Гламур интервју со Калиопи Букле
Калиопи Букле е нашата македонска поп дива, вокален изведувач, композитор текстописец која четири децении е на врвот на нашата македонска поп сцена. „Обои ме” , „Црно и бело” , легендарната „Бато” , „Дај да пијам”, „Дали ме сакаш” и уште многу многу хитови зад себе, говорат за она што Калиопи го има како музички багаж во својата кариера. Таа важи за еден вонсериски уметник од светски калибар, кој покрај извонредните вокални способности во рамките на поп-музиката, изведува и компонира музика за филм, театар и балет.
За соработката со нејзиниот прв сопруг Ромео вели дека е континуирана и без престан. „Секогаш идеите, верувањата и желбата, се тие кои ни го трасираат патот до студиото. Кога имаме што да си кажеме еден на друг (музички), знаеме дека сме спремни истото да го споделиме и со другите. За овој албум имавме мотив плус – нашата годишнина од почетокот на оваа вредна соработка, која трае долги 40 лета – додава Калиопи во интервјуто за Гламур кое целосно може да го прочитате во продолжение.
Прашање: Поминаа неколку месеци од Вашиот соло концерт во Арената „Борис Трајковски“. Гледано од оваа дистанца какви се впечатоците и емоциите?
Времето бргу поминува, но сеќавањата од 19.10.2024 се свежи, како вчера да беше концертот кој на сите ни донесе огромна радост.
Прашање: После толку години на поп сцената, после толку хитови, награди, голем број соработки, концерти овде и надвор, што би си кажала Калиопи на себеси?
„Добро е што сѐ добро испадна…”
Прашање: Се сеќавате ли како започна Вашата музичка приказна?
Постојат два музички почетоци. Едниот уште како дете, во 1976 год, кога пеев на фестивалот “Златно славејче”, момент кој понатаму го одредува мојот едукативен музички развој и вториот, во 1984 год. , кога го запознав Ромео Грил, со кој започнува мојата југословенска поп-рок музичка кариера и го одредува мојот животен пат.
Прашање: Во еден период интензивно работевте во Србија, во Босна, Црна Гора и во Хрватска. Како се чувствувавте пред тамошната публика и медиуми?
Уште од самиот почеток на мојата кариера сум присутна на овие простори. Сме работеле и секогаш ќе работиме, бидејќи тоа е една нераскинлива врска, базирана не безбројните хитови и евергрини кои со Ромео ги создававме низ времето. Тамошната публика секогаш ме дочекува со раширени раце, многу возбуда и почит. Се чувствувам сакана и среќна.
Прашање: Достигнавте и голем успех со музиката за балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, има ли некои Ваши емоции пренесени во ова дело?
Секогаш намерно или ненамерно, се случува моментот на имплементирање на свои лични емоции и доживувања, во текот на процесот на творење. Создавањето на уметност, не е само состојба на умот, емоциите го имаат првиот и последен збор.
Прашање: Какво е Вашето мислење за денешната поп сцена и имаме ли ние талентирани пејачи и што е тоа што фали за да имаат успешни кариери?
Моето мислење јавно би го кажала, евентуално, кога веќе мојата кариера не би била активна. А доколку младите пејачи би побарале совет од мене, никого не би вратила од мојата врата.
Приватна архива
Прашање: Со Ромео после подолго време, по многубројните издадени синглови, направивте албум, кој што доживеа голем успех. Како дојде до тоа и како беше додека работевте во студио, кој го има последниот збор?
Ние работиме континуирано, без престан. Секогаш идеите, верувањата и желбата, се тие кои ни го трасираат патот до студиото. Кога имаме што да си кажеме еден на друг (музички), знаеме дека сме спремни истото да го споделиме и со другите. За овој албум имавме мотив плус – нашата годишнина од почетокот на оваа вредна соработка, која трае долги 40 лета .
Прашање: Колку Ромео е истиот Ромео со кој бевте во брак и колку е променет? И што е тоа што најмногу го почитувате кај него?
Во суштина тој е непроменлив, но она што е сменето се некои негови навики, однесување… Имам чувство дека е помек, потрпелив… Позабавен!😊 Но веројатно и моите лични промени довеле до тоа, заедно да растеме одново во тој наш свет на споделување. Особини кои најмногу ги почитувам кај него се – доследноста, мудроста, човечноста и професионалноста.
Прашање: Пако е вашиот заеднички син. Како е тој и колку следи се што создавате и дали имате некои сугестии од негова страна?
Пако е нашиот најголем извор на инспирација и доживотно огледало на она што сме.
Приватна архива
Прашање: Загубата на родител е многу тешка, Вие бевте многу блиски со Вашиот татко. Кој е најдобриот совет од него што ќе го паметите секогаш?
Тато беше силна и влијателна фигура во мојот живот, која остави многу одговорени, но и неодговорени прашања зад себе… Неговиот најдобар совет кој што го имам добиено, се зборовите кои ми биле најпотребни да ги чујам, во исклучително големо премрежија во мојот живот: „Сине, не постои нерешлив проблем.”
Прашање: Вие сте една од ретките што плените со својот природен изглед, харизма и често пати објавувате фотографии и без шминка. Како се негувате и дали сте поддржувач на естетските корекции?
Веројатно поради мојата преокупираност со нештата кои за мене, се од посуштинско значение, не размислувам многу на оваа тема. За мене, барем досега, најважен еликсир на младоста биле активноста, креативноста и радоста кои истите ја будат во мене.
Приватна архива
Возбудата е таа што ме подмладува. Мојот силен дух. Не сум против оние кои се одлучуваат за естетски корекции, тоа е право на личен избор. Но јас преферирам природност и природно стареење.
Прашање: Што Ја прави среќна Калиопи а што најмногу ја иритира во секојдневието?
Секојдневно среќна може да ме направи и огревањето на сонцето. А најмногу ме иритира неправдата и ограниченоста.
Прашање: Зад Вас имате два брака, а интересно е и тоа што и со Васил и со Ромео останавте во добри односи. Но дали Калиопи повторно може да се вљуби и што за Вас значи љубовта?
А кој рече дека не сум вљубена? 😊 Јас секојдневно се вљубувам во нештата кои што животот ми ги дарил. Мојот живот е сам по себе љубов.
Прашање: Што правите во слободно време, имате ли некое хоби или некоја активност што Ве опушта?
Фотографијата е мојата најголема пасија по музиката. А многу сакам и да готвам. Тоа исклучително ме опушта.
Прашање: Кое е Вашето животно мото?
Што е мое ќе си дојде.