Интервју
COVER STORY

Нема убавина без внатрешна рамнотежа – женски муабети со Сања Савеска

„Мој штит е насмевката, па ретко кога може да видите што се крие зад неа“, вели нашата позната водителка за Гламур магазин

Advertisement

Гламур интервју со Сања Савеска

Сања Савеска е наше познато ТВ лице. Таа е шармантна млада дама која веќе пет сезони по ред ја гледаме секојдневно како  водителка на популарното ТВ шоу „Брза кујна“. Со Сања поразговаравме за убавината и нејзината грижа и нега во секојдневието, но и за многу други теми кои се поврзани со жената и нејзиниот свет. Што се’ ни откри оваа наша позната дама, прочитајте во продолжение.

Advertisement

Приватна архива

Прашање: Скоро секојдневно сте на ТВ, што подразбира користење на потешка шминка. Како го негувате лицето по снимањето?

Телевизиската шминка знае да биде агресивна, па затоа негата по снимањето не ми е само рутина – туку облик на самопочит. Почнувам со темелно чистење, потоа добар серум, хидратација и мир. Нема убавина без внатрешна рамнотежа.

Прашање: Како Ви започнува денот? Имате ли утрински ритуали?

Тивко. Без брзање. Работата ми дозволува да не брзам наутро и да можам секое утро да го започнам со тишина. Прво прошетка на Маша и кафе на раат. Можеби грешам со кафе на празен стомак но тоа ми е навика години наназад.

Прашање: Што се крие во Вашиот несесер?

Природност. Не носам многу шминка со мене, само огледалце, молив за усни, кармин во нежна нијанса и задолжително сјај за усни. Летно време не излегувам без заштитен фактор за лице. Ми се допаѓа кога лицето зборува, а не шминката.

Advertisement

Прашање: Како ја дефинирате убавината?

Како состојба, не како изглед. Убавината е во тоа како зборуваш, како шириш насмевки и убава енергија, како љубиш, како чекориш… не во тоа што носиш.

Приватна архива

Прашање: Колку време посветувате на личната нега?

Онолку колку што ми е потребно да се чувствувам добро. Не се водам според стандарди, туку според потребите.

Прашање: Посетувате ли козметички салони?

Посетувам,  за некои основни   козметички третмани за лице . Како и редовно – педикир, маникир и слично.

Прашање: Кој е Вашиот омилен парфем?

Парфемот ми е дел од моето присуство. Сакам мириси што не се наметнуваат, туку се паметат. Топли, длабоки, женствени ноти – тоа сум јас. Сензуалноста која ја носи нотата на Euphoria – Calvin Klein ми прилега и се чувствувам своја кога го имам на себе.

Приватна архива

Прашање: Дали преферирате брендирана гардероба? На што најмногу трошите пари кога одите во шопинг?

Не ме фасцинираат брендовите. Ме фасцинира чист образ кај човекот . И сметам дека не постои доволно скапо парче гардероба кое ќе ја прекрие безвредност на карактерот.

Сакам кога оставам впечаток со карактерот, не со гардеробата.

Никогаш не сум била  роб на брендирана и скапа гардероба.

Купувам парчиња кои имаат душа, не само цена. Сакам кога ќе купам повеќе парчиња кои можам да ги комбинирам и носам во удобност . Најмногу трошам на  патики, сакам кога чекорам лесно. И среќна сум што новата мода дозволува патики и фустани😀

Приватна архива

Прашање: Како ја одржувате линијата?

Не се казнувам. Немам строги диети, само умереност.

Пешачење секојдневно, како редовна физичка активност, друго сум пробала но мирот го наоѓам најмногу во пешачењето.

Сметам дека женското тело треба да се почитува, не да се контролира. Си наоѓам баланс во исхраната и знам да си подготвувам ниско калорична оброци кои се превкусни, торти и колачи со природни засладувачи, но кога душата ми бара пржени лепчиња или тост не се казнувам, си јадам 😀

Прашање: Како би се опишале себе си? Што ве движи напред?

Како жена која не се предава, дури ни на себе кога ѝ е најтешко.

Мој штит е насмевката, па ретко кога може да видите што се крие зад неа.

Имам висок праг на толеранција, но кога некој ќе го надмине знам да подвлечам дебела црвена линија и да им покажам каде им е местото.

Не поднесувам лага и лажни вредности кај луѓето.

Ме движи вистината, потребата да бидам своја и да не се откажам од она што верувам дека вреди.

Приватна архива

Прашање: Колку е важна надворешната убавина за прв впечаток?

Можеби го привлекува погледот, но не го задржува. Она што остава впечаток е енергијата. Тивката самодоверба, добриот збор, искреноста.

Прашање: Што мислите за естетските корекции? Би направиле ли нешто во иднина?

Поддржувам умерени интервенции, како ботокс или филери, ако се направени со мерак и вкус. Сè што го менува личниот опис – за мене е неприфатливо. Се сака она што е вистинско, несовршено.

Прашање: Колку љубовта влијае на изгледот на жената?

Да, љубовта влијае – и тоа не само љубовта од друг, туку и љубовта кон себе. Кога жената се чувствува сакана, поддржана и сигурна, зрачи. Но исто така, кога сама ќе се избере себеси, кога ќе се стави на прво место и ќе почне да се сака, тогаш вистински блеска.

Приватна архива

Очите ѝ светат, држењето ѝ е сигурно, а кожата сјае. Љубовта, било однадвор или одвнатре, ја буди нејзината убавина. Само онаа што ја гасне – не е љубов, затоа бирајте партнер кој секогаш ќе ве гледа како да сте магична и редовно ќе ве потсетува колку вредите.

Прашање: На која дама ѝ се восхитувате?

На Моника Белучи – не само поради убавината, туку поради начинот на кој ја носи. Со достоинство, тишина и став. Жена со тежина.

Прашање: Каква треба да биде современата жена?

За мене, современа жена е жена која е самосвесна и живее според свои правила, а не според очекувањата на другите. Таа е самостојна – финансиски, ментално и емоционално. Знае која е, што сака и не се плаши да оди по свој пат, макар и изгубила некој по патот и одела сама!

Современата жена е силна, но не ја губи својата нежност. Таа е автентична – не глуми совршенство, туку живее вистински, со сите свои падови и подеми. Амбициозна е, вложува во себе и не се мери според тоа кого има до себе, туку колку е верна на себе. Чесна е, не руши туѓи гнезда, зашто знае како да создава .

Таа знае кога да молчи, а кога гласно да зборува – за љубов, за вистина, за себе.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button