„Црвена звезда“ доаѓа во Скопје – хуманитарен меч со „Вардар“ во чест на жртвите од трагедијата во Кочани!
„Ова е најмалку што Црвена звезда можеше да направи во овој тежок момент за својата братска Северна Македонија“, велат од фудбалскиот клуб.

Членовите, менаџментот и фудбалерите на српскиот фудбалски клуб „Црвена звезда“ длабоко се потресени од трагедијата што се случи во Кочани, и тоа го изразија преку изјава во српските медиуми во која се вели дека веднаш стапиле во контакт со нашите фудбалски легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски.
„Со нивна помош, остваривме контакт со раководството на Вардар и договоривме на 16 април да гостуваме во Скопје и да одиграме хуманитарен натпревар. Целиот приход од оваа средба ќе биде насочен кон семејствата на загинатите во оваа страшна несреќа“ – изјави Звездан Терзиќ за српките медиуми и додаде:
„Ова е најмалку што Црвена звезда можеше да направи во овој тежок момент за својата братска Северна Македонија“.
Освен Дарко Панчев и Илија Најдоски, голем број фудбалери родени во Македонија ја испишаа историјата на Црвена звезда. Треба да се потсетиме на Драгослав Шекуларац, браќата Бошко и Милко Ѓуровски, Митко Стојковски, Драги Канатларовски, Кирил Дојчиновски…, потсетуваат од Црвена ѕвезда.