Реклама
Нега и здравјеТрендови

За и против лекот Оземпик за драстично слабеење: проф. д-р Искра Битоска детално ги објаснува предностите и недостатоците

„Оземпикот не е регистриран за третман на дебелина без дијабетес. Постои во аптеките кај нас и често пациентите го земаат на своја рака. Но, постои и друга формулација која е наменета само за третман на дебелина, без дијабетес. Тој лек е достапен во нашата земја и ние, лекарите, го препишуваме“ - вели проф. д-р Искра Битоска.

Реклама

Во последно време, лекот Оземпик (активна состојка: семаглутид), првично наменет за третман на дијабетес, стана популарен меѓу познатите личности ширум светот, како средство за слабеење.

Славни личности како Опра Винфри, Кристина Агилера, Шерон Озборн, Ејми Шумер и многу други ѕвезди, драстично ослабнаа со помош на овој лек, а некои од нив и јавно зборуваа за нивното искуство со Оземпик во процесот на брзото слабеење.

Шерон Озборн изјави дека доживеала постојано гадење и иритација на стомакот, додека Ејми Шумер сподели дека се чувствувала толку слабо што не можела да си игра со својот син.

Маркетинг

Во Македонија, Агенцијата за лекови и медицински средства предупреди дека Оземпик е регистриран исклучиво за третман на возрасни пациенти со дијабетес тип 2 и не треба да се користи за слабеење без медицинска индикација. Употребата на овој лек без соодветна препорака може да доведе до несакани ефекти како намалување на нивото на шеќер во крвта, повраќање, дијареа, болки во стомакот, запек и мачнина.

Сепак, за убавина некои и би ги поднеле овие симптоми.

Маркетинг

На оваа сѐ популарна тема, разговараме со проф. д-р Искра Битоска од ЈЗУ Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетис и метаболички нарушувања.  

ГЛП 1 рецептор агонистите (ГЛП1-РА) означуваат нова ера во третманот на дебелината. фото: проф.д-р Искра Битоска, приватна архива

Современиот начин на живот, кој вклучува работа во седечка позиција, брза храна и стрес влијае на сè поголемиот број луѓе кои се соочуваат со ендокринолошки проблеми. Кои проблеми се најчести меѓу пациентите предизвикани од модерното време и кои се првите симптоми на тие нарушувања?

– Најчеста последица на денешниот начин на живот е дебелината. Дебелината и според Светската здравствена организација е препознаена како болест која сама по себе е основа за над 200 други болести и компликации.

Хроничниот стрес, брзата храна и недостатокот на физичката активност доведува до зголемување на бројот на дебели луѓе до степен на епидемија.

Дебелината, односно наталожените масни наслаги, го сочинуваат најголемиот ендокрин орган во човечкото тело. Тие се метаболно активни, произведуваат свои хормони и ензими, кои, пак, доведуваат до нарушување на хормонска рамнотежа.

Најчестите нарушувања се предијабетес и дијабетес, нарушена репродуктивна оска кај жените следена со нерегуларни циклуси, проблеми со бременост, тироидни нарушувања, понатаму кардиоваскуларни болести (срцеви и мозочни инфакрти), зголемен процент на различни карциноми, нарушувања во коагулација на крвта итн. Значи, дебелината е болест и како таква треба да има соодветен третман.

Во последно време, гледаме дека Оземпик и сличните GLP-1 агонисти стануваат моден тренд меѓу славните личности и инфлуенсерите. Како делува Оземпик на слабеењето, на кој начин доаѓа до забрзано губење на килограми?

– ГЛП 1 рецептор агонистите (ГЛП1-РА) означуваат нова ера во третманот на дебелината. Тој е аналог на хуманиот ГЛП, хормон кој се лачи нормално во тенкото црево како одговор на храна, но за 2-3 минути се разградува.

ГЛП 1-РА е добиен со рекомбинантна ДНК технологија во клетки од една габа. Тој делува, зависно од формата, од 24 часа до една недела.

Ефектите на овој лек се многубројни, но најбро видливи се – намалување на телесната тежина, затоа што делува на цревата при што забавува ресорпција на храна со што се зголемува чувството на ситост.

Базично е наменет за лекување на пациенти со дијабетес тип 2 кој е лошо регулиран, како надополнување на исхраната и физичката активност, затоа што, пред сѐ, доведува до намалување на нивото на шеќерот во крвта. Но, поради другите ефекти, го употребуваат и луѓе кои немаат дијабетес.

