Реклама
Интервју

Интервју со д-р Блашко Димковски: Промоцијата на македонската народна носија, музика и танц е вистинската борба за Македонија надвор од нашите граници

Реклама

Разговараме со д-р Блашко Димковски, претседател на Македонски културен центар „Македонско сонце“ – Дизелдорф за негување на македонската култура и традиција во Германија, како и за концертите организирани во Германија на познатите македонски музички имиња „Некст Тајм“, Сања Лефкова, Андријана Јаневска, ДНК.

Претседател сте на Македонски културен центар ,,Македонско сонце“ Дизелдорф и во ваша организација се одржуваат концерти со познати музички уметници од Македонија, како изгледа да се организира еден таков концерт?

-Пред сѐ сакам да Ви се заблагодарам за можноста да раскажеме малку за нас Македонците во Германија, како и за нашите потреби како заедница. Нашето здружение е основано во 2023 година и, според моја проценка, е единственото здружение основано во последните години во Германија.

Маркетинг

Одржувањето концерти со познати македонски музички артисти е само една можност да ја слушнеме музиката и јазикот со кој повеќето од нас израснале, но и да ја претставиме на најмладите, кои се тука родени, за да знаат дека македонската песна е една од најубавите во светот, посебно кога се пее на македонски мајчин јазик, а и дека имаме врвни изведувачи кои по квалитет не заостануваат зад никој од германските или од светските артисти.

Маркетинг

Kој е патот да се основа македонско здружение во Германија и која беше мотивацијата за тоа?

-Нашата определба е негувањето на македонската култура и традиција во местото каде што живееме, конкретно во Дизелдорф и околината, затоа што Германија стана дом на многу наши луѓе кои што се преселија од Македонија со цел да обезбедат за себе и своето семејство подобар живот. Но, освен германизирање на цели семејства и социјализација во овој систем, а посебно на најмладите, не гледаме друга можност за наше културно сплотување освен преку членување и активност во граѓански здруженија од ваков карактер.

На ниво на Сојузна Република Германија сѐ уште функционираат дел од здруженијата формирани уште од првите доселеници од 70-те години, како и генерациите после тоа, а секако во подем е формирањето на црковни општини, бидејќи бројот на Македонците се зголемува како и нивната потреба за собирање во своја македонска црква.

Едно такво здружение мора да има Управен одбор, цврсто дефининиран статут и протокол за основање за да биде судски регистрирано, а исто така треба да има определен статус во управата за јавни приходи/финансии за Германија. Ова е, според мене, една од причините зошто не гледаме новоотворени здруженија, затоа што овие процеси побаруваат одлично познавање на законите и на јазикот, како и доследност во комплетирање на документацијата и контакт со властите. Секако, со желба и труд, и овие потешкотии можат да се надминат.

Во рамките на вашата програма основавте и фолклорна група, како Германците реагираат на нашата македонска народна носија и дали досега имате настапувано во Германија?

-За мене промоцијата на македонската народна носија, музика и танц е вистинската борба за Македонија надвор од нашите граници. Во денешно време, кога лесно се манипулира со податоци и информации преку Интернет, секој пробува да си присвои тоа што е најубаво за себе.

Така и ние мораме да си ги негуваме нашите традиции и нашата култура. Кога ќе излезат стројни Македонки и Македонци на бината и ќе заиграат во 7/8-ски такт, растреперува секое македонско срце и се топи душата… Благодарение на учителите и на луѓето од нашата околина кои биле дел од фолклорни групи од Македонија, како и на позајмување на оригинални носии од Вардарскиот дел на Македонија од заедницата во Берлин, ние за кратко време создадовме фолклорен ансамбл кој редовно е повикуван и настапува на настани во Германија.

Секако и Германците со воодушевување гледаат на тоа што се случува на сцената, затоа што, како што нашите велат – ,,тоа што е убаво и на Бог му е драго“.

Вие сте доктор-специјалист по трудова медицина со сопствена медицинска установа, како успевате да одговорите на овој повик, да имате време за семејството и сепак да бидете активни и да организирате настапи од ваков карактер?

-Јас дипломирав како доктор на Медицински факултен при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј,, во Скопје, Македонија, во 2007 година. Тука дојдовме со семејството во 2011 година. Работев во интерна медицина, како и долги години во психијатрија. Сепак се решив за специјализација по трудова медицина, гранка која во Германија е многу барана и е недостаточна.

По завршување на специјализацијата, сакав што побрзо да го спроведам моето стекнато искуство и знаење, па така се решивме со сопругата да отвориме своја медицинска установа која ќе врши услуги од оваа бранша.

