„Колку сум среќна, драги мои, какви мини пици направив – нешто чудо, убавини! Само што ги гледам – сум најадена!“ – вака, со полна радост, Зорка Јанчeва од Тиквешијата, вредна домаќинка и врвна готвачка, ни го пренесе рецептот зготвен со мерак.

Овојпат, таа ни подари рецепт за стари добри мини пици – но со еден шмек што само вистинска домаќинка може да го внесе.
Advertisement
РЕЦЕПТ ЗА ТЕСТО:
2 кг брашно
500 мл млеко
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
2 коцки квасец
200 мл масло
Вода по потреба
Се замесува средно меко тесто. Се остава да нарасне, а потоа Зорка му додава уште една лажичка масло, го премесува и пак го остава да нарасне уште еднаш.

ФИЛ:
Маргарин (на собна температура, за премачкување)
Кечап
Оригано
Кашкавал (рендан, по желба)
Шунка (ситно сечкана, по желба)

ПОСТАПКА:
Откако ќе нарасне, тестото се дели на 4 дела. Секое се расукува, се премачкува со кечап и оригано, па се додава кашкавалот и шунката. Се завиткува во ролат и се сече на парчиња. Се редат на плех обложен со хартија за печење.
Интересен детал: од едно парче тесто Зорка направила и триаголници – “кои исто се преубави”, како што вели самата таа.


Сите парчиња се оставаат да нараснат уште малку, па се премачкуваат со смеса од едно разматено јајце и 1 лажица кисело млеко.
Се печат во загреана рерна на 200°C околу 10–15 минути – додека поруменат и замириса целата кујна.

„Ви посакувам пријатен, среќен и весел ден, каде и да сте низ целиот свет. Бидете ми секогаш насмеани, со отворено срце – и полни со љубов и уживајте во вкусна храна!“, ни рече Зорка со нејзината препознатлива топлина во гласот.