CelebrityИнтервју
Trending

Отсекогаш сум бил посветен и пожртвуван татко, полн со љубов – искрено со Дарио Панковски

Скопје отсекогаш бил мојот град, град кој беше асоцијација за град со посебен и оригинален дух, ентузијазам, преубав ноќен живот, модерни и убави градски луѓе и непишани правила на урбано однесување, етика и естетика- вели Дарио за Гламур

Реклама
Реклама

Да бидеш 45 година активен на поп сцената и да имаш континуитет и скоро секоја песна да ти е хит навистина е голем успех. Кога ќе се спомне, „Здравје Боже“, „Косоока“, „Дупла вотка“, тогаш е јасно дека станува збор за еден од нашите најдобри македонски поп изведувачи Дарио Панковски, познат и по легендарниот состав Дарио и Миг-21. Дарио ПанковскиНеуморен, секогаш полн со енергија и вечно млад во душата, тој низ годините ги освои срцата на љубителите на поп музиката и се уште со секој нов хит ги освојува….

Приватна архива

Кога ќе се спомне Скопје како роден град што е тоа што Ви е најголема асоцијација за градот во кој сте израснале и што е Скопје според Вас?

Скопје отсекогаш бил мојот град, град кој беше асоцијација за град со посебен и оригинален дух, ентузијазам, преубав ноќен живот, модерни и убави градски луѓе и непишани правила на урбано однесување, етика и естетика. Намерно велам БЕШЕ, затоа што од сето претходно набројано, Скопје во последниве деценија-две се претвори во безличен град дух, во еколошки, архитектонски, морален, културолошки и урбан смисол…на моја голема жалост.

Во кој дел од Скопје го поминавте детството, какви спомени Ви буди?

Јас потекнувам од скопски Млин Балкан, некогашна улица бр.220, подоцнежна Киро Крстевски-Платник.

Маркетинг

Приватна архива

Тоа е улицата позади диспанзерот Идадија во срцето на Скопје, карши Дебар Маало на која и денес се наоѓа уметничкото училиште, а сеуште е тука и мојата градинка во која одев како мал. Паметам дека во градинка бев најуредното дете, облечен во бела кошулка со тегет кравата на ластиче и панталони со ивица, а за да не се извалкам или изгужвам, никогаш не си играв во песокот и земјата како останатите деца. Подоцна се преселивме во тогаш новоизградената и модерна населба Карпош 3 каде што тргнав во прво одделение, ги минав детството и младоста, а каде што и ден денес живеам со моето семејство.

Веќе 45 години сте на македонската поп сцена, првин со „Бон-тон“ па со „Миг 21“ за потоа да почнете соло кариера. Се сеќавате ли на овие години?

Тоа е премногу долга приказна, но сосема накратко, се собравме тројца најдобри другари од детството и во тинејџерските години решивме да основаме бенд и да создаваме сопствени авторски песни. Бендот го крстивме „Бон-Тон“ бидејќи бевме фино воспитани градски деца, а иницијалната причина беше таа, да бидеме популарни и омилени кај девојките. Класична универзална бендовска приказна врз која се основани и најголемите светски бендови.

Маркетинг

„Здравје боже“, „Косоока“, „Дупла вотка“ и многу други се само дел од Вашите хитови кои и ден денес се пеат. Останавте доследен на Вашиот стил на музика сите овие години, од оваа дистанца, задоволни ли сте и дали нешто би промениле кога би можеле?

Дефинитивно сум задоволен, а и како не би бил кога мојата музичка приказна трае веќе четири и пол децении, што е вистински раритет на нашиве простори.

Приватна архива

Што е потребно за да се опстои толку време на естрадата и да се создаде име?

Огромна љубов и опседнатост со музиката, непресушен ентузијазам, големи откажувања и самопожртвуваност и можеби пред се’, тешко објаснива упорност и истрајност и кога е најтешко.

Покрај тоа што сте изведувач, вие сте и текстописец. Од каде дарбата за пишување и пеење ?

