Реклама
БизнисИнтервју

„Верувај во себе и сè ќе биде возможно“ – бизнис приказни со Маја Илиоска Златков

Со широко искуство зад себе и над 200 успешно реализирани кампањи, Маја Илиоска Златков зборува за својата професионална патека, улогата на жените во бизнисот и формулата за успех во динамичниот свет на маркетингот.

Реклама

Во динамичниот свет на маркетингот и корпоративната комуникација, успешните професионалци се оние кои знаат како да ги претворат предизвиците во можности и да изградат стратегија која остава траен печат.

Денес разговараме со Маја Илиоска Златков, Сениор соработник за маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка АД Скопје, која зад себе има богато искуство во различни индустрии, работејќи на маркетинг кампањи, бренд менаџмент и развој на иновативни проекти.

Нејзиниот професионален пат, кој вклучува работа во маркетинг агенции, производствени компании и модната индустрија, е доказ дека успехот доаѓа со посветеност, храброст и континуирано учење. Во ова интервју, таа споделува увид во тајните на успешното лидерство, улогата на жените во бизнисот и важноста на менторството во градењето на нови генерации професионалци.

Маркетинг

ПРАШАЊЕ: Можете ли да ми кажете за вашата професионална позадина пред да дојдете на работна позиција како Сениор соработник за маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка АД Скопје? И како и дали тие искуства, гледано од денешна дистанца, придонесоа за вашиот сегашен успех?

– Пред да станам дел од маркетинг тимот на Шпаркасе Банка АД Скопје како Сениор соработник за маркетинг и комуникации, стекнав навистина богато искуство во маркетингот низ различни индустрии.

При крајот на моите додипломски студии по маркетинг на Економскиот факултет во Скопје, започнав со пракса во Skala School, а по дипломирањето го имав и првото вработување во една од нашите поголеми производствени компании – Вива. Прекрасни искуства, кои ми ги поставија работните навики, комуникацијата со надворешни соработници, пристапот во разработка и имплементација на квалитетни маркетинг кампањи и организација на настани.

Маркетинг

Потоа, следуваше кариерен раст на позиција маркетинг раководител во „Сара Фешн“. Повторно една од нашите поголеми домашни компании, кадешто управував со стратегиите за позиционирање на брендот во Македонија, Србија и Косово. По четири успешни години во „Сара Фешн“ и огромен број на реализирани кампањи, се одлучив за нов кариерен предизвик, управување со маркетинг стратегии на иновативни образовни проекти во организацијата SmartUp.

По сите овие искуства, пред сѐ како маркетер од страна на компаниите, ми остана да го заокружам искуството и од страна на една маркетинг агенција. Како акаунт менаџер на маркетинг агенцијата Division, управував различни маркетинг активности за брендовите Diamond Mall, Витаминка и Тиквеш. Тоа се вкупно 9 години професионално искуство и реализирани над 200 кампањи, преку кои стекнав експертиза во различни сегменти на управување со маркетинг стратегии.

Сите овие искуства значајно ми помагаат во сегашната работата во Шпаркасе Банка, особено во односите со јавноста и проектите за финансиска едукација и одржлив развој. Голема чест е да бидам дел од групацијата Steiermärkische Sparkasse, која годинава слави 200 години. Работата на значајни проекти е не само професионален предизвик, туку и одговорност што ја споделувам со мојот тим, со кој заеднички градиме позитивно влијание во општеството.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Која е формулата или тајната за успешна жена во деловниот свет?

– Формулата за успех на една жена во деловниот свет според мене, се темели на три клучни столба – знаење, истрајност и храброст да се излезе од зоната на комфор. Неопходно е постојано да се бараат можности за раст, да се размислува стратешки и да се преземаат иницијативи што водат кон напредок.

Вистинската сила на жената е во способноста да гледа на големата слика, но и на најситните детали, да ги прифати предизвиците како шанса за учење и да се остане доследна на сопствените вредности.

Мојата академска основа – Магистер по економски науки во област на маркетингот на АУЕ ФОН и Дипломиран економист во област на маркетингот, на Економскиот факултет при УКИМ, каде што за мое огромно задоволство бев меѓу најдобрите 10 студенти во генерацијата – ми обезбеди стабилен темел. Но, успехот се завцрсти преку практично искуство и континуирано учење. Знаењето и истрајноста се двигатели на секој успех, но храброста е таа што создава вистинска промена. Успешната жена не само што се прилагодува на промените – таа ги предвидува, обликува и ги претвора во можности. Со јасна визија, со непоколеблива посветеност и со способност да инспирира, таа не само што гради свој пат, туку отвора врати и за другите да чекорат по него.

ПРАШАЊЕ: Каков совет би им дале на аспирантите жени кои сакаат да се пробијат во деловниот свет?

