ИнтервјуКариера
COVER STORY

Кога камчињата зборуваат- интервју со Загорка Аврамовска, уметница што ја претвора природата во поезија низ слики

Уметност со камчиња – тоа е светот на уметницата Загорка Аврамовска. Свет каде љубовта, спомените и човечките приказни добиваат нов живот преку природни материјали. Една нежна уметничка порака дека убавината често лежи во наједноставното – ако имаме отворени очи да ја видиме и широко срце да ја почувствуваме.

Advertisement

Во светот на брза потрошувачка и дигитална врева, има луѓе што создаваат уметност која нè тера да застанеме, да погледнеме и да почувствуваме. Една од нив е Загорка Аврамовска – уметница со едно сосема поинакво платно: природни камчиња. Нејзините дела се минијатурни сцени од животот, создадени со префинето чувство, прецизност и неверојатна љубов кон деталите.

Таа не ги гледа камчињата само како материјал, туку како мали актери во една визуелна поезија низ слики. Публиката најпрво ја запозна преку креативните рецепти за деца на социјалните мрежи, но нејзиниот преод кон уметноста со камчиња ја откри нејзината поинаква уметничка длабочина.

Advertisement
фото-приватна архива

За гламур.мк разговорараме со Загорка – жената што „ги слуша“ камчињата и од нив создава приказни.

Публиката најпрво Ве запозна преку креативните рецепти за деца што ги споделувавте на социјалните мрежи. Денес, Вашата уметност со камчиња привлекува сè поголемо внимание. Како дојде до оваа промена во изразувањето?

– Сѐ започна со љубовта кон децата и желбата да им понудам нешто креативно и забавно. Но во еден момент, почувствував силна потреба да создадам нешто што зборува без зборови — и така започна мојата приказна со камчињата и се роди  Артисан кој токму овој месец, јули, слави точно 10 години постoење.

фото-приватна архива

Во Вашите дела секој камен станува лик со своја улога, често опкружен со љубов, семејство, радост. Што Ве инспирира да создадете вакви сцени?

– Мојата инспирација произлегува од човечките релации и секојдневните ситуации што нè опкружуваат, моменти на блискост, поврзаност, благодарност.

Advertisement
фото-приватна архива

Во секое мое изработено дело гледам можност да раскажам една приказна без зборови. Камчињата ми се како алатка за визуелна поезија, преку нив создавам сцени што ќе предизвикаат емоција, ќе разнежнат, или ќе разбудат спомен.

Тоа што една сцена може да биде лично доживеана на различни начини од различни луѓе токму тоа ми е најголемата уметничка мотивација.

фото-приватна архива

Камчињата што ги користите се различни по форма, боја и текстура. Како го правите изборот – дали секое камче „си ја бара“ својата улога, и колку е важна нивната меѓусебна хармонија за финалниот впечаток?

– Камчињата сами ми „зборуваат“. Кога ќе земам едно во рака, често веќе ја гледам улогата што ќе ја добие. Не ги бирам според правила, туку според енергија и форма. Се случува за еден карактер на изработката низ рацете да ми поминат стотина каменчиња додека не го одберам она кое навистина сметам дека е соодветното. Хармонијата меѓу камчињата  е клучна,тие мора да „се сакаат“ за да го раскажат раскажаното.

фото-приватна архива

Дали некогаш Ви се случило едно „обично“ камче да Ве инспирира за цела слика? Колку често едно мало парче природа го диктира целото дело?

Да, и тоа многупати! Понекогаш ќе најдам едно мало, криво, невообичаено камче – и токму тој „недостаток“ ми ја отвора фантазијата. Тоа станува јунакот на целата сцена.

Кога ги разгледувате камчињата, ги гледате ли како материјал или како мали ликови што чекаат улога во Вашите приказни?

– Никогаш не се само материјал. Во секое гледам потенцијал, приказна, емоција. Тие се како мали актери кои чекаат да добијат улога ,а  јас сум тука да им ја дадам. . Тие ми дозволуваат да изразам емоции, моменти и вредности што се вечни како што се  семејство, љубов, благодарност.

фото-приватна архива

Колку време Ви е потребно да создадете едно дело – од идеја до финален производ?

Зависи од инспирацијата, но генерално процесот може да трае од неколку часа до неколку денови Работам 6 формати, така да времето за  изработка на помало и поголемо дело не е исто. Одбирањето на камчињата е најемотивниот дел и тука никогаш не брзам. Сакам секое дело да биде автентично и „живее“.

фото-приватна архива
фото-приватна архива

Имате ли омилено камче кое го чувате, но никако не го користите – како таен талисман на Вашата уметност?

Имам, и го чувам веќе неколку години. Тоа камче ме потсетува зошто започнав. Не е дел од ниту едно дело, но е дел од мене, како  сведок на секој мој креативен процес.Ми го подари мојот сопруг на едно патување и ми рече, ова камче е сосема ти. Камчето има  облик на срце ,стои на работната маса во моето студио и си ја врши својата задача,  шири љубов (се смее, н.з).

фото-приватна архива

Каква е реакцијата на луѓето кога ќе го добијат Вашето дело – особено кога станува збор за подароци со лична приказна?

Најчесто – солзи, насмевки и благодарност . Кога некој ќе добие подарок со лична приказна, не добива само уметничко дело – туку емоција. Тоа е најголемата награда за мене  кога моите раце ќе создадат нешто што ќе ја допре душата на некој друг.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button