За мене не важи онаа стандардна приказна за наследување на талентот од семејството, генетика и слично. Јас едноставно од нигде никаде, без посебно музичко образование, почнав да пишувам песни и текстови по формирањето на мојот прв бенд. Музиката и текстовите само извираа од мене како една уметничка, емотивна поплава и со текот на годините тоа прогресираше со поголема сериозност и длабочина.

Приватна архива

Оваа година после долга пауза се појавивте на „Макфест“ со песната „Засекогаш млад“. Како се случи да настапите и му недостига ли нешто на „Макфест“ од она време кога бевте и вие дел од него ?

Нормално дека мене ми недостасуваа многу работи затоа што јас многу добро го познавам „Макфест“ во неговиот зенит, во неговата најголема популарност и сјај, но верувам дека на младиве учесници им било апсолутно прекрасно, што е и нормално. Сепак, се’ во свое време.

Како да се остане „засекогаш млад“ во душата?

Многу едноставно, се’ е во главата и во погледот на свет.

Имаме ли млади надежни пејачи на естрадата и што мислите за македонската поп сцена, а и новите музички трендови кои се присутни ?

Млади и надежни пејачи секогаш имало и ќе има. Прашање е само колку од нив ќе се реализираат, ќе се издвојат со својата оригиналност, ќе бидат упорни низ годините и ќе успеат.

Јас сепак не сум музички критичар за да ја оценувам мак естрадата туку сум дел од неа, а за музичките трендови нема потреба да се дискутира, се работи за различни вкусови.

Колку е потребна поддршката од партнерот за вашата професија?

Поддршката од партнерот е од исклучителна важност во секоја професија, па и во оваа каде што има многу патувања, снимања, отсуства, контакти…

Приватна архива

Улогата на родител е најтешката улога во животот , каков татко е Дарио и колку е задоволен од она што се денес Вашите деца?

Отсекогаш сум бил посветен и пожртвуван татко, полн со љубов за моите деца, постојано ги гушкав и бакнував кога беа мали, па дури и денес кога се веќе осамосталени и реализирани.

Апсолутно сум задоволен од тоа во какви личности се оформија, иако не секогаш ги разбирам нивните размислувања и идеи.

Времињата се менуваат, ништо не е како порано, што е тоа што ви недостига од минатите времиња, а што е тоа што Ви пречи денес?

Премногу широка тема за разговор. Во два збора кажано, има доста работи кои ми недостасуваат, но многу повеќе работи кои денес ми пречат.

Приватна архива

Како би се опишале себеси со неколку збора?

Реализиран, спокоен, независен, задоволен и среќен со тоа што го имам.

Кој е најдобриот совет што сте го добиле и од кого?

Што е мое ќе си дојде, животен совет.

Имате ли некое хоби или нешто што го практикувате да се релаксирате и ги полните батериите?

Релаксирачки прошетки на планина и возење велосипед во природа.

Приватна архива

Се плашите ли од нешто?

Не размислувам нешто посебно на таа тема, а и зошто би?

Ако имате моќ што би направиле или промениле?

Би го претворил Скопје во најчистиот град на светот без отпадоци, а оваа мала земја би ја претворил во Швајцарија, само прво треба да се сменат луѓето…оние кои не го чуваат и чувствуваат овој град за свој, а сакаат да живеат во него и оние кои со децении го „водат“, го крадат и го лажат овој напатен народ.

Кое е вашето животно мото?

Здравје боже, ништо друго не треба!

Со оглед на возраста сеуште изгледате добро, на што се должи тоа. Која е тајната?

Убава мисла во главата, умерени желби во животот, паметна исхрана и многу физичка активност.

Како ви почнува денот имате ли некој посебен ритуал?

Многу овошје, природни цедени сокови, лесно вежбање и музика.

И дали наскоро можеме да очекуваме нешто ново од вас?

Секогаш, порано или подоцна.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button