Словакинка во Тетово – во Македонија сфатив што значи carpe diem во пракса
Словакинката Јасмина ја напушта Европа за да започне нов живот во земјата на детството на нејзиниот татко. Во интервју за гламур.мк открива зошто тоа беше најдобрата одлука во нејзиниот живот.

Кога зборуваме за преселби, обично замислуваме пат од југ кон север, од исток кон запад, од помало кон поголемо, од помалку сигурно кон стабилно. Но приказната на Јасмина Салија ја руши таа логика. Нејзиниот пат тргнува од Нитра – мирен град во Словачка – продолжува низ Германија и Австрија, за на крај да заврши токму таму каде што срцето ја повикало, во Македонија.

Со Јасмина се запознавме на часови по танци, таму каде што телото и душата зборуваат на ист јазик. Секогаш насмеана, полна со љубов кон животот, со ведрина што заразно се пренесува наоколу. Танцува со леснотија, така танцува и низ животот. Мајчин ѝ е словачкиот јазик. Совршено зборува англиски, албански и чешки јазик. Флуидно македонски. Професорка е по германски јазик. Врвен професионалец. Вгнездена е во Тетово. А зад себе има и студии по психологија.
Нејзината животна приказна е обележана со храброст, со прилагодување и повторно пронаоѓање на себеси. Во овој топол разговор, Јасмина ни раскажува за своето враќање во земјата каде што детството на нејзиниот татко оставило трага, за културните разлики, за утрата во Словачка и ноќниот живот во Тетово, за предизвиците и убавините на животот помеѓу два света.
Зборуваме за тоа како се гради втор дом, како се сакаат два јазика, и како некогаш токму чекорот назад може да не однесе напред.

Што Ве привлече најмногу во Македонија кога донесовте одлука да се преселите тука, имате ли некој „момент на инспирација“ кој го трансформираше Вашиот став?
– Да, имаше неколку такви моменти. Првпат дојдов тука во 2016 година, кога почнав да студирам на универзитет. Многу сакав да го запознаам местото каде што татко ми го поминал своето детство. За мене тоа беше како да откривам нешто егзотично, нешто сосема непознато и магично.
Беше многу тешко – имав проблеми со јазиците, но и со прилагодувањето на културата. Затоа, по кратко време одлучив да ја напуштам Македонија, несвесна дека за неколку години ќе се вратам назад. Ги завршив студиите, ја зедов дипломата и се вратив во Словачка.
Во меѓувреме, живеев една година во Германија и во Австрија, каде учествував во сертификација за наставничка по германски јазик за странци. Имаше убави моменти, но и тешки периоди. Стресот и финансиските тешкотии ме вратија во Македонија во 2023 година, каде што, благодарение на мојата словачка плата, можам да водам живот на пристојно ниво – и што е најважно – без стрес.
Токму овде повторно го најдов својот мир и удобност, нешто што не можев да си го дозволам во скап еднособен стан во Германија.
Како би ја споредиле секојдневната атмосфера во Словачка и тука? Дали го чувствувате „омекнувањето“ на ритамот на животот?
– Разликата е многу забележлива, особено кога ги споредувам градот Нитра – мојот роден град, и Тетово, градот каде што живеам. Сепак, не можам да кажам дека чувствувам „омекнување“ на ритамот на живот. Напротив, чувствувам засилување на ритамот (се смее, н.з).
Дефинитивно, има видливо влијание од географската локација на земјата. Не е за џабе што велат: колку е појужно – толку е поживо. И навистина, така го доживувам.
Словачките градови се помирни, особено кога станува збор за вечерните часови. Луѓето обично се активни околу 6 часот наутро, а навечер е тешко да сретнете некого на улица. Додека во македонските градови животот започнува навечер. Кога ги гледам улиците полни со автомобили и луѓе во 23 часот, сè уште се прашувам: како овие луѓе успеваат да станат навреме за работа?
Признавам, спиењето ми е предизвик, но упорно се прилагодувам на ритамот на животот – од словачките утра до македонските вечери.

Што најмногу Ве изненади во однесувањето, традицијата или обичаите во Македонија во споредба со Словачка?
– Во однос на македонската култура и традиција, од самиот почеток ме фасцинираше гостопримството. Начинот на кој луѓето тука ги почитуваат странците, семејството, пријателите… и како се дружат едни со други.
За жал, тоа е помалку застапено кај нас. Во Словачка сме семејно ориентирани, но индивидуално насочени. Додека во Македонија преовладува колективизмот. Да бев во неволја тука, сигурна сум дека дури и странец би бил подготвен да ми помогне, а тоа, за жал, не се гледа насекаде во светот.
Покрај тоа, многу ми се допаѓаат народните танци и свадбите. Сепак мислам дека многу пари понекогаш се трошат на свадби и церемонии што можеби не се потребни. Кај нас во Словачка, претпочитаме да се почастиме со луксузен меден месец.
Дали македонскиот јазик Ви беше тежок за учење? Како дојдовте до работно место?
Да, македонскиот јазик ми беше тежок за учење. Искрено, сè уште правам грешки кога зборувам, но благодарение на словачкиот јазик, и на тоа што делумно го разбирам и говорам српскиот, полесно го совладувам.
Меѓу македонскиот и словачкиот има доста сличности, особено во некои изрази. На пример, поздравите како „добар ден“ звучат речиси исто, и тоа ми помага да разберам голем дел од разговорите. Можам да резимирам вака: тешко ми е да зборувам течно, но многу лесно разбирам.
Јазиците флексибилно ги користам и на работа. Работам како професорка по германски јазик – во австрискиот центар што издава лиценцирани сертификати признати од амбасадите на Германија, Австрија и Швајцарија, а исто така и во словачкиот институт „Laurov Institute“. На работното место зборувам исклучиво на германски, но ако учениците не разбираат нешто, тогаш преминувам на македонски или на албански. До оваа работа стигнав преку препорака од пријатели кои ме познаваат како искусна и посветена лекторка.
Дали имате некои нови хобија или активности што сте ги започнале по преселбата, а кои порано ги немавте?
– Да. Минатата година почнав да уживам во латино танци, поточно во салса и бачата, и тоа ме исполнува со енергија. Обожавам да танцувам уште од мала, но латино- стилот е нешто ново за мене и дефинитивно го препорачувам на сите луѓе кои сакаат да го разбудат својот живот и да му дадат искра.

