„Не е залудна изреката – што зрачиш, тоа привлекуваш“: бизнис приказни со Верица Спасеновска
Во кафетеријата на Верица Спасеновска ќе добиете и едукативна поддршка за полесно да го одберете кафето- сортата по ваш вкус благодарение на целиот тим што ја сочинува нејзината бизнис-филозофија. „Тие се клучни за првиот впечаток на секој нов клиент или гостин што решил да стапне кај нас“ - вели Верче.

Во срцето на Скопје, каде урбаниот ритам се испреплетува со желбата за автентично кафе-искуство, се наоѓа L’angolo di Caffè – повеќе од кафетерија, тоа е простор каде се дегустира квалитет, се негува естетика и се чувствува посебна енергија. Зад оваа препознатлива приказна стои Верица Спасеновска – жена со страст кон кафето, со јасна визија за тоа како треба да изгледа и да функционира едно угостителско катче, и со храброст да го следи својот инстинкт, дури и кога тоа значи да чекори надвор од утврдените деловни патеки.

Од првичната идеја за шоурум на брендот Caffe Italia, до креирање на кафуле што денес важи за култно градско собиралиште за љубителите на врвно кафе, Верица ја гради својата бизнис филозофија врз темели на автентичност, квалитет и непосреден однос со клиентите. Нејзиниот пристап не е само деловен – тој е длабоко личен. Со ист ентузијазам со кој го води L’angolo di Caffè, таа се впушти и во нов предизвик, проширувајќи ја дејноста со Pletenka Decor – мал уметнички простор посветен на дизајн и дом, инспириран од нејзината креативност и семејното наследство.
Во ова интервју, Верица искрено зборува за почетоците, предизвиците како жена-претприемач, диверзификацијата на бизнисот, важноста на амбиентот, енергијата како деловен капитал, но и за потребата да се живее со страст и благодарност.
Ова е приказна за тоа како од љубовта кон кафето може да се изгради бренд што инспирира, мотивира и остава траен впечаток – не само преку вкусот, туку и преку чувството што го буди.

ПРАШАЊЕ: Како дојдовте до идејата да отворите кафуле и што беше клучно за да го претворите тоа во успешен бизнис?
Откако станавме застапници за брендот Caffe Italia, за да создадеме мрежа на наши корисници ни требаше простор каде што ќе ги изложиме сите производи, секако и машините за кафе и сите други пропратни елементи што следат, за да биде целосна сликата за нашиот профил и сето она што го нудиме.
Можевме да отвориме канцеларија, но воопшто не изгледаше примамливо, па затоа се одлучивме да направиме мала кафетерија која ќе биде showroom за да се презентира, дегустира кафето доследно на неговиот квалитет. Требаше да поминат неколку години за L’angolo од showroom да прерасне во култна кафетерија. Ова се коментари од нашите конзумери кои ги оставаат како оценка на Google map, голем дел така не доживуваат, а јас сум бескрајно благодарна на Бога за тоа.

Најбитна алка за Caffe Italia да прерасне во здрав бизнис е мојата енергија која е со иста жар, страст и ентузијазам од првиот момент до сега, а и во иднина се надевам.
ПРАШАЊЕ: Кои беа најголемите предизвици кога започнувавте и како ги надминавте, особено како жена во претприемачкиот свет?
Нема да ви се верува дека сѐ уште е присутен тој предизвик што се вика ГРАТИС! Не ми е јасно кој го наметна тој начин на работење, доколку го купат кафето од нас, на пример, некој ресторан, покрај опремата за работа, а тука спаѓа кафемат, мелница една или повеќе, депуратор, морам да дадам гратис и шолји за кафе, шеќер, лажички, салфетки и што уште не. Ми стана незгодно да набројам друго (се смее, н.з).

