„Бев невеста на 30 години, сега сум вдовица на 31“ – симптомите беа речиси незабележливи

Ожаловена вдовица ја сподели својата болка поради загубата на својот 32-годишен сопруг. Нејзиниот партнер одеднаш починал од срцев застој, а таа предупредува дека илјадници млади луѓе може да бидат во опасност од изненадна и прерана смрт.
Едвард Бур ненадејно починал во октомври 2024 година, откако страдал од непознато срцево заболување за кое ни самиот не знаел.
Првите знаци дека нешто не е во ред се појавиле само шест месеци пред неговата смрт — ден по неговата свадба. Се чувствувал „лошо“, но тоа го припишал на можеби обична настинка што ја добил од 60-те луѓе со кои бил во контакт на свадбата.
„Тоа прерасна во одење во нашата локална болница, каде му дијагностицираа воспаление на белите дробови“, вели неговата сопруга Лаура (31) од Банбури, округот Оксфордшир.
Таму било откриено и дека неговото срце не функционира нормално, па бил префрлен во друга болница — но за време на транспортот претрпел акутен срцев застој.
Подоцна, во средината на јули, бил подложен на операција на отворено срце во болница во Лондон, каде што му бил вграден апарат за поддршка на пумпањето на крвта низ телото. Лекарите планирале трансплантација на срце, но чекањето било предолго — и тој починал од повеќекратно откажување на органите во октомври минатата година.
„Воспалението на белите дробови го скрши неговото тело и не можеше да се избори со срцевата болест за која не знаевме дека ја има“, изјави Лаура.
„Бев невеста на 30 години, сега сум вдовица на 31 — тие зборови не треба никогаш да ги изговори ниту една жена.“
Срцевиот застој настанува кога срцето не може правилно да ја пумпа крвта низ телото, обично затоа што е ослабено или вкочането. Тоа доведува до намален доток на кислород и хранливи материи до органите и ткивата.
Проблемот најчесто се јавува поради начинот на живот кој го оптоварува срцето — како висок крвен притисок и атеросклероза (запушување на артериите со холестерол).
Симптомите вклучуваат отежнато дишење, замор, отекување на нозете и на зглобовите, неправилен срцев ритам, вртоглавица, мачнина и болка во рацете, вилицата или грбот.

Габи Еванс (32), дипломирана медицинска сестра, исто така го загубила својот партнер поради непознато срцево заболување. Том Брејквел починал од скриени кардиоваскуларни болести во јануари 2025 година, на 34-годишна возраст — само две недели откако почувствувал ненадејна болка во градите.
„Примен е во болница на 18 јануари бидејќи мислеа дека имал срцев удар, но всушност станувало збор за висок крвен притисок кој предизвикал слични симптоми. Му го намалија притисокот и беше пуштен од болница — беше добро и рече дека се чувствува одлично.“
Три дена подоцна, таа се разбудила наутро и го нашла Том како не дише.
„Ја запалив светилката и веднаш знаев дека нешто не е во ред. Почнав со реанимација пред да дојдат итните служби. Работеа на него околу 45 минути пред да одлучат дека не можат да продолжат и дека Том повеќе не е со нас.“
Починал од срцев застој на 28 јануари 2025 година — причината за смртта подоцна била утврдена како висок крвен притисок и коронарна болест на срцето.
„Неговото срце било оштетено и имал проблем долго време“, рече госпоѓа Еванс.
Сега, двете жени повикуваат на задолжителни здравствени прегледи за млади возрасни лица, со цел да се откријат нераспознаени срцеви заболувања.
„Да имаа Едвард и Том направено тестирања порано, или да постоеше некој вид здравствена проверка, тоа ќе се откриеше и можеби ќе имавме повеќе време со нив“, изјави госпоѓа Бур.