Арена „Борис Трајковски“ крцкаше од ѕвезди – ова се наградените на „Златна бубамара на популарноста“
За хуморот се погрижија Сашко Коцев, Тино Костадиновски и Жарко Јовановиќ.

Синоќа по 28 пат се одржа „Златна бубамара на популарноста“, а арена „Борис Трајковски“ беше преполна до последно место.
На бината, на самиот почеток се појави сопственикот на радио Бубамара и организатор на настанот „Златна бубамара на популарноста“, Ранко Петровиќ, а потоа низ сцената продефилираа бројни познати личности.
За музичката забава се погрижија Сашо Гигов Гиш, Ди-џеј Гоце Саф, диско парот Зорица Поп Панкова и Ана Петановска, Перо Христов, Тино и Атанас, Дарио, Некст тајм и Слаткаристика, Калиопи, Игор Џамбазов, Сузана Спасовска и други, а Казухиро Котецу пристигна на Златна бубамара од Јапонија и ја зеде наградата амбасадор на македонска култура.
Битолскиот камерен оркестар ја доби статуетката за најпопуларен оркестар во 2024, Ана Петановска ја доби наградата за најперспективна млада пејачка, а честа да ѝ ја врачи оваа награда, по цели 26 години, ја имаше Сашо Гигов – Гиш.
Заедно го отпеаја безвременскиот евергрин „Моја гитара“, предизвикувајќи емотивни реакции кај публиката.
Дарио освои награда за трајни музички вредности, К-15 награда за 30-години јубилеј, сликарот Миро Масин ја доби наградата за трајни вредности во уметноста, Сузана Спасовска – исто така, за трајни музички вредности, хитот на годината 2024 припадна на Некст тајм и Слаткар (Океани), спортска легенда – Илија Најдоски, за етно концерт 2024 наградата отиде кај Ансамбл Стефче Стојковски, а за поп концерт кај Калиопи.
Калиопи ги собра статуетките и за пејачка на годината 2024, како и за албум. Ѓорѓи Јолевски ја доби наградата актер на 2024, а актерка на годината 2024 е Дарја Ризова.
Муарем Сербезовски доби награда за животно дело. Писател на годината беше прогласен Тихомир Јанчовски, а наградата за рок група и рок концерт 2024 ја добија Меморија.