Ново американско истражување покажува дека откажувањето од месо и преминот кон веганска исхрана може значително да помогне во слабеењето.
Според резултатите, возрасни лица со вишок килограми кои практикувале веганска исхрана околу четири месеци, изгубиле во просек повеќе од 6 килограми.
Научниците сметаат дека причина за овој ефект е тоа што растителната исхрана произведува помалку киселина при варење, за разлика од животинските производи кои, според нив, создаваат поголеми количини на т.н. „диетална киселина“ и го поттикнуваат воспалението во телото.
Ова, пак, влијае врз метаболизмот и производството на хормони – клучни процеси поврзани со телесната тежина.
Д-р Хана Кахлеова, нутриционист и авторка на студијата од Комитетот на лекари за одговорна медицина во Вашингтон, истакнува дека замената на месото, млекото и јајцата со намирници како зелена салата, бобинки и мешунки може да го поттикне слабеењето и да создаде здрава микрофлора во дигестивниот систем.
Во истражувањето учествувале 62 лица со прекумерна тежина, кои 16 недели следеле или веганска исхрана или медитеранска диета – позната по свеж зеленчук, здрави масти (маслиново масло, јаткасти плодови) и лесни протеини од риба и од пилешко. По ова следела пауза од 4 недели, а потоа учесниците ги замениле диетите, што овозможило директна споредба.

Резултатите покажале дека веганската исхрана довела до просечно намалување на тежината од 6 кг , додека кај оние што се хранеле според медитеранскиот принцип немало значајна промена.
Научниците особено ги истакнуваат зеленчуците како спанаќ, брокула, цвекло, аспарагус, морков, зелка и лук, а од овошје – јаболка, вишни, кајсии, дињи и бобинки. Исто така, мешунките (леќа, грав, наут, грашок), соја и житарки како квиноа и просо, покажале позитивен ефект.
Сепак, целосното откажување од животински производи носи и потенцијални здравствени ризици. Нутриционистите предупредуваат на недостиг на важни витамини и минерали, особено витамин Б12, Д, железо и јод, кои претежно се наоѓаат во животински производи и се клучни за енергија, коскена структура, ментално здравје и метаболизам. Веганите треба внимателно да ја балансираат исхраната или да земаат суплементи.
Дополнителен предизвик претставуваат и преработените „вегански“ производи, како растителни колбаси, бургери и грицки. Истражувања од Велика Британија открија дека прекумерната консумација на овие ултрапреработени производи може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања за 15 проценти.
Интересот за растителна исхрана значително расте, поттикнат од етички, здравствени и еколошки причини. Британскиот здравствен систем (NHS) советува дека слабеењето треба да се постигнува преку намален внес на калории, балансирана исхрана и зголемена физичка активност. Брзите диети, како што е наведено, може да дадат краткорочни резултати, но тешко се одржуваат на долг рок.