Се запознале во култното скопско кафуле „Љубов“, сега тие го водат новиот локал со исто име и на исто место – интервју со Милана и Матеј

Неодамна во Скопје се отвори ново кафуле и предизвика огромно внимание и со локацијата и со името. Генерациите на возраст од 25 до 50 и кусур добро го паметат култното „Љубов“ во центарот на градот. Квартот каде што некогаш дишеше ноќниот живот на Скопје. Извесно време овој локал работеше под друго име, но неодмна се затвори. Оваа прилика ја искористиле Милана и Матеј, млад пар којшто по некоја случајност се запознале во некогашното „Љубов“ и нивната врска започнува од оваа точка.

Но, дали е тоа главната причина зошто на нивното кафуле му го даваат повторно истото име или нешто друго. Како се кроело создавањето на новото скопско катче и што ќе нуди овој простор, а воедно како овие млади луѓе во овие тешки времиња се одлучиле да започнат ваков бизнис во угостителството, дознавате од интервјуто со Милена, понежната половина од оваа љубовна приказна.

Како дојдовте до идејата да отворите кафуле?
– Ние (Милана и Матеј) отсекогаш сме биле хедонисти, уживатели, „боеми“ на некој начин, секојдневието сме го поминувале со разни луѓе и групи и сето тоа се одвивало на разни места, локали, но претежно барови – кафичи.
Сме го сакале друштвото што се создавало во тие места, сме ја сакале креативноста, идејата и концептот кој што исто така може да се создаде таму.
Кафулето е место каде што луѓето претежно го поминуваат своето слободно време, момент кога луѓето се попуштени и во подобро расположение.
Секоја работа е работа со луѓе, ние одбравме да се бавиме со слободното време на луѓето. 😊
Да напоменам и дека сме имале прилика и искуство со угостителство, па така некако испадна и зошто баш кафич.

Зошто оваа локација?
– Квартов каде што се наоѓа „Љубов“ е кварт во кој јас (Милана) изживеав еден добар и голем дел од мојата младост (уште сум млада 😊).
Во овој кварт беше моето прво работно искуство, тука излегував и денски и навечер, тука си запознав една доживотна другарка, запознав и многу други драги луѓе, а и тука се запознавме со Матеј . Матеј исто така тука работеше во квартов, тука излегуваше и еден ден се појави и се случи ЉУБОВ.
Ние бевме со идеја за некое креативно место и трагавме по локација, се мислевме дали воопшто во Скопје, се пресметувавме, што, како, зашто и „Шорт бас“, кој последен се наоѓаше на локацијава, се затвори, кафичот стана отворена прилика и ние само ја препознавме.
И сум посакувала ако имам место да биде тука во овој кварт, по можност овој локал и за мене животот е таков и така и се остваруваат работите.

Зошто му го дадовте името „Љубов“ ?
– Зар има поубаво име од „Љубов“? Најубавиот збор. Љубовта е највозвишеното нешто што постои во целово наше постоење. Неслучајно ни се погоди и претходно да е „Љубов“ и тоа два пати, можеби сме трета среќа. 😊 Многу од луѓето очекуваат поврзаност со претходните места, не дека не постои некоја нишка, но сепак ние сме нова љубовна приказна.
Љубов е и затоа што треба да постои место со име Љубов, треба да се слави љубовта, да се зборува за неа, тоа е вреден разговор и вредна тема за споделување.
А љубов е нели и зато што тука се случи нашата љубов (Милана и Матеј).
Љубовта е и може да се набројува до бесконечност.

По што вашиот локал се разликува од другите?
– Фокусот секогаш треба да биде на она што го сакаш, можеш и имаш замисла да го направиш, па така нема споредба и разлика со другите, туку тоа е некоја сопствена креација која ние ја креираме во наш стил и на начин на кој ние знаеме.
View this post on Instagram
Нудиме креативен простор за разни љубовни и културни случувања. Локалот го реновиравме ние неколку души со свои раце, најголемиот дел го има направено сам еден човек, татко му на Матеј, и тоа е за почит и најголемо благодарам, целиот инвентар е реставриран, но и просторот сам по себе е уникатен, се состои од три дела и секој дел е приказна за себе, се наоѓа на добра локација, во урбан блок, имаме цвеќиња, мачки, добродојдени се сите животни, негуваме напредни идеи и работиме за добробитот на градот. Местото е опуштено, модерно, забавно..
View this post on Instagram
Луѓето кои што доаѓаат тука стануваат наши блиски, се чувствуваат како дома ,а и меѓусебно се поврзуваат. Нудиме добри пијачки, користиме квалитетни состојки и коктелите ги спремаме со капки љубов и магија.

Имаме добра музика во текот на целиот ден, тоа е музика собирана низ годините, музика која си ја слушаме по дома, која ја истражуваш и сакаш некаде надвор да ја чуеш, музика споделувана од луѓе со добар вкус за музика.. Голем акцент ставаме на уметноста и културата. Нудиме простор и поддршка за развивање на креативци, можност за талентирани луѓе кои сакаат да создаваат , така да отворен е повикот до сите креативни и добри души кои сакаат и имаат што да споделат, слободно нека ни се обратат.
View this post on Instagram
Што ќе нуди ова градско катче во денот, а што во ноќта?
– Нудиме пријатна атмосфера и дење и ноќе. 😊 Добра музика, добро кафе, добри пијачки, интересни закуски, здрави слатки, забава, дружба, уметност, креативни работилници, секојдневна програма и многу случувања што дури ни ние не можеме да замислиме до која се“ точка ќе се допре.

Какви реакции ви пристигнуваат по отворањето?
– Секакви. Претежно се добри реакции и луѓето се заинтересирани да видат што се случува. Важно е секое мислење, добродојдени се совети и критики, ги прифаќаме, но сепак ние имаме сопствен концепт и идеја , се движиме во тој правец, па кој се пронаоѓа е добродојден.

Каква ви е замислата и желбата да се развива „Љубов“?
– Би сакале да се развие интересна приказна. Да се случуваат навистина љубовни сретнувања и заљубувања, луѓето да се дружат повеќе, да се споделуваат интересни вештини, креативни содржини, да имаме многу настани и да ужива градот во она што го нудиме. Да не должиме многу, да не испадне и дека се фалиме, дојдете да се дружиме и споделуваме, па после вие ќе кажувате како е.





