Нема да ви се верува, ама и во овие земји има еспресо поевтино дури и од градовите во Македонија
Можеби нема да ви се верува, ама и во Хрватска и во Италија се уште има места на кои може да испиете кафе за 1 евро.

Верувале или не, и во Хрватска постојат места, како на пример во Сплит, на кои можете да испиете кафе за само едно евро.
Станува збор за маалско кафуле кое се наоѓа во населбата Сучидар во Сплит каде и денес може да се напиете кафе за само едно евро. Газдите на ова кафуле решиле да им останат верни на старите цени, додека во останатиот дел од оваа земја кафето е минимум 2 ера, а во пресрет на новата туристичка сезона се очекуваат и нови поскапувања, па најверојатно и на оваа услуга.
Во текот на минатата сезона на сплитската ривиера кафето чинеше дури три евра, па сега многумина се прашуваат колку пари оваа година ќе мора да потрошат за овој свој утрински ритуал покрај морето.
За споредба може да ја земеме и Италија, земјата која е синоним за еспресо културата, каде се уште постојат места во кои може да испиете превкусно кафе за само едно евро.
И тоа во некој романтичен бар што нема никогаш да го заборавите. Да, навистина, во многу градови и во оваа земја, посебно во традиционалните барови, еспресото се уште чини речиси и поевтино отколку во Македонија – од 1 до 1.5 евра.
Ова секако не важи за туристичките места каде цените се значително повисоки, впрочем како и на секое друго место на светот.
Фото: Фрипик
Има ли кафе за 1 евро во Македонија?
Градот Охрид отсекогаш имал повисока цена на кафе за разлика од другите туристички центри во Македонија.
Па така на пример во еден од најпознатите ресторани во Стариот град во Охрид еспресото чини 100 денари, додека макијатото 130, а за сок од цеден портокал ќе треба да платите околу 200 денари.
Отприлика слични цени се движат и во останатите кафулиња во овој град кои се во близина на езерото, но секако дека има кафулиња каде цените се и значително поевтини.
Од друга страна, соседна Струга е доста поевтина и таму за овој утрински ритуал ќе треба да платите во најголемиот дел од кафулињата до 100 денари, додека на некои места се уште може да се најде добро еспресо и за помалку од 1 евро.
Кафе за едно евро ќе најдете и во Дојран, а на некои места турското кафе ќе ве чини дури и помалку од едно евро.
Слични цени има и во останатите места низ Македонија, а во повеќето од нив ќе најдете кафе и поевтино од 1 евро.
Па, препорачајте ни некое од овие места во Македонија каде газдите им останале верни на старите цени?