Овој тренд јас го саботирав на некој начин или подобро да кажам го компензирав со квалитетот на производот што им го нудам. Со едукативната поддршка што ја имаат кон нивните вработени достапна во секое време по нивно барање и потреба. Тоа е мојот најголем предизвик во работењето, но мојата верба и истрајност ми ги остави сите „еснаф” клиенти кои добро знаат што купуваат и конзумираат.
Сепак, кафето е храна, а тоа сите го забораваат талкајќи по пари и профит.
ПРАШАЊЕ: Кафемати, мелници, потоа се проширивте отворајќи продавница за декорации во домот – кои деловни размислувања стојат зад проширувањето и диверзификацијата на понудата?
Многу одамна почнав да ја оплеменувам кафетеријата со украси од вистинско или дехидрирано цвеќе во зависност од годишниот период. Декорацијата ја менував до трипати во годината. Ова го правам несебично за да им направам пријатен амбиент на гостите за да ги оправдаат средствата што ми ги оставаат. По природа сум многу креативна, а шиењето како занает го владеам од малечка, и затоа отворивме уште еден мал бизнис кој пак, заради името што го носи, Pletenka Decor, поврзува фамилијарна историја.
Многу луѓе што влегле во продавницата се фасцинирани, велат дека е бисер во градот, дека ги потсетува на дуќан од убавите дестинации Италија, Франција.
Јас повторно сум многу благодарна за нивните убави зборови, но сепак, тоа е заслуга на сето она што го творам за другите да уживаат со него и во него. Многу луѓе не знаат дека јас сум истата одговорна личност од кафетеријата од спроти, па ќе речат, вака, цитирам: Многу ме потсетува на L’angolo, можеби дека е така исто убаво со посебна енергија!
Значи дојдовме до моментот дека енергијата е многу значајна поради тоа што луѓето ја чувствуваат. Не е залудна изреката – што зрачиш, тоа привлекуваш.
ПРАШАЊЕ: Колку е важна естетиката и атмосферата во успехот на еден угостителски бизнис, и како го креиравте препознатливиот амбиент?
Македонците имаат развиено сенс за естетика. Сакаат да бидат во убав амбиент опкружени и секако, убави работи да поседуваат зависно од вкусот што го носат во себе. Додека јас пак, имам потреба естетски да се изразувам, да творам , да ширам убавина. Сето она што го гледате и доживувате во L’angolo и Pletenka тоа сум јас и мојата енергија и карактер.
ПРАШАЊЕ: Како се едуцирате и информирате за трендовите во индустријата на кафе и дизајн, и како го пренесувате тоа знаење на Вашиот тим?
Редовно посетуваме саеми за кафе за да дознаеме што е ново на пазарот. Од друга страна, а тоа и ни е должност да ја посетуваме фабриката на Caffe Italia во Фијано Романо (РМ) каде имаме тренинзи со престижни баристи од Италија, каде сме сведоци во производствениот процес на кафето.
Минатата година дел од тимот беа на тие тренинзи и секако на убави дружби. Имаме изградено една посебна конекција со сопствениците на овој бренд, поради фактот што тие не сметаат за достојни претставници на она што го градат тие и се горди на нашиот успех. Ние сме дел од нивната фамилија и растеме заедно.

ПРАШАЊЕ: Кои се вашите планови за иднина – размислувате ли за нов деловен предизвик, нови локации или можеби сосема нов концепт поврзан со кафе или содомот?
Сметам дека нашата филозофија е успешна заради фактот дека ова е фамилијарна микрокомпанија. Добербата што ја градиме е стабилна заради тоа, но ние не можеме да се реплицираме. Многу е тешко да најдеш луѓе кои несебично ќе се дадат во работата и ќе ги прифатат нашите високо поставени стандарди.
Пробавме да отвориме и имавме уште една кафетерија која секако не успеа.
ПРАШАЊЕ: Што Ве релаксира, која е Верче надвор од работната атмосфера, која мисла ја држите секогаш близу до срцето?
Јас сум интроверт! Несебично се трошам со социјалната интеракција во текот на денот, затоа ме релаксира мојот дом, разговор со најблиските, обавезно музика во позадина и секако, убав оброк кој што го подготвувам со задоволство, а и неозбежно е и чаша добро црно вино. Сама се грижам за хигиената во домот, тоа го сфаќам како тренинг за да изгледам фит (се смее, н.з), покрај моите редовни ЕМС тренинзи.
Практикувам семејни ручеци со најблиските.
Кога сум во домашна чиста средина навираат моите идеи и така почнувам да ги реализирам. Во моите мисли често изразувам благодарност што сме здрави и живи, за сѐ што имаме и секако посакувам подобро утре!