Познати Македонки кои го победија ракот – „позитивноста е клучна во најтешките моменти“
Денес, 4 февруари, е Светски ден за борба против ракот, па се навраќаме на храбрите приказни на неколку познати Македонки кои се изборија со канцерот.
Многу познати личности успешно се избориле со ракот, служејќи како инспирација за многумина.
Меѓу светските ѕвезди, позната е приказната на Долф Лундгрен. Познатиот актер, најпознат по улогата во „Роки 4″, се соочи со рак на белите дробови. По деветгодишна борба, тој објави дека е излекуван и изрази благодарност за поддршката што ја добил.
Шерил Кроу е уште една ѕвезда која го победи канцерот. Пејачката беше дијагностицирана со рак на дојка во 2006 година. По успешен третман, таа продолжи со својата музичка кариера и стана активист за свесноста за ракот на дојка.
Во 2003 година, актерот Роберт Де Ниро беше дијагностициран со рак на простата. Благодарение на раното откривање и третман, тој успешно го победи ракот и продолжи со својата актерска кариера.
Актерката Кристина Аплгејт беше дијагностицирана со рак на дојка во 2008 година. По двојна мастектомија, таа се излекува и стана гласен поддржувач на раното откривање на ракот.
Во 2010 година, актерот Мајкл Даглас објави дека има рак на грлото. По интензивен третман, тој објави дека е победник на канцерот и се врати на актерството.
Овие примери покажуваат дека со рано откривање, соодветен третман и поддршка, можно е да се победи ракот.
Светскиот ден на ракот, кој се одбележува на 4 февруари, е потсетник за важноста на свесноста, превенцијата и поддршката за оние кои се соочуваат со оваа болест.
Македонски хероини
„Позитивноста е клучна!Мораш да бидеш позитивен! Не можеш само да кажеш „имаш канцер“ и да продолжиш како ништо да не се случило. Позитивниот став е она што носи сила и надеж во најтешките моменти.” – рече Лила во октомври минатата година во подкастот Зрак со д-р Марина Вукашиновиќ.
Легендата на македонската песна, Виолета Томовска, го победи ракот на дојка и оттогаш, како што вели, не сака да мисли на болеста.
„Мислам само на позитивни работи, главата колку што можам ја полнам со позитивни мисли, се дружам со семејството, пријателите и им помагам со совети и поддршка на заболените од канцер. Без оглед дали станува збор за рак на дојка и на други органи или за други болести, заболениот човек треба да расчисти сам со себе и да ги избегнува негативните емоции“ – рече своевремено Виолета во едно интервју.
Убавицата од Гевгелија, Ана Брзанова (26), не само што го победи ракот на лимфните жлезди, туку набргу потоа се подготви на изборот на Мис на светот (кој потоа поради ковидот беше одржан онлајн).
Младата и убава Ана одеднаш се соочи со опаѓање на косата поради хемотерапиите и губење на килограмите. Во тие мигови нејзина светлина ѝ биле нејзините родители, но и таа самата.
„Се борев за секое ново утре, се борев за непроживеаните најубави години, се борев за сите убавини кои следат во животот“ – ни откри Ана.
Својот 18 роденден како и матурската вечер, Ана ги прославила со перика, и премногу слаба, но оттогаш нејзиниот личен став за убавината е дека ако ја бараме доволно напорно, можеме да ја најдеме во секого. „Убавината е во окото на човекот, и кого ние го сметаме за убав ги одразува само нашите сопствени вредности“, вели таа.
„Втората лекција во тие тешки моменти е токму тоа, гледам и не ми се верува кој во најтешкото останал покрај мене, колку многу од тогашните „пријатели’’ се повлекоа, и колку од нив останаа“, открива искрено Ана и додава дека научила многу од таа нејзина борба со ракот.
Александра Шијакоска, една од најпознатите македонски модни инфлуенсерки, минатата година сподели радосна вест на социјалните мрежи.
„Некогаш далечен и недостижен сон, денес реалност“, напиша таа на Инстаграм, мислејќи на болеста која ја победи.
Пред три години, убавата млада девојка беше дијагностицирана со тумор на мозокот и имаше неколку операции.
„Ако некој ми кажеше дека на 29 години ќе се борам со тумор наместо да патувам, да се радувам со пријателите и саканите, или да гледам деца, ќе му се изнасмеев. По неколку дена плачење и прашување зошто јас, размислив за сè што ми се случило. Господ ме спремал за ова, ме челичел, и јас го знаев тоа, го чувствував“, сподели Александра на Инстаграм.
Набргу потоа објави дека е бремена, а денес е среќна мајка и сопруга, и успежна жена.