
Дури и за време на постот не мора да се откажете од омилената салата на Македонците, руската салата. Секако ќе ја подготвите на малку поинаков начин, а ние ви откриваме што посебно ќе ѝ даде шмек.
Се подготвува брзо, а секој залак е вистинско уживање.
Состојки:
450 г мешавина зеленчук за руска салата или 2 компира, 2 моркова и чаша грашок
100 г обарена соја во парчиња – сол и сув зачин додадете при готвењето
Половина главица црвен кромид
3-6 кисели краставици
Лажичка сенф
200-400 г посен мајонез по вкус
Сол и бибер по вкус
Начин на подготовка:
Ако користите мешавина зеленчук за руска салата, следете ги упатствата за обарување. Ако користите свеж зеленчук, компирите, морковите и грашокот треба да ги сварите додека бидат меки. Во водата додадете малку сол, варете ги додека омекнат, потоа исцедете ги и оставете ги да се оладат.
Сојата натопете ја во топла вода и оставете ја да отстои неколку минути за да омекне. Потоа, исцедете ја и динстајте ја на тава со малку масло и додајте сол и сув зачин по вкус. Оставете да се олади, а потоа исечете ја на ситни парчиња.

Црвениот кромид исечете го на ситни коцки.
Киселите краставички исечкајте ги на коцки, по желба може да оставите и покрупни парченца ако ги сакате поизразени.
Во поголема чинија измешајте ги обарениот зеленчук, динстаната соја, кромидот и киселите краставици.
Додадете сенф и посен мајонез по вкус, како и сол и бибер за да ја прилагодите салатата на вашиот вкус.
Добро промешајте ги сите состојки и оставете ја салатата да отстои 15-на минути во фрижидер за да се соединат вкусот и аромата.
Послужете ја како вкусна и освежувачка посна руска салата!
Пријатно јадење!