Изберете патување во Италија и за помалку од 200 евра – искористете ги попустите и за одмор во Грција
За исто толку пари може да го посетите и Истанбул и да уживате во убавините на Босфорот, но сега е последниот момент и да го изберете вашето летување и за истото да платите многу поповолна цена...

Неколку интересни предлози за евтино патување…
Повеќето наши познати агенции во своето „мени“ имаат интересни понуди за пролетно патување во Италија во март и април. Овие пакетите најчесто траат пет или шест дена, со сместување во хотел од три и четири ѕвезди, а цените се движат од околу 180 до 200 евра.
Се патува со автобус, па така во една понуда можете да ги посетите Верона, Гарда, Милано, Венеција и Трст, или пак да ја изберете Тоскана, еден од најромантичните региони во земјата наследничка на Стариот Рим, и да ги посетите Болоња, Сиена, Писа и Фиренца.
Исто така овој период од годината е интересен и за патување во Истанбул за престој од 4 до 6 дена.
Фото: Фрипик
Па така за неколку дена хедонизам на Босфорот нашите туристички агенции имаат пролетни понуди со хотели со две или три ѕвезди, со цени кои се поприлично поволни и се движат од 150 до 500 евра по лице.
Посакувана туристичка дестинација е и Шпанија, но таа е малку поскапа од претходните две, па сместување во Барселона, Валенсија, Мадрид и Андалузија за 3 до 5 дена може да се најде за 450 до 600 евра.
Инаку, во овој период од годината можат да се најдат и поволни патувања за летен одмор, без разлика дали сакате да престојувате во хотел или преферирате приватно сместување.
Фото: Фрипик
Поприлично поволни цени за одмор туристичките агенции нудат во Грција, една од омилените дестинации за туристите од Македонија, но кога сме кај оваа дестинација не заборавајте дека од минатата година многу земји меѓу кои и Грција воведоа туристички и климатски такси за да се заштитат од масовниот туризам.
Нови такси, нови трошоци
Па така при организирање на патувањето најдобро е да се информирате и за овие трошоци и за висината на цената за да нема изненадувања. На пример, од април до октомври, кога сите планираат одмор во Грција, за престој во хотел со пет ѕвездички ќе се наплаќа од евро и пол до 15 евра, а таксите за крстарење за оние што одат на Санторини или Миконос може да бидат до 20 евра на пристаништето.