Реклама
ИнтервјуНега и здравје

Будимка Поповска за силата во здравствените искушенија – „прифаќањето на одговорноста за сопствениот живот е првиот чекор до оздравувањето“

„Здравствениот предизвик ме смени во голема мера. Претходно знаев теоретски дека тоа е најниската можна вибрација што може да му се случи на човек, улогата на жртва. Но, наеднаш сѐ што мислев дека знам падна во вода. Сфатив дека не знам ништо“.

Реклама

Сликарката, поетеса и писателка Будимка Поповска – Буде е уметнички свет за себе. Нејзиниот израз е слободен, непредвидлив и длабоко личен. Таа не следи трендови, не се затвора во дефиниции, туку создава свој универзум од зборови, линии и бои. Во нејзиното творештво, сликите и поезијата се спојуваат во единствена, симболична целина, како огледало на нејзината потрага по вистината, по суштинското.

фото-приватна архива, цртеж од Буде

Нејзиното минато, вклучувајќи ги и 17-те години поминати во манастир, е дел од тој пат – пат на длабоки искуства, на сознавања, на духовно будење. Секој збор, секоја слика што ја создава, носи слоеви на значење, но и топлина, интимност, необична игра на форми и мисли. Поповска е уметница која го преминува она што е видливо, отвора врати кон невидливото и ни подарува нови, неочекувани перспективи.

фото-приватна архива

Во ова искрено интервју, Поповска зборува за здравствениот предизвик со кој моментно се соочува, за духовноста како постојан процес на себепознание, за заблудите околу монашкиот живот, но и за личните предизвици – особено нејзината борба со болеста. Со длабока рефлексија, таа споделува како болката ја менува перцепцијата за животот и што значи да се прифати и разбере себеси во најранливите моменти.

Маркетинг

Буде деновиве престојува во манстирот посветен на Пресвета Богородица, во селото Велјуса, каде, како што вели „љубовта на сестрите и човечката топлина на христовото присуство има моќ да ја зацели и најголемата рана“ и додава – „Нема зборови да ја опишам мојата благодарност за тоа“.

фото-приватна архива

Како се промени твоето разбирање на духовноста низ различните фази на твојот живот?

– Сѐ е поврзано со себепознанието. Нели во антиката беше една од најпознатите изреки: „Спознај се себеси“, којашто стои на влезот на храм во Делфи. А една друга пак, вели: „Два пати во иста река не се влегува…“ и во таа смисла ние луѓето (а можеби и не?) сме еден процес на менување во континуитет. Промена која трае и трае и не запира.

Маркетинг

Ова е прилично „трики“ прашање. Што е духовноста? Старецот Софрониј Сахаров имаше една прекрасна книга насловена „За духот и животот“. Што ако самиот Живот е Духот? Тогаш начинот на кој живееме е нашата духовност. А живееме во тело коешто има свои потреби и сме личности кои имаат свои идентитети.

Сето тоа е подложно на промени, и секогаш кога не сме ускладени со нив, на некое од нивоата на нашето постоење се појавува болка.

Духот е таа несоздадена енергија која ни помага во клучните моменти на криза да не се откажеме од себеси и да најдеме сила да одиме понатаму. А на крајот од денот, следува незаслужената награда во вид на преплавеност од слобода, љубов и светлина, и чувството дека вреди да се живее.

фото-приватна архива

Постојат ли заблуди што луѓето ги имаат за монашкиот живот?

– Како и за секоја друга област, заблуди постојат кога има непознавање на работите…особено во сегашниов момент, во овој тековен период на човечката цивилизација – сите сме полни со заблуди за новите тенолошки достигања во светот, најмногу за вештачката интелиенција, да речеме… Заблуди за историјата, за политиката, за себеси, за друите луѓе, за универзумот, и т.н.

Во нашиот микросвет од неколку стотици км квадратни, да, имаше заблуди но тоа беше некако очекувано и нормално за една млада и надобудна транзициска приказна како нашата…Македонија како ФИРОМ, поранешна припадничка на СФРЈ, беше општество во кое религијата и нејзините институции биле системски и законски укинати во втората половина на 20 век…Можеби како мозаичен дел од светските идеолошки превирања во тој историски моментум, распадот на државата освен што донесе хаос и војна, донесе и некои позитивни промени како, на пример, осамостојувањето и враќањето на некои „стари“ вредности од типот можноста слободно да се самоопределиш во однос на верата, нацијата и сл.