По мое сознание, ова е единствената ординација по работна медицина од страна на доктор од балканските простори, па некои наши доаѓаат и од неколку стотини километри оддалеченост за да ги направат прегледите за работоспособност на својот мајчин македонски јазик како, на пример, прегледи за шофери, возачи на автобуси и др.

По мое убедување, за да се постигнат повеќе работи одеднаш, потребно е добра организација, но и верување во самиот себе и во своите способности. Да се биде свој на своето и да се реализираме во нашите потреби и желби треба да му биде приоритет на секого.

Промотивниот концерт беше минатата година со „Некст тајм“ и Сања Лефкова, а во ноември минатата година ви гостуваа и Наум Петрески и Зуица Лазова, што ќе ни кажете околу овие настани?

-Концертот на „Некст Тајм“ минатата година со претконцертна забава со Сања Лефкова и Дејан Здравков, во организација на „Македонско Сонце“ – Дизелдорф, е нашиот прв и промотивен концерт, со кој ние се претставивме на македонската јавност во Германија но и во Македонија. Со тоа сакавме да го измениме ‘мајндсетот’ на Македонците тука, и да покажеме дека може да се донесе и група од нивен калибар и да се организира сѐ што е потребно за да се има ниво на концертен квалитет како што има во Македонија.

Навистина таква организација воопшто не е лесна, но мислиме дека се исплатеше и дека Македонецот заслужува да има можност да се дружи и слуша најквалитетна музика која што доаѓа од Македонија.
Мило ни е што и други здруженија и приватни лица го следат нашиот пример и сѐ повеќе има можност да се гледаат најквалитетните музички изведувачи во Германија и можеме да се пофалиме дека сме првите кои успешно го направија тој чекор.

За разлика од другите балкански држави кои имаат силна дијаспора и ги организираат своите најдобри пејачи, ние сѐ уште го немавме достигнато тоа ниво на организираност.

Концертот на Наум и Зуица беше наш втор концерт изминатата година кој, исто така, беше многу успешен, на кој присуствување и Сузана Турунџиева со нејзиниот новинарски тим од „Алфа ТВ“ од Македонија, а настапи и нашиот фолклорен ансамбл, како и наши млади таленти од околината, кои имаа можност во Германија да се претстават на македонската публика.

Тука би ја споменал Тина Русева, која ја испеа македонската химна и ја отвори вечерта.

Викендов имавте одлични гости од Македонија во Германија, Андријана Јаневска и ДНК, каква беше атмосферата во Дизелдорф?

-Викендов имавме огромна чест да им пружиме гостопримство на нашата прекрасна Андријана Јаневска и Панчо и Андреј од ДНК, луѓето што нѐ вратија во минатото, но и во сегашноста, и што допринесоа секој од нас да се чувствуваме за момент како да сме на некој концерт во Македонија.

Пристигнаа во петокот, ги земавме од aеродромот во Дортмунд, се качивме на кулата Рајнтурм во Дизелдорф, која што со 240 метри височина претставува највисоката градба во Дизелдорф и десеттата највисока кула во Германија. Вечерта ја поминавте во еден познат македонски ресторан во Нојс, каде што Андреј и Панчо правеа тонска проба со децата, а во позадина се пуштаа нивните најголеми хитови.

Во саботата, вечерта ја отвори Андријана со македонската химна, нѐ почести со изведба на најголемите хитови од 90-те, нѐ растажи со песната ,,Ваташа“ во придружба на нашата писателка Илина Јаковчевска Јовановиќ и на крај кулминираше со неофицијалната химна ,,Заветна“ во придружба на Христина Ташкоска на виолина.

После паузата, ДНК ја кулминираше забавата сѐ до полноќ, во изведба на своите многубројни хитови ги придружуваше и Сања Лефкова, ја испеаја ,,Оди ѕвездо“ и имаа директно вклучување на Наум Петрески од Македонија, за накрај да се качи најмладата публика на бина и сите заедно да танцуваат до завршување на концертот.

Вечер за паметење, на наше огромно задоволство и неочекување најмладите ги пееја сите песни и рефрени, што покажува дека интересот за македонската музика дури тука, во Германија, сѐ уште тлее кај младите.

Кои се вашите идни проекти и што би им порачале нашите читатели?

-Нашата активност продолжува, приоритет за оваа година ќе ни биде играорната група, веќе учиме нови ора, и се надеваме за кратко време ќе може да настапиме повторно пред публиката. Би сакал да им посакам на сите да имаме убава мисла, да се сакаме повеќе како народ и да сме повеќе активни на тоа поле, колку силна заедница ќе имаме сепак зависи од нас самите. Поздрав до сите и до некое наредно видување.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button