Скриено лековито богатство на 3 часа од Скопје – лекува реума, срце и нерви, погодна за балкански џеб
Оваа бања претставува совршено место за оние кои бараат природен начин за подобрување на здравјето, релаксација и бегство од секојдневниот стрес. Со своите лековити води, достапни цени и богата историја, таа е идеална дестинација за викенд одмор или подолг престој на само 240 км од Скопје.

Сместена во долината на реката Бањска, на 11 километри од Куршумлија, Куршумлијска бања е вистински бисер — скриено лековито светилиште што сè повеќе привлекува туристи од целиот регион. Опкружена со густи четинарски шуми на Копаоник и со свеж планински воздух, оваа бања нуди идеални услови и за одмор и за лекување.
Со надморска височина од 432 метри и умерена континентална клима, таа претставува совршено место за бегство од секојдневниот стрес. Токму таа височина, во комбинација со природата и климата богата со негативни јони (природно прочистен воздух), придонесува за забрзано закрепнување и подобрување на општата здравствена состојба.
Лековити својства и терапии
Бањата располага со повеќе извори на термоминерални води со температури од 14°C до 67°C, кои се користат за третман на различни здравствени состојби.
Водите се класифицираат како сулфидни, јаглероднокисели, алкални и железни, што ги прави особено ефикасни во лекувањето на ревматски заболувања, невролошки нарушувања, гинеколошки проблеми, болести на бубрезите и уринарниот тракт, гастроентеролошки нарушувања, метаболички болести, постоперативни и посттравматски состојби.
Терапиите вклучуваат хидротерапија, пелоидотерапија (терапија со лековита кал), електротерапија, магнетотерапија, ултразвучна терапија, ласеротерапија и други.

Сите третмани се изведуваат под надзор на стручни медицински лица и се прилагодени на индивидуалните потреби на пациентите.
Сместување и услуги
Сместувањето во бањата е достапно и за најштедливите патници. Цените на приватните апартмани и соби се движат од 1.000 денари (околу 17 евра) по ноќевање за две лица. Покрај приватниот сместувачки капацитет, хотелот „Планинка“ нуди реновирани соби и медицински услуги, вклучувајќи 24-часовна здравствена заштита.
Бањата е одлична појдовна точка за истражување на околните природни и културни знаменитости: Ѓавоља Варош – уникатен геоморфолошки феномен со 202 земјени фигури и два извора на кисела вода, сместен на околу 40 км од бањата.
Во близина е и Прокупље – град со богата историја и културно наследство, идеален за еднодневна екскурзија.