Мајкино око, како ќе живеам без тебе, душата ми е распарчана – мајката на Моника скршена од болка
Моника пред месец дена го прослави првиот роденден на ќеркичката, а потоа настрада во несреќата во Кочани -нејзината мајка неутешна, се огласи на социјалните мрежи и сподели фотографија од својата ќерка

И Моника Спасова меѓу жртвите…
И младата Моника Спасова која инаку е мајка на едногодишно девојче е една од жртвите што настрадаа во страшната несреќа.
Нејзиното семејство по несреќата во ноќниот клуб цело време ја бараа во сите болници, а споделија и фотографија на која Моника е со своето бебе, надевајќи се дека ќе добијат некакви информации за неа. Нивниот апел со брзина на светлината се прошири по профилите на семејствата, познаниците, како и сите останати корисници на социјалните мрежи кои сакаа да помогнат. Но за жал, во еден момент пристигна и најцрната вест – и Моника е една од жртвите во пожарот.
„Мајкино око оти ми побегна. Мајкино око како ќе живеам без тебе. Мајкино око кој ќе гушнам наместо тебе, мајкино око, душата му е распарчана“, пишува неутешно мајката на Моника која зад себе остави ќеркичка од една година, сопруг, родители, брат, сестра…
Моника со својот сопруг кој успеа да се спаси од пожарот
Не постојат зборови кои би можеле да го утешат ова семејство кое остана без Моника која во јануари минатата година заврши криминалистичка академија и беше мајка на едногодишно дете.
Под објавата на нејзината мајка на која Моника е со своето бебе во рацете се редат тажни пораки со кои блиските им изразуваат сочувство.
И како што може да се види од профилот на оваа мајка скршена од болка што остана без своето чедо, тие пред само месец дена организирале роденденска прослава за ќеркичката на Моника.
Тогаш целото семејство со насмевка позираше покрај принцезичката што пред една година пристигнала во нивното семејство, а само неколку недели подоцна им се случи трагедија и тага што не може ни да се замисли.
Потсетуваме, во страшната несреќа што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани настрадаа најмалку 59 жртви.
Несреќата се случи откако прскалките кои биле користени како светлечки ефекти на концертот на ДНК, го запалија таванот на клубот, по што пожарот брзо се прошири и го зафати целиот простор.
Во моментот на несреќата во клубот имало преку 500 лица, а во просторот немало врата за итни случаи и пожари, така што многумина не успеале на време да го напуштат просторот и настрадале од огнот и чадот.
По несреќата покрај големиот број загинати во болниците во Штип, Кочани и Скопје се пренесени преку 150 лица, а потоа голем број од нив се префрлени во болниците во соседните земји.