Се роди бебенце старо 30 години – сакавме дете, Бог ни даде токму тоа и уште повеќе
Во САД се роди најстарото бебе на светот. Ембрион зачуван уште од 1994 година донесе нов живот и постави нов медицински преседан.

На 26 јули годинава, во малото гратче Лондон, во сојузната држава Охајо (САД), се роди едно сосема обично, но во исто време целосно неверојатно, бебе. Тадеус Даниел Пирс е новороденче кое го држи светскиот рекорд како најстаро бебе, зачнато од ембрион замрзнат пред точно 30 години.
„Имавме тешко породување, но сега сме и двајцата добро. Тој е толку мирен, едноставно чувствуваме стравопочит што го имаме ова драгоцено бебе“, изјави мајката Линдзи Пирс, која со сопругот Тим го „посвоиле“ ембрионот преку програма за посвојување ембриони.

Но приказната не почнува со нив. Таа води наназад цели три децении, во 1994 година, кога една жена, Линда Арчард од Колорадо, се обидувала да добие дете преку тогаш сè уште ретката метода на вештачко оплодување. Еден од четирите ембриони кои тогаш биле создадени ѝ го донесе првото дете – ќерка која денес има 30 години. Трите преостанати ембриони биле замрзнати и складирани. И заборавени. Но, не и за неа.
„Малата надеж“ го дочека својот ден
„Ги нарекував моите мали надежи“, вели денес 62-годишната Арчард. По разводот со сопругот, таа останала единствена сопственичка на ембрионите и со години ги чувала, плаќајќи по 1.000 долари годишно за нивното складирање. Никогаш не се одлучила да ги уништи, ниту да ги даде за научно истражување. Верувала дека еден ден ќе бидат дел од нечиј живот.
Кога влегла во менопауза, надежта за лично да ги искористи згаснала. Тогаш дознала за посебни хуманитарно-религиозни програми за усвојување на ембриони, при што се остварува транспарентна врска меѓу донаторот и приемниците. Така ембрионите завршиле во програмата „Snowflakes“ (Снегулки) на организацијата Nightlight Christian Adoptions.
„Бев јасна – сакав да ги дадам на христијански брачен пар од САД. Сакав да ги запознаам луѓето што ќе ги одгледаат и евентуално да го запознаам детето“, вели Арчард.

Одбиени поради „старост“
Но дури и за религиозните организации, 30 години се сериозен предизвик. Повеќе клиники одбиле дури и да ги разгледаат ембрионите. Тие биле замрзнати со стара технологија, што значително ја намалува шансата да преживеат одмрзнување.
Сепак, една клиника, Риџоис Фертилити од Тенеси, под раководство на доктор Џон Гордон, ја прифатила мисијата. Токму таму во 2022 година биле родени близнаци од ембриони зачувани 30 години – претходниот рекорд.
„Кај нас секој ембрион добива шанса. Тоа е основа на нашата вера и професионална етика“, изјави Гордон, кој освен што е репродуктивен ендокринолог, и верник е.
Ембриолозите со огромна прецизност и опрема извлекле два ембриона од трите зачувани. Едниот престанал да се развива. Вториот, имплантиран во Линдзи Пирс, успеал.
„Кога ни кажаа дека ембрионите се стари 30 години, бевме во шок. Не знаевме ни дека тоа е можно“, раскажува Тим Пирс, сопругот на Линдзи. „Само сакавме да имаме дете.“

Двајцата со години се обидувале да станат родители. Искористувањето на ембрионот им овозможи не само надеж, туку и чудо.
Кога Линдзи испратила слики на новородениот Тадеус до Линда Арчард, таа била во солзи. „Веднаш го препознав. Личи на мојата ќерка кога беше бебе. Извадив стар фото-албум и ги споредив, без сомнение, тие се брат и сестра“, вели таа.
Сега сонува за денот кога ќе го запознае. „Се надевам дека ќе дојдат поблиску. Сакам да го прегрнам. Совршен е!“
Раѓањето на Тадеус не е само рекорд, тоа е спој на напредна медицина, длабока човечка желба и силна вера.
„Не го направивме ова за да бидеме во вестите“, рече Линдзи. „Само сакавме дете. Бог ни даде токму тоа, и уште повеќе.“
Во свет во кој темите за живот, зачнување и технологија често се соочуваат со етички дилеми, оваа приказна поставува нови прашања, но и носи надеж. Од една „мала надеж“ до најстарото бебе во светот.