Никој на овој свет не заслужува ваква смрт, ова е повеќе од трагедија – за 10 минути загинаа осум члена од ДНК.
Немам зборови. Не можам ниту да говорам, ниту да пишувам, вели Игор Џамбазов во својата последна објава.

Македонија завиена во црно
Во страшниот пожар што се случи во дискотеката Пулс во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а преку 150 се повредени.
Меѓу починатите се и осум членови на групата „ДНК“ – пејачот Андреј Ѓорѓиески, тапанарот Ѓорѓи Горгиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, придружниот вокал Сара Пројковска, тон-мајсторот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски. Владимир Блажев – Панчо, кој заедно со Андреј е еден од основачите на бендот, ја преживеа несреќата, но во моментот е во болница со тешки изгореници и е приклучен на кислород. Несреќата ја преживеа и Ана Костадиновска, придружен вокал во групата, која во моментот е во стабилна состојба.
Многу познати личности се збогуваат од членовите н бендот ДНК, кои кобната вечер настапуваа во дискотеката на смртта и ги изгубија своите животи. Со трагична порака од нив се збогуваше и компанијата „Авалон“ која објави црно-бели фотографии од настраданите музичари, со потресна порака:
„Никој на овој свет не заслужува ваква смрт, а не пак професионалци какви што на своето работно место се Андреј, Сара, Ѓорги, Мартин, Филип, Александар Коларов, Александар Ефремов, Жучко…“
„Почивајте во мир, сочувство до семејството и најблиските“, пишува во нивната објава на социјалните мрежи.
Со потресна порака од трагично настраданите се збогуваше и Игор Џамбазов, кој сподели неколку објави на своите профили.
Во една од нив тој за Андреј напиша:
„Пријателе…
Немам зборови. Не можам ниту да говорам, ниту да пишувам.
Уште помалку да пеам.
Онемев. Ослепев. Оглувев. Оглупавев. Снеможев.
Андрејчук, малкумина има како тебе.
Ти беше од таа специјална сорта. Добри луѓе. Посебни луѓе што би се жртвувале секогаш, за секого, и во секоја прилика.
И кога ќе се видиме горе, ќе си го завршиме муабетот што го почнавме на новогодишната ноќ, кога заедно настапувавме пред среќната публика. Таа, публиката, никогаш нема да те заборави. Јас уште помалку… Сонувај спокојно“, пишува Игор Џамбазов скршен од болка на социјалните мрежи
Потсетуваме, во страшниот пожар што се случи ноќта помеѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, настрадаа најмалку 59 лица, а на денешната прес-конференција министерот Панче Тошковски соопшти дека повредени се 196 лица, од кои 20 се деца.
Во стравичниот пожар загинаа и осум членови на групата „ДНК“, а еден од нив е и вокалистот Андреј кој успеал да избега од огнена стихија, како што открија неговите блиски пријатели, тој се вратил во клубот за да спасува деца и повредени од пожарот. Тогаш се срушил кровот и го усмртил на лице место.