
На 23 февруари 2025 година, со свечен настан во хотелот „Дабл Три Хилтон“ во Скопје, беше одбележана 120 години постоење на Ротари Интернационал.
Прославата беше во организација на Сојузот на Ротари клубови во Македонија.

– Ја одбележивме 120-годишнината на Ротари во светот – јубилеј кој сведочи за нашата заедничка мисија за „Служба над себеси“ и позитивните промени кои Ротари ги создава во светот. Јубилејот беше прославен со свечена пригода каде Ротаријанците од цела Македонија можат да се обединат, да споделат искуства, да се инспирираат од досегашните успеси и да ја потврдат нашата заложба за заедничко делување. Собраните средства донирани од јубилејната прослава ќе се искористат за проект за пошумување со медоносни растенија на територијата на Македонија“ – вели за гламур.мк финансиската експертка Сашка Костовска Длака, членка на Ротари и поранешна претседателка на Ротари клубот Скопје Камен Мост.

Настанот беше во формат на свечен коктел со пропратен дрес-код инспириран од 1930-те.
– Убава причина да се потсетиме на сјајот и гламурот пропратени со џез и на деценијата која беше позната по својот див стил, како и по новооткриената слобода што им се дава на поединците. И секако да се послужиме со свечената тоалета и соодветен накит од плакарите на нашите мајки и баби“ – објаснува Сашка Костовска Длака, и додава:


– Лично горда сум што сум член и поранешен Претседател на Ротари клубот Скопје Камен Мост од 2013 година и што можам да придонесам за остварување на Ротари мисијата во нашата заедница и пошироко, особено на полето на инвестиција во човечки потенцијал, каде нашиот клуб најмногу дејствува и влијае.


Потсетуваме, Ротари е започнато од едноставна идеја во Чикаго во 1905 година, од страна на Пол Харис и тројца пријатели кои се собрале за да формираат дружба на деловни професионалци, која прераснува во глобално движење од 1,4 милиони Ротаријанци во над 46.000 клубови ширум светот.
Веќе 120 години, Ротари е сила за добро, иновација и услуга, што докажува дека кога луѓето се обединуваат со цел, тие можат да го променат светот.
Ротари влијанието од овие 120 години се огледува преку бројните проекти како искоренување на детска парализа (Ротари заедницата во борбата против детска парализа ги намали случаите за 99,9% ширум светот, унапредување на образованието (милиони добија пристап до писменост и можности за учење), обезбедување чиста вода (илјадници заедници сега имаат пристап до безбедна вода за пиење), промовирање на мирот (над 1.600 Ротари мировни соработници се обучени за решавање на конфликти ширум светот) и зајакнување на заедниците – од помош при катастрофи до медицинска помош.