…) и да утврдиме секоја од овие позиции до каде е развиена. Се случува во некоја да е застанат развојот во деветиот месец, во некоја да е во шестиот, некоја да е соодветна за каледнарската возраст, а некоја воопшто и да не е појавена. Секоја од позициите се вежба оттаму од каде е застаната, а не сите линеарно пример за два месеца подоле. Тука е умешноста на специјалниот едукатор и рехабилитатор прецизно да ги воочи постигнувањата на детето и истите да ги стимулира соодветно.

Исто важи и за поголемите деца, се прави развојна процена, се воочува кои се слаби страни на детето, се евидентираат и неговите силни страни и тие се користат при стимулација и корекција на тоа што недостасува.

Клучот е одлично познавање на карактеристиките на уредниот развој, карактеристиките и видовите игра според возраста и нивно точно поврзување и создавање на средство за унапредување на развојот. Ја користам играта зашто таа е главна активност во детската возраст и е нешто кое детето со задоволство го прави, со што и самата интервенција е интересна и без притисок за него.

Како ја вклучувате семејната поддршка во процесот на рана интервенција во развојот и колку е важна улогата на родителите?

– РДИ ( Рана Детска Интервенција) е збир на услуги за многу мали деца и нивните семејства, обезбедени на нивно барање во одреден период од животот на детето, опфаќајќи ги сите активности преземени кога на детето му е потребна посебна поддршка за:

– да се обезбеди и да се подобри нејзиниот/неговиот личен развој,

– зајакнување на компетенциите на семејството и

– промовирање на социјалната вклученост на семејството и детето

Овие активности треба да се обезбедат во природна средина на детето, во неговиот дом, непосредната околина, на игралиште, во градинка…Истовремено семејството стекнува знаења како да ги искористат секојдневните животни рутини да го стимулираат развојот на функционалните вештини на своето дете.

Во Република Северна Македонија според пописот од 2021 година има 140.436 деца на возраст до шест години. Користејќи ја веројатната стапка од 12,5% (светската статистика покажува дека 10-15% од децата од раѓање до шест имаат доцнење во развојот) дури 17.554 деца може да имаат потреба од услуги за рана детска интервенција. Бидејќи не постои еден единствен пат за пружање на квалитетни услуги за рана детска интервенција здравствениот, социјалниот и образовниот сектор треба систематски да соработуваат за да се зголеми стапката на идентификација и интервенција на рана возраст. За таа цел, потребно е да се воведе системско решение за опфатот на децата со ризик-фактор, доцнење во развојот и/или попреченост со услуги за рана детска интервенција од најрана возраст.

Кај нас, досега услугите на рди се даваа и сеуште се даваат фрагментирано, со нееднаква достапност на овие услуги ширум државата, без координација и соработка на горенаведените сектори.
Вработени стручни лица од пилот (избрани) институции/организации од трите сектори (здравство, социјална и детска заштита и образование), во моментов ги пилотира семејно-оринтираните РИД услуги на деца со доцнење во развојот и кај деца со попреченост (односно работи заедно со нивните родители/старатели /даватели на грижа)

Пред почнувањето со пилотирање на РИД услугите беше изработен и усвоен Документ за воспоставување на системски услуги за рана интервенција во детството а врз основ на кој се изработи Меморандум за соработка помеѓу трите клучни министерства (МЗ, МСПДМ и МОН) а кој беше потпишан на 16.05.2025 година во Владата на РСМ.

Овој Меморандум за соработка ја потврдува заедничката заложба и интерес за воспоставување на семејно-ориентиран систем на рана интервенција во детството во РС Македонија, како и давањето на придонес на ресорните министерства за зајакнување на капацитетите на институциите под нивна надлежност преку развивање на меѓусебна соработка и координација на активности помеѓу потписниците со цел пилотирање и подготовка за имплементација на семејно-ориентиран систем на рана интервенција во детството.

Воспоставувањето на системски РИД услуги кои имаат семејно-ориентиран пристап е реформски процес кој подразбира тесна интерсекторска соработка помеѓу МЗ, МСПДМ и МОН при што клучна е поддршката која се обезбедува преку канцеларијата на УНИЦЕФ во РСМ, но воедно подразбира менување на парадигмата кај практичарите, но и кај родителите, дека е потребно да се даваат интервенциите во природната седина за детето, со зајакнување на компетенциите кај родителите за поддршка на сопственото дете, нивно оснажување, преку користење на нивните силни страни и ресурси.

Во овој семејно-ориентиран пристап се тргнува од премисата дека секое семејство има капацитет и може да го поддржи детето да низ секојдневните активнисти и рутини ги развива до максимални можни размери потенцијалите на детето, при што се водени од страна на стручни лица кои имаат искуство како во работа со деца, така и во работа со возрасни. Од друга страна, потребно е да сфатиме дека и кај нас практичарите, ито како и кај родителите, ќе биде предизвик да се надмине дијагностичко-третманскиот начин на давање интервенции кај децата и да се продолжи на современ начин на давање на интервенции во кои детето и неговото семејство се во центарот на вниманието, а практичарите и семејството имаат партнерски однос, при кој семејството ги истакнува приоритените цели/исходи за детето, а не практичарите.

Кои вештини родителите треба најмногу да ги развијат за да можат ефективно да ги поддржат своите деца?

