Реклама
Нега и здравје

Највкусни замени за месо, јајца, сирење и млеко – намирници што ќе ви го олеснат постот + рецепт

Велигденскиот пост започна денес, на 3 март, и ќе трае 40 дена. Во овој период е важно да се внесуваат разновидни намирници за да му се обезбедат на организмот сите потребни хранливи материи. Со правилна исхрана, не само што ќе се придржувате до постот, туку и ќе го зајакнете имунитетот и ќе се заштитите од вируси и настинки.

Реклама

За време на Велигденскиот пост не е дозволено да се консумираат месо, јајца, млеко и млечни производи, односно храна од животинско потекло. Но, со правилен избор на намирници, постот може да биде здрав и балансиран начин на исхрана, без недостиг на важни хранливи материи и при тоа храната да биде многу вкусна.

Како да се замени кравјото млеко?

За време на постот, кравјото млеко може успешно да се замени со растителни алтернативи, како што се:

Бадемово млеко – богато со витамин Е и калциум, но содржи малку протеини.

Маркетинг

Mлеко од соја – има слична количина на протеини како кравјото млеко и најпрепорачлива замена е.

Оризово млеко – природно е слатко и богато со јаглехидрати, но нема многу протеини. Поради високиот шеќер, не се препорачува за дијабетичари.

Маркетинг

Кокосово млеко – има пријатен вкус и малку калории, но може да содржи карагенан, состојка која кај некои луѓе предизвикува дигестивни проблеми.

Како да се заменат месото и јајцата во исхраната?

Јајцата се богати со протеини и обезбедуваат енергија, додека месото е важен извор на протеини и железо. За време на постот, овие хранливи материи може да се внесат преку следниве намирници:

Хумус – хумусот го регулира нивото на шеќер и го штити срцето.  Наутот е составен дел на хумусот, и од него се прави. Наутот е одлична замена за месото бидејќи содржи протеини, витамини А, Б6, Б9 и Ц. Се верува дека една шолја има повеќе протеини од две големи јајца, а варениот наут има двојно повеќе железо од иста количина на месо.

Грав – една чаша варен грав содржи 18 грама протеини и 15 грама растителни влакна, што е повеќе од половина од дневната потреба, односно е одлична замена на месо.

Пасирана банана половина голема или една мала банана може да замени едно јајце. Може да ја ставите во печива.

Пире од јаболка – четвртина шолја (околу 65 грама) несладено пире од јаболка може да се користи како замена за едно јајце, особено во колачи и мафини.

Мелено ленено семе – Една лажица мелено ленено семе помешано со три лажици топла вода, оставено да отстои 10 минути, создава структура како гел, и е слично на јајце.

Тофу – производ од соја богат со протеини, кој ја презема аромата на зачини и сосови, идеален за пржење, печење или за на скара.

Печурки – шампињоните содржат протеини и железо, но во помала количина од месото.

Леќа -има големата застапеност на растителни протеини, јаглехидрати, витамини од В групата, како и минерали, особено молибден, железо, фосфор, манган, цинк и др. Богата е и со растителни влакна, а не содржи масти и холестерол.

Темпе – одлична замена за месо, станува збор за ферментиран соин производ со цврста текстура и оревест вкус, одличен за пржење и додавање во салати.

Леблебија – половина чаша содржи 7 грама протеини и 6 грама растителни влакна, а не содржи холестерол. Исто така, е одличен извор на железо.

За дополнителна енергија, вклучете ореви, ленено семе, семки од тиква и сончоглед, кои се богати со здрави масти и минерали.

Внимавајте на замена на сирењето

Иако на пазарот се нудат најразлични замени за сирење, посно е единствено сирењето од соја. Натписот „посно“ на многу намирници ќе донесе голем профит на продавачите, но многумина кои сакаат да го испочитуваат постот несакајќи ќе ги прекршат правилата.

Бидејќи поголемиот дел од „посните“ производи всушност не се посни, купувачите треба внимателно да ги читаат декларациите за да избегнат можни грешки.

Најголема забуна кај купувачите предизвикуваат растителните сирења, кои на декларацијата се означени како посни. Повеќето луѓе што постат веруваат дека овие сирења се посни, иако содржат казеин – состојка што се додава за да им ја даде потребната цврстина. Казеинот делува како стабилизатор и емулгатор, кој ја врзува водата од млекото и ја зацврстува структурата на производот. Без него, невозможно е да се произведе ниту „посен“ шлаг, ниту „растителна“ слатка павлака, поради што сите намирници и производи што содржат казеин не можат да се сметаат за посни.

сирење од соја, фото-пекселс

Посна мусака со компири, печурки и леблебија – совршен оброк за Велигденскиот пост

Овој рецепт е одлична замена за традиционалната мусака со месо, бидејќи користи печурки и леблебија како извори на протеини. Богата е со вкус и хранливи состојки, а истовремено е лесна за варење.

Состојки:

5 средни компири

200 г свежи шампињони

1 чаша варена леблебија

1 главица кромид

2 чешниња лук

1 морков

1/2 чаша доматно пире

1 лажичка мелен црвен пипер

1/2 лажичка сушено оригано

Сол и бибер по вкус

Маслиново масло (ако постите на масло)

За прелив:

1 чаша растително млеко (бадемово, сојино или кокосово)

2 лажици мелен наут (или леблебија)

Прстофат сол и куркума (за боја)

принтскрин јутјуб

Начин на подготовка:

Излупете ги компирите и исечете ги на тенки кругови. Потопете ги во солена вода 10 минути, а потоа исцедете ги.

Во тава загрејте маслиново масло (или малку вода), па додадете ситно сечкан кромид и лук. Пропржете неколку минути.

Додадете го ренданиот морков, ситно сечканите печурки и варената леблебија. Пржете 5-7 минути.

Додадете доматно пире, мелен црвен пипер, оригано, сол и бибер. Промешајте и оставете да се динста 5 минути.

Во огноотпорен сад наредете еден слој компири, па слој од филот со печурки и леблебија. Повторувајте додека не ги потрошите сите состојки, завршувајќи со компири.

За преливот, измешајте растително млеко, мелен наут (леблебија) и малку сол и куркума. Прелијте ја мусаката.

Печете во загреана рерна на 200°C околу 40-45 минути, додека горниот слој порумени.

Оставете да се излади неколку минути пред сервирање.

Совет: Може да додадете ситно сечкан свеж магдонос за дополнителен вкус. Одлично оди со свежа салата од зелка или спанаќ.

Добар апетит и лесен пост!

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button