Секоја вечер се молеше за него – 20 години подоцна судбината им донесе чудесна средба
Оваа судбинска приказна е сведоштво за тоа дека животот понекогаш има свои чудни патишта. Некои разделби се неизбежни, но љубовта, ако е вистинска, наоѓа начин повторно да ги поврзе срцата. Холи и Бенџамин се доказ дека за некои врати никогаш не е предоцна да се отворат. Особено ако цело време - биле отворени.

Холи Ширер била само тинејџерка кога ја донела најтешката, но и најнесебичната одлука во својот живот – да го роди своето дете, иако знаела дека не е во можност да се грижи за него.
Немала доволно финансиска, емоционална ни семејна поддршка да му овозможи стабилен живот. Така, нејзиниот син бил даден на посвојување на семејството Хулеберг.
Во првите неколку години по посвојувањето, Холи останала во контакт со новото семејство на својот син, добивала фотографии и кратки информации. Но, околу третата година од животот на детето, комуникацијата престанала. Нејзиното срце никогаш не се помирило со разделбата.
Поминале години исполнети со копнеж и молчеливи прашања: Дали е добро? Дали е среќен? Дали ќе ме побара некогаш?
Потрага преку тишина
Холи знаела само едно, го знаела името на жената која го посвоила нејзиниот син. Тоа ѝ било доволно да започне потрага по неа на социјалните мрежи. Го следела профилот, внимателно читала објави и гледала фотографии. Понекогаш, само со тивка надеж дека во некој кадар ќе го види и своето дете. Но, и покрај копнежот, се плашела да направи чекор, да напише порака. Не сакала да наруши ничиј мир, ниту да се појави неочекувано во живот кој можеби одамна продолжил без неа.
Од другата страна, во тој ист свет, нејзиниот син Бенџамин исто така чувствувал празнина. Години наназад се обидувал да ја пронајде својата биолошка мајка. Истражувал, прашувал, но безуспешно. Не знаел дека таа секојдневно мисли на него.
И тогаш, сè се сменило.

„Пораката што ми го промени животот“
Еден ден, додека работел во болница, Бенџамин добил порака на Фејсбук. Порака од жената која го родила.
„Се сеќавам точно каде бев кога стигна пораката. Беше како гром од ведро небо. Заплакав. Бев преплавен од емоции,“ изјави Бенџамин во емисијата „Добро утро Америка“ (Good Morning America).
Холи, откако го пронашла профилот на своето дете преку неговата посвоителка, односно мајка, конечно се охрабрила. Напишала неколку реченици, кои долго ги носела во себе. Тој веднаш ѝ одговорил. Ѝ предложил да се видат.
На првиот нивни состанок, Бенџамин дошол во придружба на своите посвоители. Таму, во таа тивка просторија, се испоставило нешто речиси неверојатно – Холи и Бенџамин со години работеле на исто место, во истата болница.
„Работев како асистент во болница и секој ден влегував преку женскиот павилјон. Поминував низ единицата за интензивна нега на новороденчиња, токму каде што волонтираше Бенџамин. Паркиравме во истата гаража. Можеби сме се разминувале, сме стоеле еден до друг, а да не знаеме дека сме мајка и син,“ рече Холи, сè уште со неверување.
После тој прв состанок, животот на двајцата почнал да се менува. Контактот се зацврстувал, довербата раснела, а љубовта – таа била тука отсекогаш, само што конечно добила форма. Бенџамин се запознал со поширокото семејство на Холи, со неговите полубраќа и полусестри, тетки, баби и дедовци.

„Сега, секое утро пијам кафе со мојата биолошка мајка пред да отидам на работа. Сè уште волонтирам во истата болничка единица. Тоа е нешто навистина неверојатно,“ раскажува Бенџамин, додавајќи дека љубовта што ја чувствува кон своите посвоители е иста како и кон својата биолошка мајка.