Сензационални откритија во битката за долговечност – постојат лекови што ветуваат продолжување на животот!
Иако стареењето не се смета за болест, тоа е ризик фактор за многу здравствени проблеми како рак и деменција. Забавувањето на процесот би донело години квалитетен живот и намалување на здравствените трошоци во услови на стареење на глобалната популација.

Човештвото со векови е фасцинирано од идејата да ја продолжи животната возраст. Додека алхемичарите го бараа легендарниот „филозофски камен“, современата наука докажа дека калориското ограничување може да придонесе за подолг живот, барем кај некои животински видови. Но, дали постои начин да го продолжиме животот без да се откажеме од уживањето во храната?

Одговорот можеби лежи во соединенија кои ја имитираат биолошката акција на диетата. Меѓу најветувачките лекови кои симулираат калориско ограничување се рапамицин и метформин.
Последните истражувања укажуваат дека рапамицинот има способност да го продолжи животниот век на начин сличен на ефектите од калориската рестрикција, што го прави еден од најперспективните лекови во областа на долговечноста. Од друга страна, метформинот, иако широко користен за контролирање на шеќерот кај лица со дијабетес тип 2, до сега не покажал убедливи резултати кога станува збор за продолжување на животот.

Калориско ограничување и неговата улога
Калориското ограничување, односно внесување помалку храна, долго време се сметаше за главен метод за продолжување на животот. Пред речиси еден век, прелиминарни студии на глувци покажале дека оние кои се хранеле со намалени порции живееле подолго од добронахранетите врсници.
Сепак, за многумина е тешко и непривлечно да се одржува ваква рестриктивна диета постојано. Исто така, преголемото калориско ограничување може да биде штетно по здравјето. Токму затоа се разгледува можноста лекови кои ги имитираат ефектите на диетата да понудат слични придобивки без непожелни несакани ефекти.
Што се рапамицин и метформин
Рапамицинот е откриен во 1970-тите години во бактерии од почвата на Островот Пасха и денес се користи во медицината за спречување одбивање на трансплантирани органи поради неговите силни имуносупресивни својства. Овој лек дејствува со блокирање на молекуларен „прекинувач“ кој клетките го користат за да го регистрираат присуството на хранливи материи.

Метформинот, од друга страна, е синтетички дериват од соединение кое се наоѓа во француската рута и најчесто се препишува за контрола на шеќерот кај лица со дијабетес тип 2. Инаку, ова растение има долгогодишна употреба во традиционалната медицина за разни цели, како смирување, антисептик и др.
Двата лекови влијаат на механизмите на телото за препознавање на енергијата и хранливите материи, па би можеле да ги имитираат придобивките од калориското ограничување.
Научни истражувања и споредби
Во анализата биле вклучени 167 научни студии кои биле спроведени на осум видови животни, од риби до примати, а кои обезбедиле доволно податоци за нивниот животен век и применетите методи на истражување.
Споредбата на три стратегии – калориско ограничување, внес на рапамицин и внес на метформин – покажа дека калориското ограничување останува најефикасен начин за продолжување на животот кај сите испитани животни.
Рапамицинот покажал одлични резултати, додека метформинот не покажува значајни бенефити. Ефектите од калориското ограничување се забележуваат и кај мажите и кај жените, без разлика дали се применува со намалени порции или интермитентен пост.

Идни перспективи и предизвици
Рапамицинот се смета за еден од најветувачките кандидати за развој на терапии против стареење. Иако стареењето не се смета за болест, тоа е ризик фактор за многу здравствени проблеми како рак и деменција. Забавувањето на процесот би донело години квалитетен живот и намалување на здравствените трошоци во услови на стареење на глобалната популација.
Но, сепак, не е се така светло зашто рапамицинот, во некои случаи, може да предизвика несакани ефекти како ослабување на имунитетот и намалена фертилност. Во моментот се испитуваат помали дози за да се утврди дали се можни придобивки без непожелни ефекти, а првите сигнали се охрабрувачки.
Во тек е клиничко испитување со волонтери кои примаат ниски дози рапамицин и пријавуваат подобрување на некои здравствени показатели.
Испитувањата со метформин се во тек и резултатите ќе бидат објавени во следните години. Сепак, експертите предупредуваат дека не треба да се бара рапамицин како лек за долговечност без стручен медицински надзор. Главниот предизвик останува развојот на терапии кои ќе овозможат подолго и поздраво живеење без да се жртвува квалитетот на животот или уживањето во секојдневните задоволства.