Реклама
Вести

Најубави цитати за постот од светите отци: „Ако не јадеш месо, не „јади“ го и ближниот“

Велиш дека не јадеш месо. Но, внимавај да не го 'голташ' со очите она што го гледаш околу себе. Пости и со слухот свој не слушајќи озборувања и интриги. Каква ни е користа ако не јадеме месо и риба, а ги 'гриземе' и 'голтаме' своите ближни.

Реклама

Годинава, Велигденскиот пост започнува на 3 март и трае до најголемиот христијански празник – Христовото Воскресение.

За православните верници кои постат, овој период не треба да биде само воздржување од одредени видови храна, туку пред сè духовен подвиг, време на прочистување на телото и душата, смирување на срцето и приближување кон Бога.

Постот нè учи на трпение, смирение, покајание, милост и љубов кон ближните.

Маркетинг

Светите отци низ вековите нагласувале дека вистинскиот пост не се состои само во воздржување од јадење, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Во продолжение, прочитајте неколку нивни мудри зборови што ќе ви помогнат да го доживеете постот како духовно воздигнување:

Маркетинг

Свети Василиј Велики: „Не ја ограничувај доблеста на постот само на воздржување од храна. Вистинскиот пост не е само откажување од различни јадења, туку и откажување од страсти и гревови: да не му направиш неправда на никого, да му простиш на ближниот за навредата што ти ја нанел, за злото што ти го направил, за долгот што ти го должи. Инаку, не јадеш месо, ама го ‘јадеш’ својот брат.“

Свети Јован Златоуст: „Велиш дека постиш. Увери ме во тоа со твоите дела. А кои се тие дела? Ако видиш сиромав, подари му милостина. Ако се сретнеш со својот непријател, помири се со него. Гледаш ли на улица некое убаво лице, одврати го својот поглед од него. Значи, не само што постиш со стомакот, туку и со очите, ушите, рацете и нозете и со сите делови на телото. Рацете нека постат воздржувајќи се од секоја алчност и кражба. Нозете нека постат така што нема да одат по патиштата на гревот. Очите нека постат така што нема страсно да гледаат убави лица ниту со завист да гледаат на добрата на другите луѓе. Велиш дека не јадеш месо. Но, внимавај да не го ‘голташ’ со очите она што го гледаш околу себе. Пости и со слухот свој не слушајќи озборувања и интриги. Со устата и јазикот свои пости и воздржувај се од лоши зборови и шеги. Каква ни е користа ако не јадеме месо и риба, а ги ‘гриземе’ и ‘голтаме’ своите ближни.“

Свети Фотиј Цариградски: „Постот кој му е пријатен на Бога е оној кој подразбира покрај воздржување од храна и отстранување на секој грев, омраза, завист, озборување, несоодветни шеги, празнословие и други зла. Оној кој пости само телесно без да се труди во доблеста, личи на човек кој изградил убава куќа, но во неа живее со змии и скорпии.“

Свети Јован Лествичник: „Помошник и причина за целомудреност е тишината, а постот го гаси огнот на телесната похот. Долгото спиење понекогаш произлегува од прејадување, понекогаш од пост – кога постачите се гордеат со својот пост. Угодувањето на стомакот наведува на ослабнување на постот, а славољубието поттикнува да се покаже сопствената доблест. Кога стомакот гладува, срцето станува смирено. А кога му се угодува на стомакот, мислата станува горда.“

Свети Јефрем Сирин: „Уздата за страстите е постот, а умртвувањето на страстите е молитвата со милостина. Чувај се од она што е спротивно на доблеста. Зашто, ако постиш, но се смееш неразумно, лесно ќе се сопнеш. Од многу храна умот станува груб, а воздржувањето го очистува. Оној кој му угодува на стомакот се труди и се мачи околу тоа како да го наполни со јадења, а кога ќе јаде – се мачи да го свари јадењето. Воздржувањето, пак, го следат здравјето и бодроста. Молитвата и постот се прекрасни. Нив ги зајакнува милостината, бидејќи е речено: ‘Милост сакам, а не жртва.’“

Св. Јован Златоуст: „Не ни носи ли постот вистинско богатство? Секаде владее мир и спокојство; нашите домови се без врева, метеж и галама. Но, уште пред да влезе во домот, оној што пости го чувствува спокојството; и целиот град сведочи за истиот благословен мир што владее и во душите и во домовите. Навечер не се слушаат веселби на улиците, ниту дење се гледа суета и пијанство; нема расправии и гласни караници – сè е исполнето со голема тишина.“

Св. Николај Велимировиќ: „Со постот најпрво се стекнува телесна чистота, а преку неа и духовна чистота. Постот, молитвата и милостината се практичен израз на верата, надежта и љубовта. Од неумереноста во јадењето произлегува секоја друга неумереност. Постот го олеснува телото и духот од тежината и мракот. Телото станува лесно и живо, духот светол и бистар.“

 

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button