Ме тераат да молчам – отиде во Турција за „совршено тело“, се врати со бактерија што ѝ го јаде телото
„Ме тераат да молчам. Но јас нема да молчам. Сакам другите девојки да знаат што може да се случи.“

Бомбардирана со реклами за естетска хирургија на социјалните мрежи и уверена дека ќе се чувствува посамоуверено, 20-годишната Изабела Крафорд донела одлука да замине во Турција на пластични операции. Наместо нов изглед и поголема самодоверба – се вратила со бактерија што ѝ го разјадува телото.
„Само сакав да се чувствувам подобро во своја кожа“, раскажува таа за ITV News.
Иако нема деца, хирургот ѝ препорачал комплетен „mummy makeover“ – пакет што вклучува затегнување на стомакот, подигнување на гради, липосукција и бразилско подигање на задник. Без самодоверба и исполнета со несигурност, Изабела верувала дека ова е нејзиниот пат до внатрешен мир.
„Не се работеше за некаков идеален изглед. Само одвнатре се чувствував ужасно“, признава таа.
Сѐ започнало со операција на нос вредна 11.000 евра, а потоа следеле уште неколку интервенции – вкупно 88.000 евра потрошени на естетика.
Она што следело, никој не го очекувал: бактерија што почнала да ѝ го јаде ткивото, компликации што ја загрозиле не само нејзината убавина, туку и животот.
Најстрашно од сѐ, вели Изабела, е тоа што сега добива закани – да молчи за сето тоа.
„Ме тераат да молчам. Но јас нема да молчам. Сакам другите девојки да знаат што може да се случи.“
Сега вели дека длабоко жали што воопшто се одлучила да замине.

Тоа не беше болница туку комора за мачење
„Тоа не беше болница – тоа беше комора за мачење“, раскажува Изабела за ITV News. „Никој не ме праша зошто сакам операција, ниту се интересираше за моето ментално здравје. Хирургот само ми рече: ‘Ќе изгледаш неверојатно. Опушти се, довери ни се.’“
По целосна анестезија во 9 часот наутро, се разбудила дури во 18 часот. „Бев парализирана, не знаев каде сум, кој ме допирал, што се случувало…“
Таа се разбудила со хируршки рани и вреќи полни со крв приклучени на телото. Модра и отечена, се чувствувала како „експеримент – да се види колку тело може да издржи“. А во истата болница имало и други девојки, исто така обвиени со завои и видно тажни.
„Сите дојдовме поради истото – да се чувствуваме подобро. И бевме подготвени да страдаме само за тој момент на прифаќање.“
По неколку дена ја пуштиле од болницата во хотелска соба, а подоцна ѝ издале и потврда дека е „способна за лет“.
Но, патувањето до дома било кошмар – крв ѝ течела од раните, а таа постојано трчала во тоалет, уплашена дека можеби нема ни да преживее до дома.
Кога конечно стигнала, мајка ѝ – која мислела дека Изабела е на викенд со другарки – била шокирана. Веднаш ја одвела во болница каде добила итна терапија против агресивна бактерија што го јаде ткивото.
„Сѐ почна кога на 15 години ги гледав инфлуенсерите како одат во Турција. Кога наполнив 18, почнав да штедам. Сакав само да се чувствувам подобро во мојата кожа – а мислев дека тие операции се решението, бидејќи сите ги прават.“
По бројни слични случаи, британската телевизија ITV го контактираше турското здружение на пластични хирурзи. Претставникот д-р Булент Саџак призна дека „на Турција ѝ се потребни построги здравствени регулативи“, но додаде дека „генерално, квалитетот на хирурзите е висок“. Сепак, предупреди: „Пациентите мора да ги изберат вистинските лекари.“
Isabella Crawford, 20, flew to Turkey in February after a surgeon recommended she have a ‘mummy makeover’ – which included a tummy tuck, a breast uplift, liposuction and a Brazilian butt lift, ITV News Correspondent @GeraintITV reports
This report contains distressing details… pic.twitter.com/jAXvT6sOnD
— ITV News (@itvnews) August 23, 2024
Изабела, пак, не застанува тука. Таа веќе има поднесено тужба против клиниката и хирурзите, и води кампања за забрана на рекламирање естетски операции од страна на инфлуенсери.
„Пет месеци по мојата исповед, добивав закани, малтретирање и притисоци. Ми го тргнаа видеото од Јутјуб, ми ги оневозможија Инстаграм профилите, добивав лажни правни документи, пораки на WhatsApp и повици од скриени броеви. Почна вистинска хајка.“
И покрај тоа, таа не се повлекува:
„Мојата петиција сега е на официјален државен сајт – бараме инфлуенсерите да престанат да промовираат операции како да се шопинг артикли. Ќе продолжам да ја кажувам вистината, и да ја штитам следната жртва пред да биде предоцна.“
Во време кога социјалните мрежи промовираат совршени тела и брзи решенија, приказната на Изабела е мрачно потсетување на тоа колку опасна може да биде индустријата за убавина – особено кога зад неа стојат нереални очекувања, влијателни инфлуенсери и брзи ветувања.