Кладилниците не смеат да бидат до училиштата и детските игралишта – што мислите за овој закон во Хрватска?
Во Хрватска повеќе нема да има автомати за игри на среќа во рестораните, а на познатите ќе им биде строго забрането да рекламираат кладилници

На многумина мислењата им се поделени околу овој закон, посебно за оние што се дел од секторот што е опфатен со законот.
Претставниците на власта и опозицијата во Хрватска се пофалија со нова измена на Законот за игри на среќа.
Со овој закон ќе се воведе и забрана за поставување на автомати во угостителски објекти од почетокот на следната година, а сé со цел да се нагласи значаен чекор во борбата против зависноста од коцкање.
„Подобра регулација е нешто што мора да го направиме, посебно за младите и за сите оние што тргнале по патот на зависноста од игри на среќа“, изјави Петар Шимиќ од ХДЗ по изгласувањето на новиот закон кој го пофалија и многу други претставници како од власта, така и од опозицијата во Хрватска.
Промените ги поздрави и Божо Петров од Мост, но тој исто така смета и дека игрите на среќа не треб воопшто и да се рекламираат.
Фото: Фрипик
И многу други претставници и на власта и на опозицијата што ги поздравија овие промени во Законот за игри на среќа, сметаат дека игрите на среќа воопшто и не треба да се рекламираат, посебно што не се рекламираат и другите зависности.
Фото: Фрипик
Нема рекламирање од 6 до 23 часот
Тие повикуваат на потполна забрана за огласување на игри на среќа во јавниот простор, додека според законот ограничувањето вклучува забрана за огласување во период од 6 до 23 часот преку интернет, односно преку аудио-визуелните и радио програмите, како и во содржините на електронските публикации.
Исто така се забранува и огласување на игрите на среќа во печатените медиуми, на јавно видливи површини и намалување на видливоста на просторот за игра на среќа.
Спонзорското огласување не е нужно забрането, но може да содржи само назив на фирмата, лого и назив на брендот.
Со законот се забранува и појавување на познати лица и медиумски влијателни личности во огласување на игри на среќа.
Исто така со овие промени ќе биде пропишана и дозволена оддалеченост на кладилниците од училиштата и детските игралишта.
Фото: Фрипик
Што се случува во Македонија?
И во Македонија минатата година претходната влада требаше да донесе нов закон за игри на среќа, но истиот не беше донесен.
Тогаш законските измени за игрите на среќа со месеци ја брануваат јавноста, а полемиката се водеше меѓу различни здруженија – едните притискаа за затворање на коцкарниците и обложувалниците и нивно дислоцирање што подалеку од училиштата.
Од друга страна претставниците на овој сектор бараа да се заштити истиот бидејќи сметаат дека е „најголемиот работодавец“ во земјата.
Законот беше предложен од Владата со европско знаменце во кој, меѓу другото, се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.
Но овој закон најпрво го стопираше претседателот на државата, а потоа пропадна и вториот обд да се донесе.
Тогаш во Собранието настана конфузија дали е донесен или не, по што реагираа собраниските служби, дека не е усвоен.
Доколку беше изгласан објектите за игри на среќа ќе требаше да се оддалечат повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Исто така, од Собранието тогаш беше соопштено дека на 145 -та седница законот добил поддршка од 51 пратеник, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа заврши процедурата за негово донесување