Бизнис приказни со Тања Кокев
Кога започнавме со нашите Бизнис приказни, идејата беше да создадеме место каде што првенствено ќе им дадеме простор на успешните жени од Македонија кои се на моќни позиции или имаат свој бизнис да го споделат со нашите читатели нивното искуство. Со нив разговараме на тема како започнале со својата кариера, кои се нивните позитивни, но и негативни искуства, како и на многу други теми поврзани со работата, но и со нивното секојдневие. Овој пат имавме чест да разговараме со Тања Кокев, една од нашите најпознати модни креаторки која успешно го води своето ателје Кокев веќе 19 години. Таа е препознатлив бренд во македонската мода и дефинитивно е омилен и на јавните личности, но и на нашите политичарки. Пред да го започне својот бренд, Кокев работела во многу други индустрии, но според неа најважно е да го работиш она што го сакаш, а искуството и помогнало да разбере дека трпението кога имаш цел и контролата на стресот се всушност 50 % од успехот. Во продолжение таа зборува за својот бренд Кокев, откривајќи ни ја и тајната за нејзиниот успех, но и за многу други работи поврзани со нејзиниот професија, така што искрено се надеваме дека многумина ќе уживаат во интервјуто со оваа наша прекрасна дама…
Приватна архива
Прашање: 19 години години успешно ја градите својата модна приказна. Кокев е еден препознатлив бренд во македонската мода и дефинитивно сте омилена на домашните политичарки, но и на јавните личности. Од каде и од кога љубовта кон креирањето и кон модата?
Па, од мала сум облечена во секојдневните слатки драми на моето семејство. Кога потекнуваш од драматично семејство неизбежно е да се разбуди нешто во тебе. Имав среќа тие драми да ја разбудат мојата креативност и модата беше мојот излез.
Не можам да го игнорирам и моментот кога сфатив дека моето внимание кон детали е доволно сериозно за да ми пречи асиметричното копче на наставничката. Си реков: “ ако веќе живееме во општество што се облекува како да го изгубило слепото црево и стилот на ист датум, некој мора да реагира. “Тоа бев јас”
Прашање: Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вашата професионална позадина пред да започнете сопствен бизнис? И како тие искуства придонесоа за вашиот сегашен успех?
Пред да започнам свој бизнис, работев во неколку други индустрии. Но, секое искуство ме научи дека ако можеш да преживееш шеф кој носи чорапи со сандали, можеш да водиш империја. Еве ме – жива здрава, модерна и со своја линија, дури и на копчиња. Целта секогаш беше модниот фронт. Мислам дека мојата најголема професионална школа беше во одделот на досадни задачи и свесноста дека еден ден морам да бидам моден дизајнер. Многу е страшно кога работиш нешто кое не го сакаш. Но, ете, тие искуства ми помогнаа да разберем дека трпението кога имаш цел и контролата на стресот се всушност 50% од успехот.
Приватна архива
Прашање: Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен ?
Талент, упорност, слобода на креативност и 10% глума дека си во ред кога сакаш лаптопот да го фрлиш од тераса. И нормално неизмерна способност да се насмевнеш додека некој ти кажува “НЕ” или “ајде, не се нервирај, тоа е само бизнис”.
Прашање: Дали според Вашите согледувања и искуства материјалното го води светот?
Сметам дека материјалното е важен дел од светот, ако не друго, барем за да можеме да плаќаме за нашите соништа. Грешката е ако трчаме по материјалното во високи потпетици, неизбежно е дека во даден момент ќе паднеме или ќе се сопнеме во најдобар случај. Или ако светот е еден Instagram feed – да. Но, пак, што вреди еден Кокев фустан ако нема кој да ти го забележи на кафе во Дебар Маало.
Прашање: Каков совет би им дале на аспирантите жени претприемачи кои сакаат да се пробијат во индустријата за мода и убавина?
Без страв, успехот може да дојде со разочарувања, а понекогаш и со мачни моменти како едно долго чекање на јавен превоз.
