Мишел Трајковски никогаш не е сам, секогаш е во најубаво друштво – не нѐ чуди што пролетта веќе пристигна во Македонија
Музичарот Мишел Трајковски е неуморлив.
Овојпат Мишел ни ја носи пролетта (ти благодариме Мишел!) со ново инструментално дело насловено „Spring Jazz” (Пролетен џез).
Друштво му прави легендарниот Дамир Имери, кој внесува џез елементи во композицијата, па така пролетта ни доаѓа во неверојатен етно-џез ритам.
„Ви го претставувам новото инструментално дело со наслов ‘Spring Jazz”. Во соработка со единствениот Маестро Дамир Имери, кој со неговите џезерско – фраерски моменти даде силен белег на ова парче музика“ – напиша Мишел на објавата.
Инаку, Мишел Трајковски моментно е посветен на подготвување на нов инструментален албум кој ќе вклучува големи имиња од балканската музичка сцена.
Хармоникашот и инструменталист Трајковски во последниот месец на минатата година го видовме и во улога на пејач. Многумина останаа вчудовидени од неговите вокални способности кои досега не ги покажуваше.
Заслуга за неговото запејување има глумицата Јана Стојановска, со која ја снимија песната „Весник“.
Во разговор за Гламур.мк, Мишел искрено открива:
„За време на процесот на создавање на ова музичко парче кое беше токму подготвено за интерпретација на Јана го добив единствениот услов. Или ќе се сними песната како дует или останува во некоја нотна тетратка.
Секако со задоволство прифатив за прв пат досега да бидам дел од една вокална приказна. Признавам, беше голем предизвик за мене. А исто така Јана беше и главниот иницијатор за да го создадам текстот. Со нејзината умешност за поставување на точни параметри и насоки на движење“.
Потсетуваме, песната „Весник“, како што ни објасни Мишел, е прва песна од проектот насловен “Forevergreen project” кој ќе потсетува на едно старо, но волшебно време, во кое се создавала квалитетна музика.