– На жените кои сакаат да се пробијат во деловниот свет им советувам пред сè да веруваат во своите способности и да не дозволат стравот од неуспех да ги спречи да преземат иницијатива. Вашите идеи имаат вредност – зборувајте гласно за нив, борете се за нив и не чекајте дозвола за да ги реализирате. Како што споменав, континуираното учење е клучно – вложувајте во своето знаење, усовршувајте се и бидете во чекор со промените во индустријата. Создадете значајни деловни релации, бидејќи мрежата на вистински луѓе може да биде ваша најголема поддршка и извор на многу соработки. Пронајдете ментор преку кој со неговата мудрост и искуство, ќе ве инспирира и од кого ќе можете да учите.

И најважно од сè – бидете упорни и останете верни на себе. Автентичноста и страста за тоа што го работите се вашиот најголем адут. Понекогаш вратите нема веднаш да се отворат, но доколку тропнете доволно силно и доволно долго, ќе создадете можности што ќе ве однесат кон успехот.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Каков е односот кон жените лидери во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?

Иако сè повеќе жени се пробиваат на лидерски позиции во нашата држава, тие сè уште се соочуваат со родови стереотипи и ограничен пристап до жени-ментори, што го отежнува нивниот напредок. Едно истражување покажува дека компаниите со повеќе жени лидери имаат 30% поголема веројатност за успех, што докажува дека инклузивноста не е само прашање на праведност, туку и на деловна предност.

На глобално ниво, жените сè уште заработуваат 20% помалку од мажите, а милиони девојчиња немаат пристап до образование. Ова потврдува дека родовата нееднаквост е системски проблем што бара континуирана заложба. Затоа, неопходно е да продолжиме да се залагаме за рамноправност и да создадеме систем каде што успехот се мери според знаењето, способностите и упорноста, а не според полот. Родовата еднаквост не е само женско прашање – тоа е прашање на општествена правда и развој.

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, треба да потсетиме дека иако овој празник се одбележува повеќе од 100 години, ниту една земја сè уште нема постигнато целосна родова еднаквост. Ова нека биде поттик за сите нас да продолжиме да работиме кон создавање поправедно и поинклузивно општество.

ПРАШАЊЕ: Кои се вашите приоритети како деловна жена?

– Мојата визија како деловна жена е да креирам средина во која растот, иновацијата и поддршката се клучни двигатели на успехот. Верувам во континуирано усовршување и развој – и на личен и на професионален план. Посветена сум на создавање вредност, не само за компанијата во која работам, туку и за заедницата и младите таленти во маркетингот. Менторството и споделувањето знаење се клучни за мене, бидејќи верувам во моќта на поддршката и инспирацијата, особено кога станува збор за жени кои се на почетокот на својата кариера. Истовремено, балансирањето на кариерата со приватниот живот на секоја жена треба да е од исклучително значење – затоа што само исполнета и задоволна личност може да биде успешен лидер.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Хоби ви е модата во која активно бевте вклучени десетина години како модел, фотомодел и бренд амбасадор на „Алшар“. Зошто се одлучивте за друга професија, а не продолживте професионално да се занимавате со мода?

– Модата имала големо влијание на мојот развој – ми помогнала да изградам самодоверба, адаптивност и способност за работа во динамични услови, вештини што денес ми користат во деловниот свет.

Иако со години бев активно вклучена во модата, мојата вистинска страст е маркетингот, професија која ме исполнува и мотивира. Одлуката да се посветам на неа беше една од најдобрите што сум ги донела. Сепак, модата секогаш ќе остане дел од мене – неодамна повторно застанав пред фотообјективот за зимската колекција на Алшар, обележувајќи 10 години од мојата работа во оваа област.

ПРАШАЊЕ: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?

– За мене, вистинската рамнотежа и успех во секое поле започнуваат со времето поминато со најблиските. Енергијата што ја добивам од моето најсакано семејството и драгите пријателите е еден од клучните фактори за мотивација, инспирација и внатрешен мир. Несомнено, тие се мојата најголема поддршка и извор на сила. Сакам да се релаксирам заедно со нив преку моменти што ме исполнуваат – уживање во добра музика на концерти, посетување театарски претстави, откривање нови вкусови на интересни закуски, добра шопинг авантура или едноставно дружење со луѓето што ми значат сè. Токму тие моменти ми помагаат да ја задржам енергијата и позитивноста што ги вложувам во секојдневието.

ПРАШАЊЕ: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до вашето срце?

– Една мантра што често си ја повторувам е: „Верувај во себе и сè ќе биде возможно.“ Овој цитат ме потсетува дека самодовербата, истрајноста и вербата во сопствените способности се клучот за секој успех. Но, мотивацијата е уште посилна кога имаме личност на која се угледуваме – некој што со својот пример ни покажува дека сè е возможно. Во мојот случај, тоа е мојата мајка – жена чија сила и љубов се неисцрпна инспирација, мој најголем пример за посветеност и несебична поддршка.

Затоа, најдете ја вашата инспирација – личност што ќе ве мотивира за раст на вашата сопствена сила и ќе ви докаже дека можете многу повеќе отколку што си мислите!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button