– Јас тука приоритет давам на нешто друго, а тоа е моментот на прифаќање на вистината. Ова е најтешкиот, најболниот и истовремено најисправниот чекор кој еден родител може да го направи со цел да му помогне на своето дете. Како и претходно што нагласив, не постои универзално најдобра терапија која делува подеднакво добро кај сите деца, но факт е и дека секое дете не ги искачува до крај сите развојни скалила. Она што е важно е да сме свесни за капацитетот и потенцијалот на секое дете и интензивно да работиме на тоа. Секое дете треба да го развие својот потенцијал, до својот максимум. Ова е горчливата таблета која секој родител мора да ја голтне, а во овој процес за партнер треба да ги има стручните лица кои работат со детето.

Дали постојат погрешни претстави или митови за работата со деца со развојни потешкотии кои би сакале да ги разјасниме?

– Честопати ми го поставуваат прашањето – Како можеш да работиш со „такви” деца, зар не ти е жал? Прво, сите што ме познаваат знаат дека децата не ги делам на „вакви” и „такви”. А дали ми е жал и дали сум емпатична се две различни работи. Не ми е жал, им се радувам на сите деца, на таа возраст тие и не се свесни дека сите ние се разликуваме едни од други. Децата ја препознаваат енергијата, љубовта која им ја давате и реагираат на неа. Емпатијата ми е резервирана за родителите, бидејќи знам со колку предизвици се соочуваат врвејќи го трнливиот пат да му помогнат на своето дете.

Од друга страна, се случува и родителите да имаат погрешни очекувања и претстави дека ако почесто го носат детето на третмани, нивната улога во неговиот развој е помала и се потпираат само на работата на терапевтот. Колку и да е голема фреквенцијата на третмани кај различни стручни лица, сепак најголемиот дел од денот децата го поминуваат со своето семејство и тоа е клучен фактор во нивниот развој.

И уште една интересна појава која ја имам забележано. Родителите на деца со потешкотии во развојот се поврзани меѓу себе, што е одлично во полза на поддршка и споделувања на искуства. Но имаат и тенденција на движење во ист правец, што не секогаш е во интерес на оптимализирање на состојбата на детето. Пример, ако едно семејство разбере за некој вид терапија, по него се приклучуваат уште неколку други. Да напоменам, секој родител прави се за своето дете, дури и јас им велам „За дете одам боса пеш до Кина”. Меѓутоа повторно се враќам на погорекажаното, дека не постои универзално добра терапија која делува исто кај сите деца, а најчесто ова родителите го разбираат откако ќе се исцрпат и финансиски и емотивно.

На моите пациенти секогаш им препорачувам да консултираат повеќе стручни лица пред да се одлучат да го доверат детето на одредено лице. Важна е таа хемија, поврзаност меѓу детето и терапевтот за да има ефект самиот третман, без оглед на тоа дали терапевтот или кабинетот е извикан како добар или не. Јас точно знам на кое дете можам да му помогнам, а до кое не допирам. Во вториот случај му предлагам на родителот да консултираат други стручни лица, со цел да не му го губиме времето на детето и финансиите на семејството.

Од градскиот метеж се преселивте во околината на Скопје и сега уживате во одгледување на цвеќиња. Зошто? Што најмногу ве радува и опушта во тој свет на природа?

фото-приватна архива

– Да живеев во некој помал град, можеби немаше да имам потреба од преселба на периферијата. Меѓутоа Скопје, иако го сакам, стана неподносливо место за живеење. Се случуваше додека живеев во потесното градско подрачје, да возам и по саат време дури да најдам паркинг релативно блиску до зградата во која живеев. Да правам еден куп нереални маневри за да стигнам со количката на првата моја ќерла од Млечен Ресторан до Градски парк. Ми здосади едноставно.

За галамата од околните кафулиња и трките со коли и мотори не сакам ни да коментирам. Мирот кој го имам во мојот дом, во дворот, не се опишува со зборови, само се доживува и се ужива во него. Ова е личен избор на секој од нас, ама фактот што за викенди повеќето се подготвуваат да одат на излет во природа, а јас отварам врата и и сум на неколку скалила од неа, за мене има големо значење.

Урбаната доза си ја земам по потреба, кога сакам и во колкава мера сакам. А љубовта кон цвеќињата ми е наследена од мојот дедо по мајка, тој беше виртуоз за цвеќиња, посебно за калемење ружи. Најубав двор имаше. Релаксираат цвеќињата ако знаеме како да им се радуваме. Цвеќињата во дворот ми се најчесто сезонски и изборот ми зависи од моменталната инспирација во пролет кога ги садам. А дома, омилени ми се орхидеите, имам дваесетина, што секако нема да е конечна бројка. Честопати на шега велам дека орхидеата е цвеќе за трпеливите луѓе, бидејќи бавно растат и цветаат два пати годишно.

фото-приватна архива
фото-приватна архива

Покрај цвеќињата, позитивна енергија ми даваат моите најубави мачки ( за бројот не ме прашувајте, постојано варира), а од неодамна си вдомивме и кученце, кое на дворот му даде посебен шарм ( ги разнесе сите папучи насекаде, ги избудале мачките, чиниите што им беа за храна и вода не знаеме каде се итн).

Кое е вашето духовно мото што ве води низ животот?

Немам некое конкретно мото, но генерално верувам во затворениот круг на енергија, поточно што и да правиме дека повторно се враќа кај нас. Го одбирам кругот на позитивна енергија и настојувам да бидам доследна и исправна во постапките прво пред себе, а потоа и кон другите, приватно о професионално. Ме прават среќна мали работи и убави моменти, кои се обидувам да ги сочувам во кадар. Моите ме прекоруваат дека многу сум им здодевала со сликање, но да не сум им јас, нема да имаат спомени, па брзо ми простуваат и јас си ја продолжувам својата мисија, да го уловам времето во убав кадар.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement
New Ad
Back to top button