Охриѓани со триумф на регионалниот фестивал во Тирана – чест е да се биде дел од ваков спектакл

На престижниот фестивал за музички видеа „Netet e Klipit Shqiptar 2025“, што се одржа на 20 мај во Националната опера и балет во Тирана, македонската продукциска куќа „Sustain Production“ од Охрид, предводена од режисерот Даниел Јовески, забележа историски успех.

Видеото за песната „Naten e mire / Добра ноќ“ на култниот рок бенд Elita 5 освои вкупно 8 награди – за режија, камера, приказна, продукција, графика, монтажа, интерпретација и како најдобро видео со сите компоненти. Со ова, спотот стана најнаградуваното дело на фестивалот годинава.

Фестивалот „Netet e Klipit Shqiptar“ е единствен од ваков ранг во регионот, со долга традиција уште од 2002 година, обединувајќи врвни продуценти и визуелни уметници од Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора. Настанот се одржа во гламурозна атмосфера, со црвен тепих, уметност и сјај, достоен за светските сцени.
„Чест и привилегија е да се биде дел од ваков спектакл,“ изјави Јовески, кој лани прослави и 10 години соработка со Elita 5 – група основана во 1988 година, која и денес е симбол на рок музиката на овие простори.
Оваа успешна соработка започна во 2014 година со видеото „Me Fal“, кое донесе низа награди и признанија. Следеа „Lamtumire“ во 2021 и најновиот спот „Naten e mire“ во 2024. Трите видеа веќе имаат милиони прегледи и голем број обожаватели на Јутјуб.
Овој успех уште еднаш потврдува дека македонските креативци сè почесто се на врвот на регионалната и меѓународната сцена.