Можеби од денешен аспект тоа се чини ретроградно, но ако се има предвид дека тоа што е потиснато со сила, кога-тогаш ќе најде начин да избие на површина, а македонскиот народ се покажа, имаше сила да ја подигне црквата од пепелта на претодниот режим. За разлика од, на пример, некои други области како да речеме економијата или културата, каде што немаше заживување, обнова или прогрес на ниво на општество (а на ниво на поединци – да, што е друга тема).

Затоа денес земјата ни е депонија за разно разен опасен отпад од сите краишта на светот. За жал. За жал долго време стоиме во место, а зошто е тоа така? Нема еден и единствен одговор. Ако се направи многуслојна анализа на моменталната ситуација, без притоа да се биде некој што со многу надеж и добра волја ќе прави напор да биде оптимист, туку реално да се согледаат проблемите и слабите точки, да се видат вистински за во одреден момент да можат да се трансформираат, да се сменат, тогаш можеби има надеж. Ако има свест.

Така е како што е, да видиме како е, да не ја негираме или отфрламе реалноста, но и да најдеме начин како да одиме понатаму. Не сме само ние и не сме само тука (се смее, н.з)

Неодамна на социјалната мрежа Фејсбук отворено проговори за предизвикот со кој се соочуваш, со болеста. Дали мислиш дека човек некогаш може целосно да ја прифати болката или секогаш ќе има некој отпор?

– Прашањето е интересно конципирано…мислам дека болката по дефиниција е отпор…а тоа е веќе виша психологија, во смисла дека можеби отпорот е клучот за разбирање на тоа што значи да се расте …Растењето е себепознание. Емотивно, интелектуално, телесно.

Една мала дигресија, на далечниот Исток коа ќе речеш ОМ, тоа ти е како некоја формула за паѓање во трансцедентална состојба на достинување мир со себеси и со сѐ наоколу, а ако прашаш некој човек од Европа, прво ќе помисли на единица мерка за отпор (се смее, н.з).

Психолозите велат дека чувствуваме болка кога се казнуваме себеси за нешто, т.е. кога чувствуваме вина – свесно или несвесно.

Можеби оздравувањето почнува кога ќе се ослободиме од вината, а почнуваме да преземаме одговорност. И ова е нешто на кое малку се обрнува внимание – како лингвистички, така и етимолошки и психолошки, разликата меѓу тие две работи – вина и одговорност. Од „правилниот“ однос кон двете зависи квалитетот на нашиот живот.

фото-приватна архива

Во искрениот текст спомна за „тампон зона“ помеѓу тебе и „денот Д“. Дали оваа мисла ти носи некаква утеха или повеќе те вознемирува?

– Тампон зона…хм. Не знам дали ќе можам тоа да го кажам на наједноставен можен начин, без да закомплицирам непотребно – болестите порано ми биле секогаш како еден вид можност за одмор, во смисла телото секогаш наоѓа начин да те потсети на своето присуство, и кога тебе не ти текнува да запреш и да се замислиш кај си, што си, тоа ќе почне да ги праќа своите сигнали на болка.

Од моето досегашно искуство и менталниот напор да сфатам што ми се случува, болката ми е знак за некаква нерамнотежа која најчесто настанува како последица на нешто што ми е пред очи, а не го гледам, не можам, или не сакам да го видам.

Значи, се појавуваат некои непријатни осети или чувства, а јас поради стравот од соочување, или правење неточни претопставки што тоа би можело или не би можело да значи, одбивам да ги регистрирам, да им дадам значење.

Тогаш телото станува темпирана бомба за која не се знае кога или како ќе експлодира… всушност, болеста е таква експлозија.

Сѐ што му е потребно на човека во тие моменти е да прифати, да се смири и да преземе одговорност.

Поради мојата длабоко всадена потреба од мистицизам, склона сум кон тоа да верувам дека и болестите, исто така, можат да се набљудувааткако тајна. Нешто пред коешто треба да се молчи и да се испочитува. Да се влезе во својата „внатрешна соба“ којашто е скришна, и да се најде местото на срцето, и да се моли.

Оваа теорија за болеста мене ми е совршено јасна, но признавам дека кога почна периодот на карантинизација, па принудно боцкање, па забрана да се качуваш на Водно, среде ненормалната загаденост и затруеност на сите начини и од сите страни, кога таа планина за еден жител на Скопје била единствен излез и шанса малку да подишеш кислород, во еден миг ми проработеа паничните стравови дека сум жртва на геноцид, егзодус, и сите други можни архетипски и неархетипски фобии, и мислам дека тоа ми направи длабок внатрешен конфликт – се чувствував нечесно што јавно не го изразив своето несогласување, што потоа повлече за последица чувство дека сум лицемер, кукавица или само недоволно храбра да истапам од позицијата на жртва и да го изманифестирам својот гнев.

