
Американски авион „Галфстрим“ слета на московскиот аеродром Внуково, предизвикувајќи цунами од шпекулации дека администрацијата на Доналд Трамп ќе започне сеопфатна дипломатска кампања со цел да се стави крај на тригодишната војна во Украина.
Неколку часа подоцна и Белата куќа и Кремљ објавија дека официјални лица од двете земји не се сретнале. Трамп ја условува натамошната помош за Украина со договор за ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари.
Авионот „Галфстрим“, кој полетал од Вашингтон на 10 февруари и слетал на московскиот аеродром следниот ден, му припаѓа на специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, јавуваат американските медиуми.
Американскиот претседател леташе токму со овој авион во најмалку два наврати во 2021 година и минатата година, на пат на конференција во Орландо и во декември кога со него полета на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз.
Прв се огласи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој објасни дека „нема информации“ за пристигнување на американски пратеник и дека нема планови за средба меѓу официјални лица од двете земји.
Неколку часа подоцна, во авионот се качил Марк Вогел, американски учител кој беше во руски притвор поради наводен шверц на дрога.
Сепак, американски и руски претставници се сретнале во текот на денот во Москва, како што пренесуваат америкаснките медиуми, по разговорите меѓу американската амбасадорка Лин Трејси и заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Детали од оваа средба не беа објавени, но политичките аналитичари оценија дека тоа се редовни активности на дипломатите од двете земји.
Летот со „Галфстрим“ на специјалниот пратеник за Блискиот Исток се совпадна со бранот шпекулации за можниот почеток на, прво тајните, а потоа и јавните преговори меѓу САД и Русија со цел да се стави крај на војната што беснее повеќе од 1.000 дена.
Зад сцената – за мирот, ретки минерали, поделби и оружје
Трамп за време на предизборната кампања вети брз крај на војната во Украина, но во исто време му постави на Киев предуслови за продолжување на американската воена помош, според кои Киев ќе плаќа за ново оружје со ретки елементи, чиј пазар е во голема мера контролиран од Кинезите.
– Украина може или не може да се согласи со договорот. Можеби еден ден тие ќе бидат Русија, можеби не – рече Трамп, нагласувајќи дека во секој случај Америка сака да види „профит од инвестициите во Украина“.
Трамп, исто така, изјави за телевизиската мрежа Фокс дека е направен неверојатен напредок во поставувањето на сценографијата за идните мировни преговори, наведувајќи дека на лидерите на владата во Киев им кажал дека помошта ја условил со тапија на околу 500 милијарди долари вредни ретки минерали.
– И во суштина се согласија, така да во најмала рака не испаѓаме глупави. Им реков дека треба да добиеме нешто за возврат. „Не можеме да продолжиме да даваме толку многу пари“, рече тогаш Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски понуди ретки елементи(минерали) како дел од „Планот за победа“ уште во октомври, но останува нејасно дали Киев ќе ги замени за оружје или ќе им ги продаде на Американците по повластени цени.
На почетокот на неделата, сепак, тој најави серија посети на високи американски функционери на Киев, а потоа и средба со потпретседателот Џ.Д.Венс за време на Минхенската безбедносна конференција.
Средбите на различни нивоа ги потврди и Песков, кој пред десетина дена изјави дека „има контакти меѓу различни ресори, кои во последно време се интензивирани“.
„Не можам да ви дадам повеќе детали“, рече Песков.
Најавата за трампа „минерали за оружје“ беше силно критикувана од германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, кој го нарече потегот на Трамп „себичен“, наведувајќи дека природните ресурси треба да се зачуваат за повоената реконструкција на Украина.
Речиси истовремено, Русија ги објави условите под кои ќе биде подготвена да ги запре операциите во Украина, вклучително и повлекување на украинските сили од „руските региони“, повлекување на Киев од членството во НАТО, демилитаризација и денацификација на Украина и воспоставување на неутрален статус на земјата.
Кремљ, исто така, го спомена укинувањето на санкциите наметнати на Русија од Запад во последните три години како дел од мерките што ќе доведат до траен мир.