Колку е безбедна оваа практика кај луѓе кои немаат дијабетес туку сакаат само да ослабнат? Кои се најчестите несакани ефекти од користење на овие поткожни инјекции? Дали постојат долгорочни ризици?

– Постојат повеќе формулации на ГЛП 1 РА. Оземпикот, формула која се дава еднаш неделно, е наменет за третман на дијабетес и оправдана е само таа индикација, значи дијабетес во комбинација со дебелина.

Но постои и друга формулација која е наменета само за третман на дебелина, без дијабетес. Тој лек, кој постои во нашата земја и ние, лекарите, го препишуваме, се вика Саксенда (Saxenda), исто е во групата на ГЛП 1 РА и се аплицира еднаш дневно. Само тој е индициран за лекување на дебелина без дијабетес, кај нас.

Што се однесува до несакани дејства како и секој друг лек, постојат, и се наведени во упатството на самиот лек. За долгорочните ризици, ќе оставиме на времето да покаже.

Дали пациентите кои користат вакви медикаменти треба да внимаваат на спореден хормонален дисбаланс, како, на пример, проблеми со тироидната жлезда или репродуктивните хормони?

– Овие лекови ја намлуваат телесната тежина, и со самото тоа делуваат на подобрување на хормонската рамнотежа. Секако, не смеат да се земаат на своја рака.

Дали Оземпикот, односно Семаглутидот, се достапни во Македонија и под кои услови може да се добијат –достапни се само за дијабетичари, или и за лица со зголемен вишок на килограми кои сакаат да ослабат?

– Достапни се. Оземпикот е заштитно име, Семаглутидот е хемиско. Значи истата супстанца е. Оземпикот не е регистриран за третман на дебелина без дијабетес. Инаку, постои во аптеките и често пациентите го земаат на своја рака.

Новите истражувања сугерираат дека GLP-1 агонистите не влијаат само на телесната тежина, туку и на зависностите, на пример, дека се ефикасни во намалување на конзумација на алкохол, откажување од пушење и компулсивно јадење. Што покажуваат вашите искуства од пациенти и дали би можеле овие лекови да се користат за третман на зависности во иднина?

– Овие лекови делуваат на многу зависности затоа што спектарот на делување е доста широк, но се додека нема потврда за овие индикации од регулаторните медицински тела, не смееме да ги препишуваме за било што останато.

Само да напоменам дека оваа група на лекови, независно од дијабетесот и дебелината, имаат и ново индикационо подрачје, а тоа се кардиоваскуларните болсти и хроничната бубрежна болест, каде може да се препишуваат и кај пациенти без дијабетес.

Овие лекови ја намлуваат телесната тежина, и со самото тоа делуваат на подобрување на хормонската рамнотежа. Секако, не смеат да се земаат на своја рака. Фото-приватна архива

Што е со јо-јо ефектетот, постои ли после земање, на пример, на Оземпик, по драстичното топење на килограмите?

– Кај обезните луѓе, потребна е и психолошка поддршка. Неопходно е да ја вратат контролата во исхраната. Доколку се вратат на старите навики, јо-јо ефектот е неизбежен., килограмите брзо може да се вратат. Со промената на телесната тежина, треба да се случи и промена на начинот на живот, промена на исхраната, на „мајнд-сетот“.

Се развива и орален облик на Оземпик, како и нови алтернативи, на пример, Mounjaro (тирзепатид), за кој читаме дека е уште поефикасен за пациентите со дијабетес, но и за слабеење. Дали се применуваат нови алтернативи кај нас и дали очекувате во блиска иднина нови, подобри опции за пациентите?

– Орална форма на Семаглутиде постои кај нас повеќе години. Тоа е Rybelsus, во таблетарна форма која се прима на секојдневна основа.

Тирзепатиде е комбинација на ГЛП РА и еден друг хормон кој го има во нашите црева и се лачи како одговор на храна, ГИП ( гастроинтестинален пептид). Има подобар ефект во намалувањето на телесната тежина од Семаглутидот и е наменет за третман на дебелината. Достапен е во САД, Канада, Австралија и само неколку земји во ЕУ. Се надевам дека наредните години ќе биде достапен и кај нас.

Постојат уште неколку формулации и комбинации кои се сѐ уште во експериментална фаза, но независно за каков лек станува збор, неопходен услов за намалување на телесната тежина е балансирана и редуцирана исхрана следена со физичка активност!

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button