Дали според Вашите искуства, Македонија Ви овозможува подобар квалитет на живот за потрошените пари отколку Словачка?
– Не, за жал, Македонија не нуди подобар квалитет на живот во споредба со Словачка. Тоа би морало да биде многу идилично. Сè уште ни треба време за да го достигнеме нивото на европските земји во одредени аспекти, особено кога станува збор за екологијата и економијата.
Сепак, имаме и предности и не треба да ги заборавиме: прекрасен природен пејзаж, Охридското Езеро, Маврово, планини, шуми, прекрасни градови со историја. Не е сè во квалитетот, туку и во менталната благосостојба, а тука, за жал, забрзаниот европски стандард на живеење ни го одзема животот.
Кое јадење или пијалак од македонската кујна ве освои, а кое Ви недостига од Словачка?
– Од македонската кујна најмногу го сакам тавче-гравче, бурек со сирење и традиционалниот локум, кој го уживам свеж на пазарот во Скопје.
Од словачката кујна ми недостигаат кнедлите со бриндза – дефинитивно мора да ги пробате! Исто така и трдлникот со цимет, но нашиот класичен „Скалицки“. Во Прага (Чешка), од трдлник дури правеа сладолед!

Кое македонско нешто – навика, јадење или израз – Ви беше најчудно на почетокот, а денес стана дел од Вашето секојдневие?
– Најчудна навика за мене на почетокот ми беше поминувањето време по кафулиња. Не можев да разберам како луѓето можат да одат во кафуле секој ден и да не прават ништо друго освен да разговараат. За мене тоа беше губење време.
Отсекогаш сум била една од оние типични европски жени кои си го планираат денот од 6 часот наутро до 21 часот навечер. А денес, признавам, дека дури и кога сум во Словачка, морам барем еднаш дневно да одам во кафуле. Секако, се обидувам и продуктивно да го поминувам времето таму.
Значи, од Македонија научив да уживам во моментот и конечно сфатив што навистина значи carpe diem во пракса.

Кој беше најголемиот предизвик при адаптацијата и како го надминавте?
– Најголемиот предизвик за мене беше новата средина, менталитетот и реакцијата на луѓето на тоа зошто дојдов од европска земја во земја надвор од ЕУ. На почетокот не беше лесно, бидејќи на сите им го доверив моето животно сценарио – детално и искрено.
Уште еден од најголемите предизвици беше да им објаснам на луѓето дека Словачка не е Словенија – и тоа секогаш знаеше вистински да ме налути. Но, со текот на времето, човек се навикнува. Еднаш дури ми се случи некој да ми се обрати на словенечки и да каже: „Како е можно да не разбираш? Зборувам на твојот јазик.“ Тоа навистина ме насмеа.
Денес, некои од одговорите ги чувам за себе и велам: Повторно би ја направила истата одлука. Благодарение на таа одлука, станав силна и отпорна личност, која свесно се бори за своите цели и не се потпира на никого освен на себе.

Што би им препорачале на други кои размислуваат да се преселат во Македонија, кои совети би им биле најкорисни?
– Прво на сите – елиминирајте го стравот и неизвесноста. Без разлика од каде доаѓате, дефинитивно ќе најдете парче дом тука.
Бидете подготвени на фактот дека културниот шок не секогаш може да биде придружен со позитивни чувства. И особено – не плашете се ако луѓето ве прашаат од каде доаѓате и колку долго живеете тука. Понекогаш тоа е знак на интерес и учтивост, не секогаш љубопитност.
Исто така, не плашете се да комуницирате. И ако имате какви било тешкотии – секогаш има некој кому можете да се обратите. На пример, словачката амбасада во Македонија отсекогаш стоеше покрај мене, и за тоа сум му многу благодарна на амбасадорот.
Но, најважно е да знаете како да се прилагодите, и да не ја изгубите врската со вашата родна земја. Искрено ја сакам Словачка, ја сакам Македонија и верувам дека во иднина ќе успеам да изградам мост меѓу овие две земји.
Како што рече мојот покоен чичко: „Ти си мостот што ги поврзува овие две земји. Никогаш не го заборавај тоа.“