Лазар Бараков е еден од најдобрите македонски актери на многумина познат и по Македонските народни приказни.
Сите тие итроштини и народни мудрости беа прикажани преку генијалната игра на една фантастична актерска екипа, меѓу кои беа и Ѓорѓи и Шенка Колозови, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски. За Лазар ова се спомени за кои има незаборавни впечатоци.
Основно училиште завршил во во с. Мокрино, во пазувите на Беласица, во струмичкото подгорије. Гимназија завршува во Струмица. Но уште од мал ги сакал многу книгите, знаел да чита уште од пред да тргне на училиште, а љубовта кон пишаниот збор можеби подоцна и ќе биде пресудна за неговата професија.
Студирањето му било на различни места во различни држави, но како што самиот вели, факултетот го научил на ред, чистота на душата, војничка дисциплина. Пред Академијата, и пред да биде професионален актер, работел секакви работи! Неговата девиза е: Секој докажан актер, од било каква работа не треба се срамува… За сето ова, но и на многу други теми поразговаравме со генијалниот Лазар Бараков, а што сé ни откри ова „актериште“, прочитајте во продолжение…
Приватна архива
Прашање: Кога ќе се сетите на детството и родната Струмица, какви спомени Ви буди?
Основно завршив таму во едно село кај што сум роден, Мокрино, во пазувите на Беласица, струмичкото подгорје.
Потоа гимназија во Струмица. Уште од мал ги сакав многу книгите, знаев да читам уште од пред да тргнам на училиште. Во тие времиња за мене книгите беа таква радост, како во денешно време најскапите Ајфони на денешните деца.
Завршив гимназија неполнолетен, на прва положив приемен на глума на Белградска Академија, Од финансиски причини и авантуристички дух , после три месеци ја напуштив Академијата и заминав, тогаш по нашински наречен „трулиот Запад” да бидам Гастарбајтер, во првата најблиска дестинација, Австрија, Првиот впечаток ми беше како да стапнав на друга планета, а тоа бил „трулиот Запад“.
Прашање: Од кога се јави желбата за глума и од каде талентот за оваа професија?
После гимназијата што да студирам воопшто не размислував, тоа што го сакав несвесно ми беше врежано од школска и предшколска возраст. Како селско дете знаев сé да работам и не се плашев од било каква работа. Ние селските деца сме воспитани во спартански дух да на секоја препрека во животот нема бегање. Нашата девиза е: Што на ум, тоа на друм! Што било пресудно за да станам актер, не знам. Со таа мисла живеев , и кога нешто работев друго, мислата ми „клечеше“ таму во актерството, бидејќи со секоја прочитана книга и читање книги, сите ликови стоеја пред мене, живееја во мене…
Прашање: Интересно е Вашето студирање. Започнувате, па направивте пауза, па продолживте, па повторно пауза… Каков беше патот до Вашата диплома?
Студирањето ми беше на различни места во различни држави. По Белград, Австрија, па по две години продолжив во Софија. Тие години беа сиромашни, но авантуристички – сиромав , скромен живот со многу студентски другари од други земји во Софија.
Колегите-другари во студирањето ми беа од повеќе страни: Етиопија, Судан, Авганистан , Виетнам, Перу…
На Академијата бев на отсек глума другарите беа на кино режија и театарска режија. Културни деца, ја пеевме Интернационалата. Што се однесува до учењето, не беше лесно. Софиската Академија беше меѓу првите од светски ранг.
Строго, дисциплинирано и со часови, вежби од утро до мрак. На многу наврати се откажував, па пак се враќав. Некогаш бев многу фален од моите учители, но некогаш и куден. Па ќе фатев еден круг низ Европа како издувен вентил, па пак ќе се вратев… ми простуваа.
Крајот на трета студентска на Академија во Софија веќе имав дипломска претстава на голема сцена , ама решив во четврта да се префрлам во Скопје и тука да имам дипломска претстава и добив кај проф. Љубиша Георгиевски, која беше изведена во Драмски.
Најбитниот дел во студирањето ми беше да навлезам во суштината на тоа што сакам да го работам, бев фокусиран со мислите од утро до мрак, и кога сум во Академијата и надвор од неа, 24-часа бев опседнат со глумата, па еве, и сега, на овие години.
Приватна архива
Прашање: Што научивте од факултетот?
Факултетот ме научи на ред, чистота на душата, војничка дисциплина. Сега, кога си враќам филмот назад во студентските денови, гледам дека сум бил хипер-активен во работата. Не сум мислел дали сум гладен, најаден, ако ми минал денот исполнет не сум чувствувал глад, сум бил сит, духовно смирен, расположен… Не ме интересирало како сум облечен, како потстанар ќе бидам…
Такви времиња беа, гледав далекусежно во еден светол хоризонт – смеи, радости, убавини.., со празни џебови и боси, но полни со идеали.
Сакав да научам, не се замарав дали ќе оставам печат од мојата глума, дали ќе бидат исполнети моите соништа.
Често во сон сонував како летам сам и со авион. Факултетот е лек за простотијата, лек за депресијата. Тоа што ти го дал Господ, за да го покажеш треба и со сериозна работа да се поизмачиш, оти како што е народски кажано: „Без ука, нема наука“.
Прашање: Вие сте еден од ликовите што ги одбележаа Македонските приказни заедно со Ѓорѓи и Шенка Колозови, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски. Се сеќавате ли како дојде да играте во приказните и на првата снимена приказна?
