Во Синеплекс се прикажува четвртото продолжение од „Дневникот на Бриџит Џонс“, насловено „Бриџит Џонс – Луда по него“.
Дали вреди да го гледате филмот?
Малкумина знаат дека „Дневникот на Бриџит Џонс“ всушност е слободна интерпретација на култниот роман „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин, напишана од Хелен Филдинг во средината на 90-тите. Приказната беше толку автентична што од оригиналот останаа само неколку нитки – како ликот на мистер Дарси и уште неколку детали.
А сега, по две децении, Бриџит Џонс повторно се враќа на големото платно, во филмот „Бриџит Џонс: Луда по него“.
За што зборува филмот?
Бриџит Џонс сега има над 50 години и се соочува со една од најголемите загуби во својот живот. Марк Дарси (Колин Фирт) трагично загинал пред четири години за време на хуманитарна мисија во Судан, оставајќи ја Бриџит сама со нивните две деца и со огромната празнина што не може да ја исполни.
Таа не може да го остави минатото зад себе – секојдневно разговара со него, го „гледа“ во нивниот дом, и толку е затворена и тажна што дури и од дома излегува облечена во пижами.
Долгите ноќи во барови со пријателите сега се заменети со нивни посети во нејзиниот дом, каде што ја бодрат за да ѝ ја намалат нејзината неизмерна тага.
И кога се чини дека ништо не може да ја извлече од оваа состојба, филмот ја враќа Бриџит на работното место – таа повторно станува телевизиски продуцент. А истовремено, запознава и млад студент кој ќе ја внесе во неочекувани и возбудливи авантури. Но, вистинскиот избраник на Бриџит, секако, ќе биде сосема поинаков маж – многу налик на мистер Дарси.
Во познатото опкружување повторно се појавува и Даниел Кливер (Хју Грант). Неговото присуство е истовремено носталгично и комично – сега веќе во позрели години, тој има срцеви проблеми, но не се откажува од својот некогашен шарм и заводнички манири. Станува блиска поддршка на Бриџит и дури понекогаш ги чува нејзини деца, учејќи го синот како да направи коктел наречен „кокетна жена“.
Во филмот повторно се појавува и ликот на Ема Томпсон – нејзината улога како гинеколог е мала, но симболично важна, бидејќи претставува суптилна врска со класичната „Гордост и предрасуди“.
Билет за носталгија
Секако, не можеме да го очекуваме истиот ентузијазам што го доживеавме со оригиналниот филм пред две децении. Основната формула останува иста – една жена, двајца мажи, група верни пријатели и комична несмасност што и натаму ѝ дава посебен шарм на Бриџит.
Моментите на хумор се присутни, но некои шеги делуваат веќе видени, а одредени гестови, кои беа симпатични кај 30-годишната Бриџит, сега може да изгледаат несоодветно за нејзините години. Но, тоа се ситници во споредба со главното – филмот е создаден за оние што сакаат повторно да се сретнат со „старите пријатели“.
Оригиналниот „Дневник на Бриџит Џонс“ беше создаден во време кога луѓето сè уште купуваа книги, се смееја на политички некоректни шеги, а заводниците не беа симбол на изумирање на машкиот род, туку симбол на машката самодоверба. Денес, тие времиња делуваат далечни и носталгични.
Затоа, „Бриџит Џонс 4“ не е само уште едно продолжение – тоа е патување назад во поедноставно време, во кое можевме да се опуштиме без грижите што денес ги носи модерниот свет. Филмот потсетува на лесната атмосфера на 90-те и нуди шанса за мал одмор од бурните случувања во реалноста.
Совршен изговор да се соберете со пријателките, да се смеете, да се потсетите на минатото и – секако – да облечете нешто розово.