Приватна архива
И да не заборават! „Не“ значи „не сега“, а не „не никогаш”. Облечи се како за Vogue и размислувај како да водиш мафија. Со други зборови, култура, стратегија и опасна дисциплина. И не заборавај критиката најгласно доаѓа од оние кои никогаш и не ти влегле во ателје.
Прашање: Каков е односот кон жените лидери во Македонија? Дали сме родово сензитивни?
Ситуацијата е како моден тренд: имаме напредок, но не сме на врвот. Или да речеме дека сме на ниво по првиот час на јога-уште не знаеме што точно правиме, ама се трудиме да изгледаме смирено :))).
Не толерираат се додека не се појавиме со мислење, тогаш стануваме “емотивни” или така веднаш не претставуваат.
Прашање: Кои се Вашите приоритети како жена бизнисмен и моден креатор ?
Го преживеав периодот кога се борев секој ден да не ми го ставаат зборот “хоби” покрај мојата кариера. Да им докажам на луѓето дека фустанот не е само облека – тој е став, револуција и пасивно агресивен коментар кон лошиот вкус на другите.
Прашање: Дали македонските жени имаат сенс за мода?
Не сакам да генерализирам воопшто за ништо во животов. Но, сепак мојата перцепција е дека имаат сенс, ама често го оставаат дома. Ама имаме и жени кои не го оставаат дома, го носат во себе, на себе и со себе. Да не заборавиме ние имаме ДНК на империи, време е и преку гардеробата да си го покажеме тоа.
Приватна архива
Прашање: Да ни дадете предлог за една комбинација за една жена кога се двоуми што да облече а да не згреши, што е секогаш ин комбинација?
Црно сако + бела кошула + добри фармерки + став “немам време за глупости”. Елеганција со attitude – најдобра комбинација. Кога си во дилема оди со комбинација која кажува “не ми се расправа, само тргни ми се од патот”.
Приватна архива
Прашање: Колку сметате дека естетските корекции се ин и дали имате нешто направено до сега. Дали се пресудни за една жена да е убава?
Се додека не изгледаш како филтер во реалниот живот, секој нека си прави што сака. Јас? Ништо радикално, ласер и малку ботокс, малку повеќе гени и многу светло од југоисток :))). Убавината почнува таму каде што завршува опседнатоста со совршеното.
Прашање: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?
Дел од мене сака да верува дека медитацијата е клуч. Но, во реалноста чаша вино, цигара, Spotify со 90ти и игнорирање на телефонот. Енергијата ја црпам од луѓе кои веруваат во мене и јас во нив.
Приватна архива
Прашање: Вашата ќерка Клара е Ваша копија и често е дел од модните ревии. Каков е Вашиот однос мајка ќерка и на кои животни вредности ја учите во животот?
Не сум сигурна дали е моја ќерка или подобра верзија од мене :). Ние сме dream team. Ја учам да биде независна, да не бара потврда од никого и да знае дека добриот стил почнува со самопочит. Меѓу нас – соработка со елементи на драмска комедија. Ја учам да биде своја, дури и кога светот и вика да биде “ општествено поприфатлива”.
Приватна архива
Прашање: И на крај, постои ли одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до вашето срце?
„Облеката не го прави човекот, но помага околината да го сфати сериозно.“ — парафраза на стара вистина што уште чека да биде разбрана на Балканот.
Приватна архива
Има нешто длабоко иронично во тоа што токму површината – изгледот е она што луѓето го читаат прво, додека суштината ретко стигнува до читателот. Затоа, ако веќе живееме во свет каде визуелното е новиот кредибилитет, тогаш јас ќе бидам и визуелно и суштински беспрекорна. Во свет каде апсурдот е секојдневие, стилот е мојот отпор. Или за крај! “Никогаш не се расправај со луѓе кои мислат дека вкусот е субјективен откако ќе облечат маица со лого големо колку егото им!”