ДВЕ ЛОШИ ВЕСТИ ЗА НАШИНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА – ова никој не го очекуваше

Германија ќе го преполови бројот на имигранти од Западен Балкан, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.
„Редовната миграција во Германија во рамки на таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија денеска во Берлин.
Правилото со кое им се дозволува на работниците од Западен Балкан да имигрираат за работни цели беше воведено на почетокот на 2016 година, откако земјите од регионот беа прогласени за безбедни земји, со што практично беше исклучено стекнувањето на правата на азил во Германија за граѓаните на тие земји.

Ова правило имаше за цел да им овозможи на оние лица кои ќе најдат работа во Германија да имигрираат во Германија на редовна основа. За разлика од другите правила за трудови имигранти кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската унија, имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не бара квалификации, туку само договор за вработување со работодавач во Германија.
Последната социјалдемократско-зелено-либерална влада ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно пред помалку од една година. На крајот на минатата година, во Германија се регистрирани 79.500 лица врз основа на имиграција според правилата за Западен Балкан. Најголем број се од Косово, а потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Граѓаните на шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) исто така можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила. Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде во почетната фаза се чекаше за термин повеќе од една година.
Новата германска влада планира значителни измени во Законот за натурализација (Закон за државјанство), особено во делот што се однесува на добивање германско државјанство по само три години престој. Оваа можност најверојатно ќе биде укината.
Во коалициониот договор меѓу Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) и Социјалдемократската партија (SPD), се наведува дека владата предводена од Фридрих Мерц ќе го укине ова правило, воведено од претходната „семафор коалиција“ на Олаф Шолц.
Идниот канцелар Мерц, на прес-конференција, ги соопшти деталите од коалицискиот договор – токму во денот кога крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) првпат се најде пред конзервативците во анкетите.
Германија најверојатно ќе има 15 министерства, а Мерц, кој го постигна коалицискиот договор со SPD, се очекува да стане канцелар во мај.

Една од неговите први одлуки ќе биде укинување на можноста за добивање државјанство по три години. Оваа опција овозможуваше, под одредени услови, странци да добијат германско државјанство по само три години престој и интеграција.
CDU од самиот почеток се залагаше за укинување на ова правило, додека SPD се бореше тоа да остане. Постигнат е компромис – се укинува делот за натурализација по три години, но останува поедноставениот процес за добивање државјанство по пет години.
Според информациите на германскиот Bild, новата влада постигнала договор и во делот на пензиската политика – пензиите ќе останат фиксирани на 48 проценти од просечната плата до 2031 година.
Законот за натурализација кој овозможи побрзо добивање државјанство стапи на сила на 27 јуни 2024 година. Германија тогаш значително ги скрати роковите со цел да ја поттикне интеграцијата и социјалното учество.
Според официјални податоци, во Германија живеат над 100.000 лица со потекло од Македонија, додека неофицијалните проценки ја зголемуваат таа бројка на околу 150.000 до 200.000, вклучувајќи ги и лицата со двојно државјанство и потомците од втора генерација. Овие законски измени потенцијално ќе имаат значајно влијание врз оваа заедница.