Скандал на Санремо – победникот Оли одби да оди на Евровизија, Италија ќе ја претставува друг пејач, еве ги деталите
Победникот на Санремо Оли се повлекува од Евровизија, Италија ќе ја претставува Лучио Корси.

Победникот на фестивалот Санремо, Оли, ја донесе конечната одлука – нема да ја претставува Италија на овогодинешниот Евросонг во Базел, Швајцарија.
Одлуката ја соопшти преку долг пост на Инстаграм, објаснувајќи ги причините што го натерале да се повлече.

Како што веќе најави на прес-конференцијата по неговата победа, Оли одлучи да не ги откаже закажаните настапи од неговата турнеја, кои се совпаѓаат со датумите на Евровизија (13-17 мај). Тој не сакал да ги разочара фановите кои купиле билети и ја поддржале неговата победа во Санремо со песната Balorda Nostalgia.
Зошто Оли се повлече?
Во својот пост, Оли нагласува дека сите кои ги консултирал му дале ист совет – да го следи своето срце и да остане верен на себе.
Иако е свесен дека учеството на Евровизија е шанса што можеби доаѓа само еднаш во животот, тој избрал да продолжи со настапите низ Италија.
„Сакав да им се заблагодарам на моите фанови на свој начин, без да го забрзам својот пат по секоја цена“, напиша Оли.
Наместо него, Италија на Евросонг ќе ја претставува Лучио Корси со песната Volevo essere un duro.
Поврзаноста со случајот на Анџелина Манго
Откажувањето на Оли веднаш потсети на сличната ситуација со минатогодишната победничка на Санремо, Анџелина Манго. Таа, исто како и Оли, ја има за менаџерка Марта Дона, а поучена од сопственото искуство, се повлече од јавноста по напорниот период на настапи и медиумски ангажмани по Евровизија.
Останува да се види како ќе се снајде Лучио Корси на најголемата музичка сцена во Европа, но едно е сигурно – Италија нема да остане без силен претставник.
Потсетуваме дека Македонија и годинава нема да има свој претставник на Евровизија 2025.