Со Анета Николова за агресивноста и бихевиоралните проблеми кај милениците – како кај кучето се моделира несаканото однесување и кои се заблудите на сопствениците
Ако сопствениците на кучиња инвестираат во социјализација и ран тренинг на милениците, би се избегнале 90% од несаканото однесување и немилите настани со кои се соочуваме секојдневно.
![](/wp-content/uploads/2025/02/gl-1-689x470.png)
Анета Николова е доктор по ветеринарна медицина, бихевиорист, тренер за кучиња и овластено лице за вршење на тест за социјализација и агресивност на кучиња.
Повеќе од 20 години им помага на луѓето да ги решат бихевиоралните проблеми на нивните кучиња.
Со Анета разговараме на актуелата тема за агресивноста на кучињата, што се бихевиорални проблеми и дали се чести, која е разликата меѓу дресура и бихевиорален тренинг и зошто е важно да се подигне свеста кај сопствениците за потребата од вложување на одговорност и исполнување на обврските кон миленикот.
![](/wp-content/uploads/2025/02/aneta-2.jpg)
Што се бихевиорални проблеми кај кучето?
– Тоа се проблемите во однесувањето, како на пример: реактивност, агресивност, сепарациона анксиозност, стравови, фобии, бранење на ресурси, несоцијализација и сите проблеми кои произлегуваат од неа и слично.
Дали овие проблеми се чести?
– Да, многу чести. Пречести за жал. Главната причина според мене е немањето навика кај нас со кучето да се работи задолжително додека е младо, да се постават основите на социјализацијата уште додека кученцето е во леглото.
Тука се истакнува одговорноста на одгледувачот за раната социјализација на кучето. Потоа новиот сопственик, кој честопати не е доволно информиран со што се сретнува кога ќе земе младо кученце во својот дом.
На пример, раса и нејзини карактеристики, но и условите за живот соодветни за таа раса. Потоа, потеклото на кучето. Педигрето не е само доказ дека неговите потомци биле „шампиони“ на изложби. Тоа треба да гарантира здравствени и расни карактеристики на тоа куче. Агресивни родители, често знаат да дадат агресивни потомци. Многу карактерни особини се наследни, иако и стекнувањето на истите има големо значење.
Понатаму, многу нови сопственици го сметаат за смешно ржењето и лутењето на малото кученце. Изгледа слатко и безопасно. Но дали ќе биде така кога ќе направи 2 години и 40 килограми? Не ги препознаваат раните знаци на несаканото однесување, па и не ги решаваат навреме.
Зошто е важно да се работи со секое куче?
– Ако појдат на часови за социјализација и ран тренинг, ако тоа е задолжително кај нас, би се избегнале 90% од несаканото однесување и немилите настани со кои се соочуваме секојдневно.
Проблемите со однесувањето, како реактивноста, агресивноста и сепарационата анксиозност се причина број еден за напуштање на кучињата во светот и кај нас.
Затоа имаме огромен број на улични „расни“ кучиња.
Дали е едно исто дресура и бихевиорален тренинг на едно куче?
– Кај нас сите сметаат дека тоа е исто, но има огромна разлика.
Дресурата е дисциплина во која кучињата учат трикови и команди, тоа помага кучето да може да биде полесно контролирано од сопственикот. Најчесто кучето се остава кај дресерот и се враќа „издресирано“. Но дали сопственикот е доволно едуциран да продолжи да работи со такво куче? Не. Луѓето некако сметаат дека ако се издресира кучето ќе го добијат дома програмирано и ќе може секој да го командува. Многу брзо сфаќаат дека тоа не функционира така и кучето не ги слуша нивните команди.
Бихевиоралниот тренинг и групните часови кои јас ги работам го вклучуваат и сопственикот и тука на едукацијата на сопственикот се дава големо значење, а кај кучето се моделира несаканото однесување и се учи ново.
Ваквиот пристап вклучува запознавање со целата историја на кучето, условите во кои живее, како се храни, начин на функционирање и буквално се што е поврзано со него. Така се осознава каде настанал проблемот кој го решаваме и се решава од корен. Не можеме само да го маскираме со нови трикови. Мора проблемот да се реши.
Како ветеринар и бихевиорист имам можност да вклучам одредена терапија онаму каде е потребно за да му се овозможи на кучето да го намали стресот и да може да прифати учење на нови работи
Зошто е важно да се подигне свеста кај сопствениците за потребата од вложување на одговорност, време и исполнување на обврските кон миленикот?
– Многу често се среќавам со сопственици на кои им било кажано дека ова куче не мора да се шета, дека ова куче е само за во раце и дека не треба да се пушта со други кучиња за да не го валкаат, често има такви што сметаат дека кучето доволно се истрчува бидејки имаат голем стан или двор и не мора да го изнесат надвор.
Други мислат дека нема потреба да работат со него затоа што е мала раса и не е опасно, а најчест случај е толку мала раса да покаже агресивно или реактивно однесување.
Мора да знаат дека СЕКОЕ едно куче е КУЧЕ и има потреба од комуникација со надворешниот свет на своите четири нозе и со својот вид и да му бидат исполнети основните потреби, како и соодветно воспитување или тренинг ако сакаат да биде здраво и среќно.
Затоа едукацијата на сопствениците за мене е првиот чекор за повисоко ниво и култура на одгледување и чување на кучиња и помалку бихевиорални проблеми кај истите.
Каков е начинот на работа и зошто ваквиот начин на работа е прифатен како најдобра пракса во светот?
Групните часови се поефективна опција поради многу причини:
Прво, кучињата се социјализираат и учат да работат и да слушаат во услови на дистракции, надвор ,на отворено, во присуство на многу други кучиња и луѓе, минувачи и сл.
Повеќето сопственици велат – дома е супер, се ме слуша, ама надвор како да не постојам. Токму затоа го одбрав овој начин и сум единствена кај нас што го работи ова.
Друго, јас зборувам многу и едукацијата на сопствениците за мене е основна во овој курс.
Работиме заедно и ги подготвувам сопствениците за подобро функционирање и живот со миленикот.
Понатаму, правам специфична програма за работа и вежби за дома за секое куче согласно проблемите кои ги појавува.
Го ревидирам целиот начин на кој живеат и функционираат и ги корегираме грешките, значи целосно се внимава на благосостојбата на кучето и на сопственикот и правиме тоа да биде хармонично функционирање понатаму.
Курсот трае 5 недели и има многу дружба, многу комуникација, решавање на ситуации, заедничка работа и на крај пријателство во групата, што особено ме радува. Луѓето знаат да искоментираат дека ова е уникатно животно искуство бидејки во секоја една група внесувам и душа и срце за да добиеме успешна приказна на крај.
Кога сме веќе кај успешните приказни, многу совети и едукациони видеа, најави за нови вебинари и нови курсеви како и важни факти за освестување и осознавање на оваа тема можете да најдете на моите инста, јутјуб и фејсбук канали на следниов ЛИНК.