И ете, тој проголтан гнев, неповрзаноста со друите луѓе, атомизацијата на општеството, наглиот пораст на смрт на блиски луѓе, тријажата во здравството, суровата вистина дека сиромашните не можеа да си дозволат да си купат лекови или да си обезбедат лечење во некоја приватна клиника…сето тоа пред да се појави како болест некое време било длабок внатрешен судир и беспомошност.

Се сеќавам на некои текстови на Владета Јеротиќ каде што упорно повторува дека дефиниција за имунитет според СЗО (иако тоа сега веќе е дискутабилно), е психо-неуро-ендокрино-имунолошки систем!

Просто речено, во еден миг почувствував како да немам аура. Сите мои одбрамбени меанизми паднаа во вода, на сметка на тоа што моите црева почнуваа да бидат хронично воспалени. Од аспект пак, на еден верски опортунизам и тоа е ништо друго освен извонредна прилика од дното на своето постоење да крикнеш кон Бога – Помоооош!!! Притоа, не сум склона кон мазохизам и сите теории на заговор ми се само супер забава или цртан филм за возрасни, можност за вентилација на заробениот Ум.

Дали преку овој здравствен предизвик откри нешто што не си го знаела за себеси порано? Дали ти донесе некое сознание што не би го добила на друг начин? И како болеста ти го промени односот со себеси?

– Стисни го портокалот и што ќе излезе? Сок од портокал. Притисни го човекот и што ќе излезе? Затоа предизвиците се добри – ни даваат прилика да ја видиме содржината на нашето срце. Ќе се зачудиме колку во него има крокодили, трња, змии, амбиси, и сл.

Порано многу сакав да се поистоветувам со ликот на Јов – особено онаа ситуација кога сатаната му вика – Направи грев и умри! Грев или грешка во своето изворно значење претставува промашување на целта. И колку таа етимолошка демистификација на зборот може на човек да му го олесни талкањето низ лавиринтот на животот!

Лакот и стрелата може да бидат нашата волја, или некоја желба или фантазија… и честопати по остварувањето на некоја цел (желба) човек може да западне во депресија. Зошто? Затоа што после битката секој може да биде генерал! Но кога си млад правиш многу грешки заради незнаењето…а откако ќе остариш стекнуваш мудрост којашто е резултат на искуството и немало друг начин да се освои. А мудроста е една од најголемите добродетели, ако не и најголема.

Да, здравствениот предизвик ме смени во голема мера. На пример, подолг период се најдов во ситуација да чувствувам беспомошност. Претходно знаев теоретски дека тоа е најниската можна вибрација што може да му се случи на човек, улогата на жртва. Но, наеднаш сѐ што мислев дека знам падна во вода. Сфатив дека не знам ништо.

Можеби ова искуство ми било потребно за да научам да ја отпуштам контролата? И таа омилена еванелска фраза – Лекару, излечи се сам! Тоа може само ако во себе го освестиш Живиот Бог. По принципот „Направи сам“! Секој е ковач на својата среќа. Патот до исцелението е пат до Христа. И нема ниту милиметар простор за отстапка од мојата убеденост дека тоа е така. Истовремено сфатив дека не е ништо страшно човек да побара помош од другите луѓе.

На овој пат мноу ми помогна една жена – гинеколог од Канада, Кристијана Нортруп, не ја запознав лично, туку читајќи ги нејзините книги во кои таа зборува за сопствените средби со болеста, како и на нејзините (главно жени) пациентки.

Таа вели дека ние сме тие коишто го создаваме својот живот, а тоа значи и здравјето и болестите, и сѐ што оди во пакет со тоа. И прифаќањето на одговорноста за сопствениот живот е првиот чекор до оздравувањето. Уште вели дека нашето тело најдобро се исцелува кога живееме присутни во сегашноста – кога нашата вера, срцето и умот се во Единство.

фото-приватна архива

Како се менува односот со другите кога се соочуваш со вакви предизвици? Дали ти стануваат поблиски или, напротив, чувствуваш отуѓување?

– Па, тешко е да се генерализира одговорот или да биде да – не. Имаше и од едното и од другото, но јас се трудам колку што можам (а болеста ги смалува можностите!) да ги перцепирам тие работи со свесност, за да не упаднам во клише или образец кој би бил сума сумарум на минливите работи, воглавно полн со неточни (и невротични) претпоставки.

Еден период беше многу популарна фразата „Сѐ е е во главата!“ и стварно, реченицата многу помага кога ќе ти текне дека е така, дека ти си тој што ги создава своите емоции, ги мисли своите мисли и ги сонува своите сонови.

