Владо Јаневски пријатно ги изненади фановите – „моето срце реши да сум твој засекогаш“
Владо ќе има настап во Скопје во повод денот на вљубените.
![](/wp-content/uploads/2025/02/vlado.jpg)
Пред три години, популарниот музичар, пејач и текстописец, Владо Јаневски од Скопје се пресели во Гевгелија.
Минатата и предминатата година, Јаневски одржа повеќе концерти во Скопје и еден во Охрид за да ја одбележи 30-годишната музичка кариера.
Нова песна од Владо излезе на почетокот на годинава, но свој спот доби сега.
Јаневски е автор на музиката и текстот на песната „Твој засекогаш“, а аранжманот е на хрватскиот композитор Никша Братош. Песната е снимена во студиото „НБ“ во Загреб и во скопското студио „Ентерпрајс“ на Валетино Скендеровски, а зад видеото се потпишува „Томато продукција“.
„Колку само сакам да ме засакаш, моето срце реши да сум твој засекогаш“, пее Владо во новата песна.
Погледнете го спотот и уживајте во Твој засекогаш.
Потсетуваме, на крајот на минатата година продукцијата „Авалон“ објави дека претстојниот концерт на Владо Јаневски, којшто требаше да се одржи на 27 декември, ќе биде презакажан за напролет (2025) поради здравствени проблеми на пејачот, но и поради одредени технички причини.
„Ве информираме дека поради вчерашна, новонастаната здравствена состојба на Владо Јаневски, после која нема 100 процентна сигурност дека ќе биде способен да го одржи закажаниот концерт на 27 декември во СЦ Јане Сандански, како и други одредени технички причини кои ги има овој проект во моментов, заедно со Владо донесовме одлука концертот да се одржи во период март – април 2025“, пишуваше во соопштението на „Авалон“.
Сега пак, судејќи според новиот спот, пејачот изгледа дека е во совршена форма.
Владо ќе има настап во Скопје во повод денот на вљубените, во клубот „Интермецо“ со почеток од 20 часот.