Секоја чанта има душа – разговор со Лила Давиткова, жена која плете емоции
Дамите ги сакаат овие чанти затоа што се модерни, елегантни и уникатни и немаат дупликат. Лила Давиткова никогаш не прави две исти чанти, секоја е различна и приказна за себе.

Во време кога модата е сè повеќе фокусирана на масовно производство, се појавуваат креативци кои се враќаат кон корените и создаваат со раце, срце и душа. Лила Давиткова е токму таков пример, жена што ја претвори љубовта кон рачната изработка во препознатлив потпис. Нејзините чанти се внимателно исплетени, уникатни, модерни, но и инспирирани од традицијата и секојдневниот живот. Разговараме со уметницата за почетоците, креативниот процес и вредноста на рачната работа денес.

Кога првпат почувствувавте дека чантата може да биде повеќе од моден додаток – дека може да раскаже приказна? Како започна Вашата приказна со рачна изработка на чанти?
– За мене отсекогаш чантата била еден од најважните модни детали, но не сум помислила никогаш дека еден ден ќе се занимавам баш со изработка и дизајн на чанти. Љубовта кон рачните изработки ја носам уште од дете, но еве мојата плетена приказна започна пред 2 години. За тоа е заслужна мојата сестра Славица Стоименовска која исто така денес изработува многу убави и модерни чанти.
Пред две години, во еден наш разговор, ми рече дека сака да проба да изработи чанта, но мене тоа баш не ми изгледаше така лесно. Но кога желбата е голема и се работи нешто со љубов, успехот е загарантиран. Таа направи чанта која делуваше многу успешно како за првпат. Кога ја видов, јас се изненадив и ете, ја зедов магичната игла в раце и така започна мојата плетена приказна.
Првите чекори ми ги покажа сестра ми, но понатаму моделите ги одбирам од Јутјуб. Ги следев туторијалите за изработка на чанти, чекор по чекор додека да го разберам секој бод. На почетокот не беше лесно, се случуваше да сплетам, па да расплетам, по неколкупати, но упорноста и љубовта секогаш носат позитивни резултати. Денеска со леснотија дизајнирам и изработувам чанта, а резултатот е секогаш позитивен.


Како изгледа креативниот процес, од скица до последниот конец? Колку време е потребно за изработка на една чанта?
– Креацијата и скицата за секоја чанта си ги создавав во мојата замисла, пред сè за да изработам еден нов модел на чанта мора прво мене да ми се допадне. Инаку, околу дизајнот на чантите ми помага и мојата ќерка која има 13 години и ги следи модните трендови. Таа секогаш знае да ми даде сугестија или позитивна критика и многу често барам нејзино мислење кога имам дилема околу некој детаљ во врска со изработката или дизајн.
Што се однесува до времетраењето за изработка на една чанта, можам да кажам дека јас по природа сум перфекционист и работам полека и со многу внимание затоа што сакам, како што велат постарите, „сè да ми биде под конец“.
Секоја чанта ја работам со многу љубов, внимание и посветеност бидејќи најважен ми е крајниот резултат. Досега ми биле потребни два до три дена за да изработам една чанта.

Какви материјали употребувате, а која техника Ви е најголем предизвик?
– За жал, на нашиот пазар немаме голем избор на конци. Работам со трикотажен конец 100% памук и макраме 100% полиестер. Околу палетата на бои се договарам со госпоѓата за која ја работам чантата, но не секогаш ги наоѓам боите што ми се барани, но затоа има нијанси, па го решавам и тој проблем.
Околу техниките, можам да кажам дека ги има повеќе, но јас работам кроше техника, дупла наметка и техника на извлекување на конец.

За каков тип на девојки и жени се дизајнирани?
– Претпочитувам да изработувам чанти за сите возрасти, за млади, за дами на средна возраст и за повозрасни госпоѓи.
Во моментот од мојата понуда на модели најбарана ми е чантата со дрвени рачки. Тоа е една уникатна, модерна и елегантна чанта која може секој да ја носи и во секаква пригода. Мислам дека помладите т.е. тинејџерите не се сè уште многу заинтересирани за рачните изработки, но јас имам модели кои одговараат и за нивната возраст.
Дамите ги сакаат овие чанти затоа што се модерни, елегантни и уникатни и немаат дупликат. Јас ги изработувам, но, верувајте, не правам две исти чанти – секоја е различна и приказна за себе.

Колку се вреднуваат рачните изработки кај нас?
– Според мене ова е релативна работа, мислам дека има луѓе кои многу ги ценат и вреднуваат рачните изработки, но има и такви кои се помалку заинтересирани. Имам комуникација со госпоѓи кои се надвор од Македонија и од нив дознавам дека таму се многу ценети и барани ваквите уникатни парчиња. Ми нарачуваат да им изработам чанта за да им биде готова кога ќе дојдат во Македонија. Се надевам дека со тек на време и кај нас рачните изработки ќе се вреднуваат уште повеќе затоа што за да се изработи една чанта не е потребен само материјал, туку потребни се време, труд, посветеност и љубов.

Какви се Вашите планови за во иднина, ќе останете ли на ова што е автентично и рачно изработено или можеби би се насочила и кон масовно производство?
– Планови не правам, тоа го оставам на универзумот и секогаш испраќам позитивни вибрации, па очекувам позитивен фидбек. Сакам да се држам до ова што го работам сега, да создадам уште повеќе нови модели затоа што тука се пронаоѓам. За мене хеклањето е еден вид релаксација и јога за мозокот. Си работам во домашна атмосфера, покрај моите најблиски – сопругот, синот и ќерката. Тие се мојата најголема поддршка и од нив ја добивам најголемата инспирација.
Во моментот изработив 12 чанти за Србија, па се надевам дека и таму позитивно ќе бидат прифатени моите изработки. Што ќе се случува во иднина, тоа го оставам времето да го покаже. Сите мои модели можат да се видат на мојот личен профил Lila Davitkova и на Инстаграм @handmade_purses_lila