Па после тоа фразата беше малку модифицирана „Не е сѐ во главата, има нешто и во нозете“, се смее, нз). И понатаму сум длабоко убедена дека нашите односи со другите луѓе се проекција на нашиот сопствен однос со самите себеси – ако сме си туѓи и непознати на себе самите, така ќе ги перцепираме и другите. И обратно – колку повеќе сме Едно со себеси, толку полесно ќе биде за-едни-чарењето.

Сепак, признавам дека брзиот начин на живот, конзумеризмот, сѐ почестите војни и нивната нормализација, па дури и вештачката интелигенција и климатските промени, си го направија своето во областа на социјалната страна на човековиот живот.

И пак тука не знам дали „отуѓување“ е вистинскиот збор…можеби повеќе личи на дехуманизација и помрачување на колективното свесно (и несвесно) поле.

За моја среќа, во моментов се наоѓам во манстирот посветен на Пресвета Богородица, во селото Велјуса, каде што љубовта на сестрите и човечката топлина на христовото присуство има моќ да ја зацели и најголемата рана. Нема зборови да ја опишам мојата благодарност за тоа.

Што ако нема крај?“ – Што за тебе значи оваа мисла?

– Тоа е реторичко прашање, би сакала да можам да речам: о, да јас знам дека нема крај, знам дека има вечен живот и дека нема смрт, како во една песна на Ник Кејв “Death is not the end”, или како во поезијата на Леонард Коен, кога вели дека во сѐ има пукнатина и дека кога човекот ќе се скрши или ќе се прекрши, тогаш се појавува Светлината.

И дека не можеме да се бориме против мракот, дека единствен начин да излеземе од темнината е да го најдеме местото на срцето каде што секогаш, бар додека сме живи, гори едно пламенче. До последниот здив. Пламенчето е со нас да ни го осветлува Патот.

Не знам дали можеби телото е таа темнина (и како метафора и како реалност), и дали патот е всушност искачување на внтрешната планина, но на крајот на денот можам да се пофалам со фактот дека го искусив горкиот вкус на осамениот глас на некој што вапи во пустината, не срамејќи се да побара помош, без да звучи како моќниот звук на Пинк Флојд – is there anybody out there? Ете живееме во такво време кога градовите станаа поголеми и повистински пустини од самите пустини.

Ако можеше да му испратиш порака на твоето тело, што би му рекла?

– Телото е мапа на нашето минато. Би му рекла: Те сакам. Ти благодарам што беше со мене и сѐ уште си.
Телото е контејнер што ја носи во себе сета храна што сме ја изеле до овој миг, а сме ја изеле поради некоја навика. Сендвич, пица, компир манџа, торта, чоколадо, сладолед. Телото е онаа мала светилка што почнува да свети кога снемува енергија. Телото е сите наши емоции собрани на купче.

Кога сме во движење, телото наоколу фрла сенка, за којашто Јунг вели дека е сето она што не сакаме да го видиме во себеси. Стравовите, незадоволствата, неисполнетите желби.

Телото е животинче коешто копнее да биде припитомено. Телото е таинствен храм што никогаш нема до крај да го разбереме, но секогаш ќе биде отворен за нас. Во неговото средиште има срце каде што бог станува човек, а човекот бог. Извор на нашите најголеми болки, но и просветленија, радости и љубови.

Дали духовноста ја гледаш како патување или како состојба? Веруваш ли дека сите луѓе ја имаат истата можност за духовно будење или тоа е резервирано за малкумина?

– Духот нели, „дише кајшто сака“…Не верувам во детерминизам, од проста причина што знаеме дека вистинската љубов е безгранична и безусловна.

Сите се повикани да се спасат, исто како што се повикани да бидат луѓе, да растат во духот. А тоа е она што навистина нема крај.

Како го разбираш концептот на „јуродивството“ денес?

– Тоа кога ќе речеш денес…звучи како демек да си присутен во сегашноста, но некои поими или феномени се вонвременски и истовремено во голема мера условени од контекстот, како историски, така и идеолошки или политички.

Јуродивите по дефиниција се некои што се „луди заради Христа“…. а според моето досегашно искуство, ако во времето на Четџипити сѐ уште постои автентично христијанство кое не ја загубило својата изворна светлина на љубовта Божја тогаш тоа е сигурно некое јуродиво сведоштво на апофатичноста на Бог.

Ако можеш да дадеш само еден совет за животот, кој би бил?

– Кога ќе ја видиш светлината трчај!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button