Да, веќе и самиот сум уверен дека е така. Во МТВ , 1987-та година, така народски кажано, влегов на Голема врата.
Ја добив главната улога филмот „Марка”. На првата проекција на филмот, во Телевизијата , (иако после филмот заврши во бункер), ме забележал еден режисер од Турција, Ербил Алтанај.
И на една случајна средба и запознавање со него, во бифето во МНТ, а тој веќе режираше приказни, ми рече дека ќе ме предложи да бидам дел од екипата. Тогаш беа почетоците, првите блиски познанства со Колозов, Ванчо, Гоце, и најважно со тогаш главниот сценарист на приказните Димитрија Павловски – Денки. Сите спомнати се главните „виновници” да бидам неразделен дел од приказните.
И сето тоа стана некако спонтано, бевме толку сплотени во работата, како Божји кастинг од некоја виша сила, како што на Запад има една изрека; Вистински —Tim-arbeit!!!
Приватна архива
Прашање: Колку години бевте дел од Македонските народни приказни?
Во приказните на МТВ останав дваесетина години, со преку четиристотини приказни, кои, и јас сега сум уверен, дека навистина оставиле голем впечаток.
Прашање: Може ли да споделите некоја интересна случка при снимањето на Македонските народни приказни што Ви останала во сеќавање?
Впечатоци незаборавни има многу. Сценаријата се доставуваа или од претходниот ден од снимањето или на почетокот на денот на снимањето. Ќе се раскажеше набрзина приказната и најважното ќе се кажеше поуката од приказната, потоа ќе се распределеа улогите и секој да се снаоѓа на свој начин пред камера. Нешто текст, повеќе импровизација и така (не напишани во сценарио се појавија репликите во „Каскатиите”: „Вујко ми Лазар Бараков од Мокрино, поголем шпараџија и од мене и од тебе, на воздух живее, и чајот му е мрсен“. Или во „Скржавиот ерген”, каде Ванчо бара жена и ќе се жени ако најде жена која не јаде леб да не прави арч по дома! И кога се најде жената согласна на такви услови, стана збор за свадба, а Ванчо, од кај му текна, категорички извика: „Свадба нема! Вујко ми Бараков трипати се женеше, еднаш свадба не направи“.
Вакви и многу други реплики немаше во сценаријата, и јас како најмлад во „фамилијата” сите овие досетки ги „трпев“ на мој грб! Сето снимање и игра беше компактна, игравме како наивни деца, како во „Дванаесетта ноќ “ од Шекспир…
Приватна архива
Прашање: Покрај приказните сме Ве гледале и во бројни серии и филмови, што би одбрале кога би требало да бирате и што е потешко?
Актерската игра пред камера, дали серии или филмови , за мене е иста. Во театар е друга…
Прашање: Интересно за вас е и тоа што имате песна за вас од групата „Пеперминт“, каква беше Вашата реакција кога дознавте?
За Пеперминт, со Горан, за мене беше повеќе од изненадувачко бидејќи пред тоа лично не се бевме сретнале. Се знаеме само од медиумите. Ја напишал песната, ми се јави , дали ќе му дозволам да ја пушти, да ја чујам. Јас бев во себе убеден дека сигурно е нешто одлично, бидејќи од Пеперминт се’ што бев слушал секогаш беше од арно- поарно! Прво ја слушнаа моите деца, беа изненадени и восхитени. Му кажав слободно да оди во етерот. Немам зборови за такво искрено признание за моето сработено, тоа е за мене македонски Оскар, не само од Пеперминт, туку и од народот. Такво признание имам ненадејно добиено и од еден млад, но врвен ликовен, сликар, уметник од Кавадарци, Трајче Јованов – портрет со огромни димензии!
Сатисфакцијата за работа и животот ми иде од такви искрени души од народот, посебно од оние од нашиот напатен и работлив народ!
Прашање: Што прави Лазар во слободно време, имате ли некое хоби?
И хоби и радост ми е, и тоа уште од детска возраст, калемењето на диви овошки. И шетање во природа шетање со моите домашни, дворски миленици десетина кучиња донесени, вдомени од улица , мои најверни и прави лексилиуми.
Прашање: Знам дека ги обожавате книгите и дека во животот сте прочитале многу книги. Ја имате ли се уште оваа навика и дали можете да издвоите некоја книга што би ја препорачале?
Книгите сум ги сакал уште од пред школска возраст. Траен белег ми оставиле светските класици, кои секогаш се актуелни. Секогаш го препорачувам Михаил Булгаков , со „Кучешко срце”, и многу други.
Приватна архива
Прашање: Ако не бевте актер што ќе бевте?
Пред Академијата и пред да бидам професионален актер, јас сум работел секакви работи! Мојата девиза е – секој докажан актер , од било каква работа не се срамува, како мои блиски другари докажани актери.
Сепак , ако не бев актер, многу пати сум размислувал и секогаш заклучокот е дека нема што друго: пак ќе сум бил актер!
Со долгогодишната работа во Македонија, од државата не добив никаква награда, ниту пензија! Најпрестижната награда ја добив од народот со белег од групата ПЕПЕРМИНТ на Горан Трифуновски, наш популарен актер и музичар.
Прашање: Порака до младите актери?
Порака до младите актери – само работа и контрола врз себе! Секој што има вроден талент, а не ако си син „многу личен” и нечиј син на некој политички тато. Во овие сфери народот одлучува!
Или народски кажано : Со сила убавина не бидува!