Тестенините се едно од најомилените јадења ширум светот – лесни за подготовка, брзи и неверојатно разновидни. Без разлика дали сте во брзање или сакате нешто полесно и вкусно, тие се секогаш сигурен избор.
Сепак, постои една неочекувана состојка што може целосно да го трансформира вашето јадење – сосот наречен тахини. Според многу готвачи, токму овој сос е „неопеаниот херој“ во кујната, а така го нарекува и кулинарската писателка Одри Енџоли во свој текст за Food Republic.
Таа го опишува тахини како потценет сос со интензивни оревести ноти што му даваат длабочина и комплексност на вкусот. Но, тахини не е резервиран само за десерти – одлично функционира и во солени јадења, особено во комбинација со тестенини.

Фуд-блогерката Ниша од „Rainbow Plant Life“ вели:
„Јадењето со тахини е готово за само 30 минути, богато е, и неверојатно е кремасто! Не само што е едноставно за подготовка, туку е и хранливо, полно со вкус и лесно прилагодливо на личниот вкус.“
Што е тахини?
Тахини сос е кремаста паста направена од мелени семки од сусам. Има мазна текстура и оревест вкус, и се користи како основа или додаток во разни јадења – и солени и слатки. А со тестенини – е неверојатно компатибилен!
Како најлесно да направите тахини?
Еве едноставен и домашен рецепт за тахини – ќе ви бидат потребни само 2 состојки и блендер: 1 шолја сусам (бел, излупен) и 2-3 лажици масло (маслиново, сончогледово или масло од сусам).

Рецепт за тахини сос за шпагети/макарони/равиоли (за 2 лица)
Состојки:
3 лажици тахини
1 чешне лук (ситно сечкан или изгмечен)
2 лажици лимонов сок
1/2 лажичка сол
1/4 лажичка црн бибер (по вкус)
3–5 лажици вода од варење на шпагетите
1 лажица маслиново масло (по желба)
Малку сушен босилек (по вкус)
250 г шпагети (или други тестенини)
Постапка:
Сварете ги шпагетите според упатството, и зачувајте дел од водата од варењето (богата е со скроб и ќе помогне сосот да биде уште покремаст).
Во мала чинија, измешајте го тахини сосот, лимонов сок, лук, сол и бибер.
Постепено додавајте 3–5 лажици од топлата вода од шпагетите, мешајќи постојано додека се добие мазен и кремаст сос. Ако е премногу густ, додадете уште малку вода.
По желба, додадете и малку маслиново масло за дополнителен вкус.
Исцедете ги шпагетите и измешајте ги со тахини сосот.
Сервирајте веднаш. По желба можете да украсите со свеж босилек, магдонос или печени семки.
Совет: Овој сос одлично се комбинира со брокули, печурки, спанаќ или печен домат, ако сакате да го збогатите оброкот.